Почнува изградбата на коридорот 10д и покрај блокадите
12 мај 2023Владата со свеченост во Прилеп ги започна подготвителните активности за изградба на автопатот Прилеп - Битола на Коридорот 10д, долг 39,3 километри. Станува збор за стратешки проект на Владата за којшто во март беше склучен договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Владиниот тим порача дека ништо нема да го попречи овој стратешки инфраструктурен проект во земјата, кој се очекува да привлече што повеќе странски туристи и инвеститори.
„Нема никој да го запре и да му застане на патот на овој проект, како што нема да застане ниту на патот кон ЕУ. Подгответе се, качете се сите на овој воз што вози кон Брисел, оти ќе нема кој да го сопре“, рече првиот вицепремиер и координатор на проектот, Артан Груби, кој на свеченоста носеше маица со натпис „10д“.
Премиерот Димитар Ковачевски им порача на сите инволвирани во изградбата на коридоритедека „доста е зборување, време е да се работи“. Овој проект е траен влог и наследство за следните генерации, додаде Ковачевски. На свеченоста, како и при потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ на 8 март во Владата, присуствуваше и претставник на амбасадата на САД. И Груби и Ковачевски се заблагодарија на поддршката која што ја добиваат од почетокот на реализацијата на проектот.
Камен темелникот се поставува во момент кога во парламентот се водат жестоки дебати околу потребата за изгласување на пакетот законски измени со цел да се забрза изградбата на коридорите, за што нема поддршка од опозицијата.
Модерна инфраструктура
„Парите на граѓаните ги вложуваме во нивната иднина, во безбедни патишта, квалитетна инфраструктура и подобри, конкурентни работни места. Инвестираме во капитални проекти од историска важност. Не само што ги поврзуваме градовите и регионите, туку ја поврзуваме и државата со околните земји и светот преку модерна инфраструктура која ќе привлече многу странски туристи и инвеститори. Прв пат по 30 години преку модерна инфраструктура се поврзуваме со Исток и Запад, со нови пристаништа во Драч и во Бургаз и ги зајакнуваме транспортните врски во регионот“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, изградбата на коридорите 8 и 10д значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од два отсто во наредните пет години на годишно ниво. „Се отвораат можности за нови бизниси, за изградба на објекти од различни дејности и со тоа дополнителни нови работни места. Коридорите 8 и 10д досега беа само на хартија. Овие проекти се од национален и стратешки интерес, а придобивки ќе имаат граѓаните, економијата и државите што ги поврзува овој коридор“, истакна премиерот.
„Крај на заложништвото“
Вицепремиерот Артан Груби, е дециден дека е дојден крајот на заложништвото и на блокадата на европското интегрирање на државата. „Подгответе се и качете се сите на овој воз што вози кон Брисел кој нема никој да го сопре“, рече Груби.
Фактот дека сите министри и апсолутното мнозинство на пратениците стојат зад овој проект, според него, е најголема гаранција за сите граѓани. „Ниту Мицкоски, ниту свети Мицко ќе може да го запре овој проект. Овој проект продолжува и сите влади, а следната ќе биде истата како денес, ќе го заврши овој проект и ќе ги пресече лентите“, додаде тој.
Груби е убеден дека е дојден крајот на заложништвото на Собранието, на проектите и на иднината на граѓаните и на Северна Македонија. „Оваа владина коалиција и ова парламентарно мнозинство, од минатиот петок демонстрира што значи да се стави крај на апсолутната блокада и заложништво на иднината на граѓаните. Упатувам порака и дека е дојдено време да ставиме крај на блокадата на нашето европско интегрирање. Тој проект е почнат со партнерите од коалицијата и никој нема да му застане на патот“, рече Груби.
На настанот беа присутни и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, американскиот заменик-амбасадор, Ерик Мајер, амбасадорот на Турција Хасан Мехмет Секизќок, како и претседателот на „Бехтел и Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток, Џастин Сиберел.
Претставникот на американската амбасада, Ерик Мајер, оцени дека станува збор за важен ден за Северна Македонија, ден кога се поврзуваат два важни града - Прилеп и Битола, со современ и безбеден автопат. „Подобрувањето на патната структура е од особено важност за економскиот развој. Транспортните рути ќе доведат до поголема регионална интеграција и градење на цврсти врски меѓу соседите“, рече Мајер, додавајќи дека ќе биде радосен кога ќе види дека финиширал проектот.
Станува збор за една од четирите делници коишто треба да ги гради „Бехтел и Енка“. За останатите три автопатски делници на Коридорот 8 свеченоста се одржа во април.