Ковачевски го брани европското знаменце за коридорите
11 мај 2023Европското знаменце за предлог измените на пет закони кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д и понатаму ја брануваат јавноста. Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Штип порача дека европското знаменце ќе овозможи што побрза и поевтина изградба на коридорите. Тој оцени дека станува збор за стратешки и европски поврзани коридори.
„Нашата ориентација кон ЕУ е неспорна и тука нема дискусија“, рече Ковачевски по означувањето на почеток на новата инвестиција на компанијата „Магна“ во Штип, одговарајќи на новинарско прашање дали овој начин на носење на закони може да ја загрози европската иднина на земјата. Прашањето се наметна откако евроамбасадорот Дејвид Гир во средата изрази загриженост поради означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ.
Многу често се употребува европското знаменце
Ваквиот став тој го повтори и денеска. „Причината поради која го покренав прашањето за употребата на европското знаменце, е токму поради тоа што тоа многу често се употребува за усвојување на некои закони, додека се знае дека употребата на европското знаменце секогаш се употребува преку усвојување на закон којшто е значи директно поврзан со европските практики и европското законодавство“, порача амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир.
Тој на денешната промоција на проектите на 45 граѓански организации, посочи дека секогаш употребата на европското знаменце треба да се направи по претходна вистинска консултација помеѓу сите политички партии и тоа е за усогласување на европската легислатива.
„Побрзо и поевтино“
„Во однос на изградбата на автопатските делници и законите со европско знаменце, нашата интенција е да градиме побрзо и поевтино. Овој историски инфраструктурен проект е значаен за нашата држава и за економијата. ЕУ по подолг период ги стави Коридорите 8 и 10д на мапата на Паневропските коридори - веќе нема да бидеме слепо црево, а нашите стопанственици ќе добијат можност за пристап кон пристаништата во Драч и Бургас, освен кон Солун“, вели Ковачевски. Премиерот смета дека опозицијата упорно сака да го блокира овој проект и да ја оддалечи земјата од ЕУ со поднесувањето на стотици амандмани.
„Со оглед на тоа дека овие, како и низа други закони беа блокирани во Собранието, а имаат за цел унапредување на различни делови во нашето општество, беше одлучено да одат на Комисијата за европски прашања, која обезбедува нивно побрзо усвојување и побрзо работење на терен. На граѓаните им се потребни коридори, а не дневно политички препукувања“, рече Ковачевски.
Почнуваат теренските работи
Во петок (12 мај) ќе стартуваат теренските работи на Коридорот 10д кај Прилеп, што според Ковачевски, е уште едно важно инфраструктурно поврзување во тој регион. Камен темелникот ќе биде поставен иако во Собранието се уште се води жестока дебата околу законските измени за коридорите, за кои нема поддршка од опозицијата.
Премиерот е дециден дека изградбата на коридорите е најголемиот стратешки проект во историјата на земјата со којшто ќе се градат 110 километри автопат. „По децении и децении немање автопат кон Албанија и експресен пат кон Бугарија кој што веќе се прави, се овозможува државата да биде поврзана со Коридорот 8. Инаку, Коридорот 8 досега никогаш не беше на мапата на Паневропските коридори и благодарение на Италија, Албанија, Северна Македонија и Бугарија, веќе овој месец нашиот министер за транспорт и врски во Брисел ќе го потпише меморандумот во однос на ставањето на коридорот 8 на мапата на Паневропските коридори, како што е коридорот 10“, рече Ковачевски.
Комисиска расправа
Во меѓувреме, собраниската Комисија за европски прашања започна со расправа за петте предлог-законски измени за коридорите 8 и 10д, откако пратениците во средата (10.05) на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите.
Членовите на Комисијата го почнаа претресот за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, за којшто се поднесени три амандмани од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Дафина Стојаноска, заменик-координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека таканаречениот европски фронт на власта започнува процес, со кој на македонските работници ќе им овозможи работа од утро до мрак.
„Се работи за дискриминирачки и неевропски предлог- закон. Присилната работа, место да се санкционира, со овој закон се става во законска рамка. Овој закон е противуставен, против сите конвенции за работно време и против сите европски декларации за труд“, рече таа.
Претходно Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвини дека коалициската блокада на сите закони и постапки од страна на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Собранието е антиевропска, анти-НАТО и антиамериканска. Според ДУИ, овие две партии намерно блокираат над 500 милиони евра, кои, како што велат од партијата, се наменети за проекти во интерес на граѓаните од страна на европските финансиски институции.
На расправа пред Комисијата за европски прашања се и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за градење, на Законот за експропријација, на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола).