1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

РС го усвои Изборниот закон, со ултиматум од седум дена

Драган Максимовиќ
29 март 2024

Националното собрание на РС усвои заклучоци со кои се бара повлекување на измените во Изборниот закон на БиХ наметнати од високиот претставник Кристијан Шмит. Беше усвоен и Предлог-ентитетскиот изборен закон.

https://p.dw.com/p/4eFyO
Милорад Додик и Кристијан Шмит БиХ
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик и Високиот претставник, Кристијан Шмит

Маратонската, на моменти болна расправа во Народното собрание, на која се пееше, се навредуваше по најниски основи, се вршеа закани, се претвори во усвојување на Предлог-изборниот закон на-  Република Српска.  Како одговор на наметнувањето измени во државниот закон од страна на високиот претставник Кристијан Шмит, законот дефинира дека изборите за  органите на власта во РС  ги спроведуваат Републичката изборна комисија, градските и општинските изборни комисии и изборните комисии назначени од надлежните органи на Република Српска.

„Со изборните закони се утврдуваат изборни единици и систем на поделба на мандатите, со кои се обезбедува дека сите општини се соодветно застапени во Народното собрание на Република Српска, а во членот 71, став 4, се предвидува дека изборот и престанокот на мандатот на пратениците и формирањето на изборните единици е регулирано со закон“, рече првиот човек на Клубот на пратеници на СНСД, Игор Жуниќ, образложувајќи го законот.

Сатлер против Додик

Со стапувањето во сила на законот, нема да се применуваат одредбите од Изборниот закон на БиХ кои го регулираат изборот на пратеници на Народното собрание на Република Српска, делегати на Советот на народите, претседател и потпретседател на РС, делегати на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ од РС, советниците на градското собрание, советниците на општинското собрание, градоначалници на градот, началниците на општини, именување на органи за спроведување на изборите за законодавна, претставничка и извршна власт во РС.

Шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер
Шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, предупреди дека Централната изборна комисија на БиХ и понатаму ќе биде надлежна за изборниот процесФотографија: Vera Soldo/DW

„Новина во однос на актуелниот закон е регулирањето на изборот на делегати во Домот на народите во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина од Република Српска и заштитата на избирачкото право, со што се предвидува дека оваа заштита ќе ја обезбеди, покрај органите за спроведување на изборите и Врховниот суд на Република Српска," рече Жуниќ, наведувајќи дека јавната расправа ќе се спроведе во рок од 15 дена.

Пред усвојувањето на законот, реагираше шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, кој предупреди дека Централната изборна комисија на БиХ и понатаму ќе биде надлежна за изборниот процес.

„Целосно е јасно дека Централната изборна комисија е надлежна за изборниот процес и така ќе остане и во иднина“, изјави Сатлер, што предизвика реакција од претседателот на РС Милорад Додик.

„Јас велам дека нема да остане. Може да остане, но под услов лажниот висок претставник да ги повлече своите одлуки или Домот на народите да ги отфрли одлуките на високиот претставник. Потоа можеме да се вратиме во Претставничкиот дом и да разговараме за изборниот закон“, рече Додик.

Опозицијата е против

Опозицијата остро се спротивстави на процесот за донесување на ваков важен закон, бидејќи, како што велат, за него се расправа истиот ден кога им е доставен. Небојша Вукановиќ, шеф на Клубот на пратеници на Листата за правда и ред, вели дека законот и` дава уште поголема контрола на владејачката коалиција во изборниот процес.

„Затоа што разработивте шеми како да ги контролирате градските и општинските комисии, да ставите свои луѓе. Затоа се плашите од скенери и фер избори. Тоа е вашата најголема закана. Овој предлог што ни го дадовте не вреди да се коментира“, рече Вукановиќ.

Пред Изборниот закон, Националното собрание донесе и заклучоци со кои бара меѓународната заедница да ги повлече измените на Изборниот закон на Босна и Херцеговина донесени од високиот претставник. Заклучоците ги поддржаа само пратеничките групи на партиите собрани околу СНСД.

Во заклучоците се бара „колонијалната администрација да ги поништи  сите одлуки на Кристијан Шмит во рок од седум дена“ Доколку тоа не се направи, НСРС бара што поскоро да се одржи седница на Парламентарното собрание на БиХ, што би ги прогласило сите одлуки на Шмит за незаконски и неважечки, а најавено е и блокада на работата во државните институции, како и повлекување од коалицискиот договор на државно ниво.

Рок од седум дена

„Народното собрание на Република Српска бара од колонијалната управа во рок од седум дена да ги поништи сите одлуки на Кристијан Шмит, кој лажно се претставува како висок претставник. Доколку не се исполни првиот заклучок, Народното собрание на Република Српска бара што поскоро да се одржи седница на Парламентарното собрание на БиХ на која сите одлуки на Кристијан Шмит, кој лажно се претставува како висок претставник, да бидат прогласени за незаконски и ништовни“, се наведува меѓу другото во заклучоците.

Исто така, се бара на властите на БиХ да им се забрани да ги применуваат тие одлуки и веб-страницата на ОХР да биде прогласена за неприфатлива и незаконско место за објавување на актите. Доколку овие барања не се исполнат, од избраните претставници од РС се бара да престанат да носат одлуки на ниво на БиХ и „да не се враќаат на тој процес“.

Република Српска во Бања Лука, БиХ
Националното собрание на Република Српска во Бања Лука, БиХФотографија: D. Maksimović/DW

Во своите заклучоци, Националното собрание бара од политичките партии од Република Српска кои се во партнерство со политичките партии од Федерацијата на ниво на БиХ формално и суштински да го напуштат тоа партнерство. Во текот на дебатата Додик најави можност за напуштање на коалицијата со партиите на Тројката и од коалицијата со СДА, доколку нивните барања бидат прифатени.

„Да го раскинеме партнерството со партиите со кои сме во партнерство и да им понудиме на другите бошњачки структури, на пример на СДА, да склучат договор што ќе овозможи ново време“, рече Додик, на што стигна одговорот од СДА.

СДА остава можност за соработка?

„Сѐ што значи деструкција, судир со меѓународната заедница, напад на уставно-правниот поредок, кочење, блокади, СДА нема да прифати. Се разбира, би прифатиле евентуална конструктивна реконструкција што би го забрзала  напредокот на БиХ на патот кон ЕУ.  Но, не би рекол дека Додик го нуди тоа“, изјави Бакир Изетбеговиќ.

Одговорот на Тројката исто така дојде брзо, иако малку нејасно. Претседателот на Нашата партија, Един Форто, на социјалните мрежи сподели фотографија со лидерот на СДП, Нермин Никшиќ и првиот човек на НиП, Елмедин Конаковиќ.

„Само работа“, напиша Форто во описот на сликата.

Извесно е дека усвојувањето на ентитетскиот изборен закон, како и заклучоците со кои се поставуваат ултиматуми поради техничките измени на Изборниот закон дополнително ќе ја продлабочат кризата,  особено што официјална Бањалука во овој поглед има поддршка од ХДЗ БиХ и Драган Човиќ. Барем во делот што се однесува на одлуката на високиот претставник.

Шмит: „Човиќ нека се смири“

„Без никаква потреба високиот претставник наметнува 114 измени на Изборниот закон со кои се поништуваат сите позитивни ефекти на нашиот европски пат... Затоа ги повикувам сите носители на власта, без разлика на нивното различно размислување за наметнатите одлуки, во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина и највисоките демократски стандарди, легитимно избраните претставници да носат одлуки и да ги водат политичките процеси во Босна и Херцеговина“, вели Човиќ.

Меѓутоа, Шмит имаше порака за Човиќ и Додик, кои ги повикал на разговор.

„Човиќ треба да се смири. Ова не е крајот на патот кон ЕУ, ова е само почеток. Го повикувам и него и Додик да седнеме во Лакташи, Мостар или Сараево и да разговараме како возрасни. Со мене може да се разговара, иако понекогаш и јас можам да реагирам бурно“, изјави Шмит за сараевската телевизија „Фејс“.