Се кршат копјата околу европското знаменце за коридорите
10 мај 2023Пратениците на 115. седница ја изгласаа потребата по скратена постапка да се донесат петте законски измени коишто ги предложи Владата, со цел да се забрза изградбата на коридорите 8 и 10д. Поддршка даде владејачкото мнозинство, додека опозицијата ја напушти салата пред гласањето. Тие обвинија за кршење на Уставот и на Деловникот на Собранието и побараа законските измени да се вратат на владина седница.
Опозицијата обвинува и за злоупотреба на европското знаменце, поради што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета на општина Велес порача дека ќе упатат допис до сите институции и до амбасадите во државата на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за злоупотребата на европското знаменце при носење на законските измени за коридорите.
Загриженост изрази и евроамбасадорот во земјата, Дејвид Гир. Тој одговарајќи на новинарско прашање во Скопје рече дека системот на европско знаменце се користи кога се усогласува домашната легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ.
„Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ“, изјави Гир.
Кршење на законите
Копјата меѓу власта и опозицијата се кршат околу законските измени коишто се однесуваат за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), поради што беше неопходно да се направат дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека владејачкото мнозинство со усвојување на овие предлог закони на Владата, го крши највисокиот акт во државата, заедно со Деловникот на Собранието.
„Пред нас се наоѓаат пет закони кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д, на кои оваа Влада се одлучи по којзнае кој пат да го злоупотреби европското знаменце. Ова значи дека сега ќе имаме опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа по овие закони. Ова е предвидено со членот 135 од Деловникот при што треба да се наведат податоци за изворниот акт на ЕУ со полн назив, како и изјава за усогласеност. Потпис на надлежниот министер, како и јасно наведување на правниот акт на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Ништо од ова не постои во содржината на законите и токму поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница, а не да продолжат со продолжена процедура по истите“, оцени Мицевски.
Тој побара согласно членот 136 претседателот на Собранието и во оваа фаза да ги врати овие закони и да побара од предлагачот да ги усогласи одредбите.
Пратеникот Павле Трајанов смета дека петте закони се носат за да се покрие и амнестира корупцијата од договорот со „Бехтел и Енка“. „На оваа седница Владата предлага 5 закони со европско знаменце, а никаде не видовме дека има усогласување на домашното законодавство на овие закони со законодавството на ЕУ“, рече Трајанов.
Допис до амбасади
ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе упатат допис до сите институции и до амбасадите во државава на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за злоупотреба на европското знаменце при носење на законските измени за коридорите. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека чека реакција од страна на канцеларијата на Европската комисија во земјата и од амбасадорите кои што се земји членки на ЕУ.
„Доколку остане тишина, односно доколку остане без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија силно ќе се спротивстави, иако процесот на носење на овие закони онаков каков што е замислен во рамките на парламентот е на брза лента, бидејќи токму таа е и намерата на злоупотребата на ова европско знаменце, но ние нашите аргументи ќе ги кажеме таму за да може јавноста да ги слушне и силно ќе се бориме тие аргументи практично да преовладаат за време на таа дебата“, рече Мицкоски во изјава за медиумите во Велес.
Според Владата, изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д е стратешки проект од национален интерес. Иако законските постапки за реализација на овој проект траат веќе две години, по потпишувањето на договорот на 8 март се отворија бројни дилеми во јавноста.
На 22 април официјално започнаа подготовките за изградбата на коридорот 8, а во петок (12 мај) ќе биде поставен камен темелник на проектот Коридор 10д во Прилеп. Изведувачот „Бехтел и Енка“ ќе изготвува проекти на дел по дел од автопатиштата, а паралелно ќе се врши и експропријација на земјиштето.
Пресметката е дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра. Доколку се донесат законските решенија, предвидено е да се градат по 23 километри автопат годишно. На коридорот 8 прво ќе стартува изградбата на автопатот Тетово - Гостивар, а потоа на Гостивар - Букојчани и делот од автопатот Кичево - Охрид, што ќе води кон новиот граничен премин со Албанија.