1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЕстонија

Естонија ќе ги штити подморските кабли со морнарицата

ЖА
27 декември 2024

По прекинот на подморскиот кабел Естлинк 2, Естонија сака да ја заштити преостанатата линија Естлинк 1 со морнарицата. НАТО најави поголемо воено присуство во Балтичкото Море. Се води истрага дали се работи за саботажа.

https://p.dw.com/p/4ocsD
Естлинк 2 Естонија Финска
Брод на финската гранична полиција по инцидентот со прекин на кабелот Естлинк 2 меѓу Естонија и Финска веројатно од нафтен танкерФотографија: Finnish Border Guard LEHTIKUVA/HANDOUT/RAJAVARTIOSTO/dpa/picture alliance

Далноводот Естлинк 1 меѓу Финска и Естонија во Балтичкото Море во иднина треба да биде заштитен од војската. Откако во средата беше оштетен  подморскиот кабел Естлинк 2, естонскиот министер за одбрана Хано Певкур најави дека ќе испрати патролни бродови во близина на преостанатата врска Естлинк 1.

„Одлучивме да ја испратиме нашата морнарица во близина на Естлинк 1 за да ја одбраниме и заштитиме нашата енергетска врска со Финска“, напиша Певкур на платформата X. Тој на естонското радио додаде дека тоа е за да се осигура дека со врската ништо нема да се случи.

Целта на поморските патроли е да испратат порака „дека сме подготвени да ги браниме врските меѓу Естонија и Финска - вклучително и со воени средства“, истакна министерот за одбрана.

НАТО го зголемува присуството во Балтичкото Море

Покрај испадот на кабелот за струја Естлинк 2, на Божиќ беа пријавени и прекини на неколку комуникациски кабли во Балтичкото Море. Според извештајот на финската радио станица Yle, три од нив се протегаат меѓу Финска и Естонија, еден меѓу Финска и Германија.

На инцидентите реагираше  и НАТО.  Генералниот секретар Марк Руте ја изрази својата солидарност со сојузниците на Х. Тој најави дека и НАТО ќе го зголеми своето воено присуство во Балтичкото Море.

Руте рече дека разговарал со финскиот претседател Александар Стуб за тековната истрага за можна саботажа на подморски кабли. Финските власти се сомневаат дека зад дефектот на кабелот се крие чин на саботажа.  Истрагата за причините за прекинот е во тек.

Танкерот „Игл С“ под знамето на Куковите острови е запрен. Инспекторите се сомневаат дека сидрото на бродот можеби го оштетило кабелот. Според ЕУ, се вели дека бродот припаѓа на таканаречената  руска флота  во сенка - тоа се танкери и други  товарни бродови кои Русија неофицијално ги користи  за да избегне санкции, на пример при транспорт на нафта.

„Нашата порака е многу јасна: ја имаме ситуацијата под контрола“, им рече Стуб на новинарите во Хелсинки. „Мораме да продолжиме да работиме будно заедно за да се осигураме дека нашата чувствителна инфраструктура нема да биде  оштетена од надворешни актери“. 

Според првичните проценки на мрежните оператори, поправката на поврзувачката линија Естлинк 2 долга 170 километри би можела да потрае неколку месеци. Според естонските и финските власти, не би требало да има големо влијание врз потрошувачите.

Пред еден месец два важни  телекомуникациски кабли во Балтичкото Море  беа оштетени во рок од само неколку часа.