ЕК го демантира Вархеји: Помошта за Палестинците останува
9 октомври 2023Европската комисија доцна во понеделникот ја демантираше претходната изјава на комесарот за проширување и соседска политика, Унгарецот Оливер Вархеји, дека Унијата „веднаш“ ја суспендира развојната помош за палестинските власти. Наместо суспензија, од Европската комисија велат дека ќе се направи итен преглед на помошта по нападот на Хамас врз Израел, за да се осигура дека парите не се злоупотребени.
„Нема да има суспензија на помошта“, гласи кусото соопштение од Европската комисија објавен во понеделникот вечерта, пет часа откако комесарот Оливер Вархеји соопшти дека сета помош од програмата за развој за Палестинците ќе биде „веднаш суспендирана. Сите проекти ставени на преглед. Сите нови буџетски предлози одложени до понатаму“.
Досега не беше дадено објаснување за промената на ставот. Соопштенијата на Европската комисија имаат примат над оние на нејзините комесари, но промената на ставот за помошта вредна 691 милиони евра се капак на контроверзниот ден за Европската комисија во време на екстремни геополитички превирања.
Од саботата досега, поддршката од 27-члената ЕУ за Израел беше стабилна, вклучително и ставот дека земјата сега има право, во рамките на меѓународното право, да се брани во војната против Хамас.
ЕУ: Хамас е терористичка организација
Изненадувачкото соопштение на Вархеји за развојната помош се случи само неколку часа откако претставници на ЕУ рекоа дека ни досега пари на ЕУ не завршувале во Хамас, и дека контактите со таа организација се замрзнати веќе 16 години. ЕУ го смета за Хамас за терористичка група.
По неколкучасовна нејаснотија околу тоа до каде ќе достигнат мерките на ЕУ и дали можеби ќе биде засегната и помошта за оние со најголема потреба, Европската комисија соопшти дека нема да има суспензија, но дека е започнат „итен преглед на помошта за Палестина“.
„Целта на овој преглед е да се осигура дека средствата на ЕУ ни индиректно не и овозможуваат на било која терористичка организација да извршува напади против Израел“, се наведува во соопштението.
За време на брифинг во понеделникот, Европската комисија подвлече јасна линија меѓу Хамас, кој се смета за терористичка организација, и палестинскиот народ, на кој му е потребна хуманитарна помош. ЕУ тврди дека хуманитарната помош нема да биде запрена при прегледот.