Фрустрацијата на Иранците по нападите од Израел
28 октомври 2024По израелските воздушни напади врз ирански цели во раните утрински часови од изминатата сабота, многу луѓе во Иран својата фрустрираност ја искажаа во објави на социјалните мрежи. Но, тие се обидуваат и подобро да ја разберат ситуацијата.
Израел в зори бомбардираше воени цели во Иран како одмазда за иранското гранатирање на Израел претходно месецов.
Иран се соочува со сериозни економски проблеми. Според информации на информативната платформа ИранВајр, која ја водат ирански новинари во егзил, националната валута на Иран, иранската валута Ријал поради тензиите со Израел, е девалвирана. Стравувањата од регионална војна предизвикаа невидено ниско ниво во однос на доларот, а инфлацијата според официјалните податоци, лани пораснала за 33 проценти. Се очекува цените и натаму драстично да се зголемуваат.
Според иранскиот парламент, стапката на сиромаштија во земјата континуирано расте во последните пет години. Една третина од населението веќе не е во состојба со своите приходи да ги покрива основните потреби.
Бес поради Хезболах и Хамас
Во меѓувреме, инвеститори се обидуваат да ги ликвидираат своите акции на берзата во Техеран, што доведе до застој во големите трансакции бидејќи многумина го чекаат исходот од овие конфликти.
Многу Иранци економскиот колапс на нивната земја се повеќе го поврзуваат со владината финансиска поддршка на Хезболах и на Хамас. Либанската милитантна група Хезболах е поврзана со Иран. Таа и Хамас, која владее во Појасот Газа, од Германија, САД и други земји се класифицирани како терористички организации.
Според извештаи на иранскиот информативен канал со седиште во Лондон, Иран Интернашенел, многу луѓе во Иран ја обвинуваат владата дека повеќе се фокусира на конфликти во странство, наместо да решава на итни проблеми дома.
Ова несовпаѓање меѓу официјалните наративи и расположението на улица може да има далекусежни последици за внатрешната стабилност на Иран, особено ако тензиите на воено поле ескалираат.
Сеприсутна цензура
Според Репортери без граници, Иран е „една од најрепресивните земји во светот кога станува збор за слободата на печатот“. Строгата цензура се забележува веднаш по израелските напади, бидејќи првично во државните медиуми ниту можеше нешто да се види, ниту да се чуе.
Новинар од Техеран, кому името не му се споменува од безбедносни причини, во саботата за ДВ изјави дека „ништо не може да се пишува. Медиумите не се осмелуваат да пренесуваат ништо друго освен официјалниот став“. На печатените медиуми им беше забрането да објавуваат на сопствените профили на социјалните мрежи.
Односот спрема државните медиуми
Иранскиот медиумски експерт Бабак Дорбеики ги критикува ограничувањата за независните медиуми по израелскиот напад. Дорбеики беше поранешен советник и раководител на Центарот за односи со јавност и информации на министерството за култура за време на владеењето на претседателот Хасан Рохани (2013 до 2021 година).
„Односот на државните медиуми спрема вестите во време на криза ги истакнува недостатоците како конфузија и некоординираност“, оценува за ДВ Дорбеики од Лондон.
Сосема поинаква е сликата во социјалните мрежи во земјата, бидејќи луѓето користат VPN (виртуелни не-јавни мрежи) за да ги заобиколат ограничувањата на интернетот.
На социјалните мрежи корисниците изразуваат гнев кон владата и прашуваат зошто не биле информирани за нападите за да може да се засолнат. Тие се загрижени за тоа дека нема доволен број засолништа бидејќи земјата можеби се движи кон војна.
Некои ескалацијата на воениот конфликт со Израел ја припишуваат на непромислените постапки на врховниот водач, Ајатолахот Али Хамнеи и на Револуционерната гарда.
Антисемитска пропаганда
Според анализа на независната информативна платформа ИранВајр, „антисемитскиот говор на омраза на иранските социјални канали и веб-страници во септември годинава достигна вкупно околу61 илјади објави“. Тоа е пораст од 98 проценти во споредба со август годинава. „Водечки во ширењето на анти-семитскиот материјал се полуофицијалните и официјалните канали“, се вели во анализата. Но, ваквите владини напори да се поттикне анти-израелско и анти-семитско расположение, не доведоа до анти-израелски протести во Иран, за разлика од другите арапски земји.
Во Египет, Јордан, Мароко, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, илјадници луѓе излегоа на улиците на протести против војната на Израел против терористичката организација Хамас во Појасот Газа. Војната е одговор на масакрот што го изврши Хамас на 7 октомври 2023 година во Израел и во кој беа убиени повеќе од 1.200 лица, а преку 200 беа земени како заложници.
„Иранскиот народ нема желба да доживее војна со Израел... [и] има во населението речиси и да нема непријателство кон Израел“, пишува во списанието Атлантик историчарот Араш Азизи, визитинг научник на Универзитетот во Њујорк, кој го истражува Иран. И реакциите на социјалните мрежи по нападот во саботата, сугерираат дека многу Иранци не сакаат конфликт со Израел, бидејќи стравуваат од регионална војна.
Критичарите на режимот очекуваат дека војна против Израел може дополнително да ја влоши ситуацијата со угнетувањето на населението во Иран. „Реалноста е дека војната би предизвикала зголемена репресија и притисок врз неистомислениците, што не придонесува за демократија во Иран“, заклучува за ДВ Назила Голестан, опозиционерка, која живее во Париз.