1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Франција: Што по падот на владата?

АРД
5 декември 2024

Соборувањето на владата беше со најава: францускиот парламент му изгласа недоверба на премиерот Барние. Што сега? Како да се најде нов премиер - и зошто нема да има предвремени избори?

https://p.dw.com/p/4nmsQ
Франција Мишел Барние
Францускиот парламент му изгласа недоверба на премиерот Мишел БарниеФотографија: Sarah Meyssonnier/REUTERS

Зошто парламентот ја собори владата?

Францускиот премиер Мишел Барние го протурка социјалниот буџет за следната година во понеделникот без одобрение од парламентот. За таа цел тој употреби контроверзен уставен член кој му дозволува да носи закон и без одобрение од парламентот. Членот 49.3, алудирајќи на истоимениот германски пиштол од Првата светска војна, се нарекува и „Дебела Берта“, што навестува колку овој закон е контроверзен.

Членот, меѓутоа, предвидува и дека, доколку се искористи, потоа може да се иницира  гласање недоверба на владата.  Со своите постапки, Барние ги сврте против себе лево и десно ориентираните  партии во парламентот - и токму овие партии заедно го имаат мнозинството во парламентот од парламентарните избори минатата лето. Сега Барние мора да побара од претседателот да го разреши неговиот кабинет.

Кој ќе го именува новиот премиер?

Во Франција, претседателот има право да го именува премиерот. Ова не е проблематично во време кога претседателот има свое мнозинство во парламентот. Но, партијата на Макрон и групата околу конзервативните републиканци се далеку од потребните 289 места за апсолутно мнозинство.

Левичарскиот сојуз НФП (Новиот народен фронт) и десничарскиот Национален собир (РН) заедно сочинуваат апсолутно мнозинство, ако - како и сега за време на  гласањето за недоверба –  имаат исто мислење. Макрон мора да го земе предвид ова ако сака да воспостави функционална влада.

По парламентарните избори минатото лето, на Макрон му требаше многу време за да го назначи за премиер Барние од редовите на републиканците. По гласањето за недоверба иницирано веднаш од НФП, Барние остана на функцијата, но само затоа што РН потоа се воздржа. Десничарите сакаа да видат дали Барние може да претстави избалансиран буџет, како што гласеше тогаш објаснувањето на претседателката на РН, Марин Ле Пен. Барние е човек кој е способен да разговара со сите политички табори, изјави Ле Пен. Тоа само покажува дека Макрон сега треба да најде политичар за премиерската позиција кој ќе одговара и на овие групации.

Марин Ле Пен Франција
Претседателката на РН, Марин Ле Пен првично изјави дека Барние е човек кој е способен да разговара со сите политички табориФотографија: Aurelien Morissard/Xinhua/IMAGO

Додуша, францускиот устав не пропишува рок за именување премиер, но Макрон се уште е под временски притисок. Затоа што владата всушност сакаше да протурка дополнителни буџетски закони низ парламентот до крајот на годината. Тоа сега, сепак, се чини дека е невозможна мисија - освен ако Макрон не најде премиерски кандидат што ќе го одобрат или НФП или РН. Дотогаш актуелниот кабинет ќе остане привремено на власт. Алтернативно, Макрон би можел да назначи влада составена од експерти, која би функционирала без политичка програма.

Зошто е одлучувачко прашањето за буџетот?

Франција има огромен буџетски дефицит, кој, според регулативите на ЕУ, мора итно да го намали. Брисел веќе покрена постапка против Франција поради прекумерен дефицит, бидејќи националниот дефицит годинава изнесува шест отсто од економските остварувања. Ова е двојно повеќе отколку што дозволуваат правилата за стабилност на ЕУ. Во октомври Барние претстави податоци за долг од 3.228 милијарди евра.

Затоа, владата мора да преземе длабоки резови кои повторно се многу контроверзни меѓу партиите кои се застапени во парламентот. Доколку парламентот не го изгласа буџетот до 20 декември, владата може да го наложи буџетот. Но, од друга страна, спорно е дали преодната влада навистина може да го искористи ова уставно загарантирано право.

Затоа, една алтернатива може да биде да се предложи буџет за почетокот на годината преку законодавство за вонредни состојби. Но, тој буџет ќе треба да се базира на трошоците од 2024 година и нема да содржи мерки за штедење.

Дали може да има предвремени избори?

Таа можност е исклучена. Уставот предвидува временски рок од најмалку една година помеѓу два парламентарни избори. Како што  претседателот Макрон -  на изненадување на сите - повика на избор на нов парламент по европските избори на почетокот на јули, сега може да распише избори за новиот парламент најрано следното лето.

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон може да распише нови парламентарни избори дури во летото 2025 година Фотографија: LUDOVIC MARIN/Pool/REUTERS

Дотогаш мора да се договорат со левицата и десницата во парламентот. Но, уставот му дава и далекусежни можности за воведување итни мерки или одржување референдум.

Може ли Макрон да се повлече од претседателската функција?

Ова е желба на опозицијата, но тешко дека може да се случи. Макрон е избран до 2027 година и решително ја отфрли можноста за предвремено повлекување во вторникот. И за разлика од премиерот, тој не може да биде сменет од парламентот. Во 2027 година, пак, за него навистина е крај на претседателската функција, бидејќи уставот не дозволува нова кандидатура по два мандати.