Ердоган попушти, Шведска влегува во НАТО
10 јули 2023Ердоган даде зелено светло за влезот на Шведска, најавувајќи дека ќе го испрати предлогот до парламентот во Анкара, со што се става крај на повеќемесечната драма околу проблемот кој имаше потенцијал да ги наруши односите во алијансата. Веста ја соопшти генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер во предвечерието на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија. Столтенберг се сретна со Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон во пресрет на самитот за надминување на блокадата. Во заедничката изјава од тројцата лидери не се наведува за колку време турскиот парламент ќе го ратификува протоколот за влез на Шведска.
„Завршувањето на влезот на Шведска во НАТО е историски чекор кој ја помага безбедноста на сите НАТО сојузници во критично време“, рече Столтенберг.
Изненадувачкото соопштение се случи во понеделникот откако Ердоган го поврзува влезот на Шведска во НАТО со новиот поттик за влез на Турција во ЕУ.
Двојна апликација
По руската агресија врз Украина, Шведска и Финска аплицираа за влез во НАТО во мај 2022 година. Финска стана членка во април 2023, но Шведска беше блокирана од Турција и Унгарија.
Анкара го блокираше шведското членство поради наводите дека Стокхолм не презема доволно мерки против „терористички организации“, алудирајќи на курдските политички групи кои функционираат во егзил во таа земја. Шведска во изминатите месеци ги заостри антитерористичките закони, но Турција сметаше дека мерките не се доволни. По телефонскиот разговор со претседателот на САД, Џо Бајден во неделата, Ердоган изјави дека Шведска презела чекори во вистинска насока со промена на законите. Бајден ја поздрави одлуката на Ердоган да ја испрати ратификацијата на членството во парламентот. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и честиташе на Шведска на Твитер.
„Нашите заеднички напори се исплатеа“, напиша таа, додавајќи дека со Шведска во НАТО „сите заедно сме посигурни“.