1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Експлозии кај мостот на Крим: Нападнат руски танкер

СН/агенции
5 август 2023

Според извештаите на медиумите од Русија и од Украина, во близина на Кримскиот мост се случиле неколку експлозии. Во Москва се говори за напад на украински беспилотни летала во кој бил погоден и танкер.

https://p.dw.com/p/4Uo4q
Мостот преку Керчкиот теснец, кој го пповрзува полуостровот Крим со континентална Русија
Мостот преку Керчкиот теснец, кој го пповрзува полуостровот Крим со континентална РусијаФотографија: AP/dpa/picture alliance

Украински беспилотни летала погодија руски танкер во Керчкиот теснец, при што накратко беше запрен сообраќајот на стратешкиот мост што го поврзува Крим со Русија, објавија руските медиуми. Бродот е оштетен и на местото пристигнале два шлепери, објави руската агенција Тасс, додавајќи дека нафта не истекла од бродот на кој имало 11 луѓе.
Како што пишува „Москау тајмс“, станува збор за танкерот за транспорт на хемиски супстанции- СИГ, кој бил под санкции поради тоа што ги снабдувал со гориво руските сили кои му пoмагале на режимот на Башар ал Асад за време на војната во Сирија.

Контрадикторни извештаи

Украинските медиуми јавија за три експлозии во близина на мостот меѓу полуостровот на Црното Море- Крим и континентална Русија, кој е под руска контрола. Се вели дека мостот бил целосно затемнет во текот на ноќта и затворен за сообраќај. Руски функционер во регионот негираше директен напад врз мостот. „Повторувам, немаше директен напад врз мостот на Крим, ниту пак имаше експлозија во непосредна близина“, изјави Сергеј Крјучков, цитиран од руските агенции.

Infografik Karte Krim-Brücke DE

Повредени се неколку членови на екипажот

Според руските медиуми сообраќајот на Кримскиот односно Керчкиот мост бил во прекин три часа пред да биде обновен рано утринава. Керчкиот мост е единствениот мост кој го поврзува полуостровот со Русија и се користи за транспорт на опрема на руската војска на украинскиот фронт.
Владимир Рогов, руски функционер во јужниот украински регион Запорожје, потврди дека неколку членови на екипажот на бродот се повредени од скршено стакло. „Детонацијата поради експлозијата на бродот била видлива од полуостровот, затоа локалните жители мислеле дека експлозијата била во близина на населбата Јаковенково, недалеку од Кримскиот мост“, напиша Рогов на Телеграм

Овој напад во Црното Море се случува еден ден откако Украина објави дека извршила напад со поморски дрон врз руски воен брод во базата Новоросијск во јужна Русија. Бројот на напади во Црното Море од двете страни е зголемен откако Москва минатиот месец се повлече од договорот кој овозможуваше украинско жито да се извезува преку Црното Море.