Дронови над Русија – што ризикува Киeв?
3 јуни 2023Спиралата продолжува да се врти. Како и во изминатите денови, и во четвртокот ноќта Русија масивно го напаѓаше Киев, овој пат со ракети. Властите јавија за две убиени жени и едно дете. Аод рускиот регион Белгород, кој граничи со Украина, јавија за повторни стрелби и веројатно повторен претстоен упад на „Рускиот корпус на доброволци“, кој оперира од територијата на Украина. Руските медиуми известија и за соборен дрон во регионот Калуга. Претходно нападите со дронови врз Москва и околината предизвикаа медиумски интерес низ цел свет.
Вакви напади со дронови има од пред една година, првенствено насочени кон воена и енергетска инфраструктура, но не само во областите анектирани од страна на Русија, вклучувајќи го и Крим, туку и во самата Руска Федерација. Една од првите цели таму беше рафинерија во регионот Ростов во јуни 2022 година. До напади подлабоко во руска територија доаѓа поретко. Така, во декември во два наврати беше нападнат стратешкиот аеродром Енгелс.
Што се крие зад нападите со дронови врз Москва?
Украина по правило не презема никаква одговорност за ваквите напади. Истовремено, руската страна многукратно почесто ја напаѓа целата територија на Украина, користејќи дронови и ракети од различен вид, а штетите и бројот на жртвите не се во никаков сооднос. Но, изминатиот месец нападите со дронови и гаѓањето на области кои не се директно на фронтот, зачестија од двете страни. Што се крие зад тоа?
Мислењата на експертите околу ова дијаметрално се разијдуваат. Австрискиот експерт за Русија, Герхард Мангот гледа врска меѓу нападите со дронови врз Москва, стрелбата врз руските гранични региони и тамошните акции на „партизани“, како што тој ги нарекува во Украина стационираните борци на парамилитарните групи „Легион слобода на Русија“ и „Рускиот доброволечки корпус“, кои наводно се составени од руски државјани.
Психолошко и воено дејство
„Очигледна е намерата стравотиите на војната од украинска страна да се пренесат и во Русија. Целта е на луѓето таму јасно да им се стави на знаење дека државата не е во состојба да ги заштити, ниту во пограничниот регион, ни во Москва“, вели Мангот за ДВ. Според него, намерата е поткопување на обидот на Кремљ „да создаде впечаток во руското општество дека не постои воопшто војна, дека сѐ е нормално.“
Берлинскиот воен експерт Густав Гресел од тинк-тенкот Европски совет за надворешни работи напротив смета дека треба да се направи разлика меѓу нападите со дронови и настаните во Белгород. Нападите со дронови врз Москва се „инструмент на психолошко водење војна, за и руската номенклатура во зори да биде разбудена и да скокне од кревет од пукотниците“, како што вели Гресел за ДВ.
„Настаните со Белгород и нападите во граничниот регион напротив се поврзани со контраофанзивата.“ Според Гресел, Киев сака да ја принуди Русија посилно да ги обезбеди нејзините граници со Украина, за што Москва мора да повлече трупи од Украина. Дали ова ќе ги подобри шансите за успех на украинските трупи при нивната контраофанзива, ќе се покаже дури по неколку недели, смета експертот.
Како реагира Западот на нападите со дронови врз Москва
Западот реагира со воздржаност на најновите настани. Германски владин портпарол на прашање на ДВ во средата изјави дека меѓународното право ѝ дозволува на Украина напади врз руска територија заради самоодбрана, додавајќи дека Берлин е против притоа да се користи германско оружје испорачано на Украина.
Слично звучеше и реакцијата од САД, најважниот испорачувач на оружје на Украина. Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби изјави дека во нападите врз Москва не е користено американско оружје. Истовремено,тој истакна дека САД „не поддржуваат напади во Русија“.
Претходно претставници на „Рускиот доброволечки корпус“ при нивниот упад во територијата на Русија користеа и американски оклопни возила. Густав Гресел се надева дека тоа нема да се повтори, „зашто тоа може да ги доведе до состојба на вриење предупредувачите од ескалација во Вашингтон“. Токму Белата куќа е претерано претпазлива, па Киев треба да биде внимателен, вели Гресел. Но, генерално, тој е убеден дека „Украина има полно право да напаѓа цели во Русија.“ Според него, „никој не го замоли Путин да ја почне оваа војна, сега тој мора да ги сноси последиците“.
Борбените авиони Ф-16 како заплашување?
Во врска со проширувањето на нападите врз руска територија, Олег Игнатов, експерт од Меѓународната криза група, смета дека Украина се обидува „да ја зголеми цената која ја плаќа Русија за војната во Украина“. Игнатов констатира дека „САД имаат големо влијание врз Украина, но не во секоја област.“ Експертот верува дека Вашингтон може да го убеди Киев да не користи американско оружје, на пример ракетни системи ХИМАРС за напади врз руска територија, но не и повеќе.
Желбата на Киев да добие повеќе оружје од Западот пред сѐ треба да има одвратувачко дејство. На последниот самит на Г7 во Јапонија, американскиот претседател Џо Бајден рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски му ветил дека борбените авиони Ф-16, кои одамна се на листата на желби на Киев, нема да ги користат за напади врз руска територија. Досега постои само одлука на западните партнери за обука на украински пилоти, но не и за испорака на борбените авиони.