1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИндија

Г-20: Индија на Моди ќе биде лидер на новиот свет

8 септември 2023

Додека Кина и САД се неутрализираат меѓусебно на трговски план, водејќи нова Студена војна, додека жешката војна во Украина и натаму беснее, Моди се наметнува како лидер на новиот свет. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4W5p1
Индискиот премиер Нарендра Моди
Индискиот премиер Нарендра Моди Фотографија: SAJJAD HUSSAIN/AFP/Getty Images

Добредојдовте во Индија, поточно во Барат, античкото санкскритско име на земјата, кое премиерот Нарендра Моди се почесто го употребува, дали во поканите за претстојниот Г-20 самит или во владините документи. Идејата на Моди е преку самитот, симболите, јазикот и новата слика на разубавениот Њу Делхи, да покаже дека Индија се менува. Дека повеќе нема сиромашни, дека главниот град сјае преку новите скулптури и палати, дека најбројната нација на светот, 5-та светска сила според БДП и со најголем и најбрз раст на земјината топка е достојна за престижот кој го претендира.

Организацијата на преку 200 настани и средби, што преку бизнис делот Б-20, што во рамки на Г-20, во оваа 2023-та, е прашање на суштина, но и на имиџ за новата Индија на Моди. Во политиката најголем дел од работата е маркетингот, па не случајно премиерот потроши 110 милиони евра само за разубавување на Њу Делхи. „Предолго на Индија се гледаше како на милијарда изгладнети стомаци. Сега е милијарда амбициозни умови и две милијарди специјализирани работни раце“, гордо и помалку арогантно ќе изјави Моди.

Г-20 самитот сигурно ќе донесе престиж за Моди и земјата, на само година дена од избори, но веројатно и малку значи за преку 300 илјади тезгари и продавачи, како и жители на „сламовите“ од главниот град, кои насила и набрзина беа преселени, без можности за заработка или кров над главата. За нив, колку побрзо заврши самитот, толку порано ќе се вратат во нормалноста.

Постерите од самитот гласат дека Индија е: „Мајка на демократијата“, нешто на што, нашите себични и дрски кон историјата соседи Грци би имале што да замерат. Да не збориме за фактот дека Индија, која секако важи за „најголемата демократија на светот“, во последните години тоне според стапката на демократичност, особено поради нарушената слобода на изразување, слободата на вероисповест, правата на малцинствата и граѓанското општество, сегменти според кои земјата се повеќе се приближува кон авторитаризам.

Новиот имиџ на Индија

Пораката од овој Г-20 самит е: „Една земја, едно семејство, една иднина“. Или на санкскритски: Васудхаива Кутумбакар - Светот е едно семејство. Можеби и светот е семејство, ама поприлично е раскарано. Кина на пример побара да се отстранат од официјалните документи сите пароли и реченици на санкскритски, затоа што не е еден од официјалните јазици на ООН. Кинескиот претседател Ши Џинпинг нема да дојде во Делхи, изиритиран од амбициите на Индија и Моди, која и меѓу БРИКС членките не му помага или дозволува на Пекинг да доминира со агендата или целосно да го наметне својот лидершип. Нема да дојде ниту Путин, секако од страв да не биде уапсен.

Но, Моди, покрај големите маркетиншки и ПР бенефити од Самитот, ризикува поради раскараното семејство, да не успее да обезбеди, за првпат од формирањето на Г-20 во 1999 година, заедничко и споделено соопштение. Да се обезбеди потпис од сите членки ќе биде титански подвиг. Франција веќе кажа дека нема да стави потпис на никаков финален документ каде нема да стои и осуда за руската агресија врз Украина, нешто што Русија секако нема да го потпише. Кина, дополнително ќе го отежни патот кон тотален консензус. Неуспехот на тоа поле би значело удар врз имиџот на Моди, кој својата слика, не само на гигантографиите низ градот, и својата националистичка партија Баратија џаната (БЏП), премногу ја идентификуваше и со Индија и со успехот на Самитот.

Финални подготовки во Њу Делхи: Самитот на Г20 ќе се одржи на 9 и 10 септември
Финални подготовки во Њу Делхи: Самитот на Г20 ќе се одржи на 9 и 10 септември Фотографија: ANUSHREE FADNAVIS/REUTERS

Но, новиот имиџ на Индија и нејзиниот лидер Моди не зависат само од овој Самит, кој доколку помине добро, ќе му донесе на премиерот огромна изборна предност во 2024-та.

Додека Кина и САД се неутрализираат меѓусебно на трговски план, водејќи една нова Студена војна, додека жешката војна во Украина и натаму беснее, Моди веќе некое време се наметнува како лидер на новиот свет. Тој нов свет или „Глобалниот југ“, некогашниот Трет свет или Неврзаните, е дел од земјината топка кој се повеќе се развива независно од Западот и особено од Европа, која во очите на Азија и Африка, се помалку вреди во односите помеѓу светските и регионалните геополитички сили.

Самитот на Г-20 му помага на премиерот Нарендра Моди да ја утврди позицијата на Индија како важен фактор на глобалната сцена, а во исто време да ја продлабочи својата хинду-националистичка политика. Неодамнешниот успех на индиската вселенска програма и слетувањето на Месечината, станаа мотив за особена гордост на нацијата. Организацијата на економскиот митинг Б-20, послужи како генерална проба за Г-20 самитот. Моди, во таа прилики ќе им порача на сите бизниси и светски Влади дека: „Ние ќе бидеме третата светска економија, нашиот раст е најголем од сите земји во Г-20, целиот свет се врти кон нас“. Моди ќе додаде и дека пост-ковид светот е во многу лоша состојба и дека страда од „глобална недоверба“. Но, и дека Индија поседува многу редок квалитет и способност и дека има намера да му го донира на светот, односно, да се претвори во „Аптека на светот“.

Со други зборови, Индија веќе некое време се наметнува како единствена азиска алтернатива на Кина, чиј раст се повеќе опаѓа и чија криза сите ги загрижува. Во исто време Индија се наметнува како единствена светска сила способна да разговара на исто ниво со САД. Конечно, се наметнува како лидер на БРИКС и како привилигиран заштитник на Африка, чија Унија ја покани да стане дел од Г-20. Со други зборови, далеку сме од Неврзаните и од светот економски доминиран од Западот. Индија е свесна дека светската економија се повеќе се поместува кон Истокот, и преку политичките амбиции и барања на Моди, има намера да биде лидер во тој нов свет.

Новопронајдена свест и амбиција

На Индија и на Моди како да не им беше доволно што и ги поматија сметките на Кина да биде апсолутен лидер на БРИКС и во Африка, па Моди дури си дозволи и да упати гласна критика до својот моќен сосед, опоменувајќи го дека: „Управувањето со ретките минерали на селективен начин е еднакво на практикување на еден нов „колонијализам“. Тешки зборови, полни значење, кои само го објаснуваат нивото на тензии помеѓу двете земји и зошто кинескиот претседател Џинпинг, одлучи да не присустува во Њу Делхи.

Што можеме да заклучиме од се ова? Дека Индија и Моди, одлично го разбираат тоа што и во овие редови сме го зборувале, односно, дека сме сведоци на фрагментација на актуелниот светски поредок. Актуелниот биполарен судир Кина-САД, наместо да им ги врзе рацете на сите регионални или средно моќни сили, им дава поголема слобода на дејствување и шанса да играат на повеќе маси. Погледнете го само дејствувањето на Саудиска Арабија или на Турција, па и самата Индија на Моди, каде денес сме сведоци дека наместо некакво конституирање на нови Неврзани, сѐ повеќе испливуваат земји кои се плури-Врзани. Односно, регионалните сили од „Глобалниот југ, и не само тие, сѐ повеќе се стремат да имаат одредена специфична, ограничена, но конкретна моќ, отколку да се залагаат кон некаква илузорна агрегирана моќ преку нови мултилатерални платформи.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Моди ја базира или ја потпира својата амбиција за глобален лидершип кладејќи се на Студената војна помеѓу САД и Кина. Индија гледа можности за себе во растечкото оддалечување помеѓу Г-7 и Г-20 земјите, во растечкиот јаз помеѓу Истокот и Западот, Југот и Северот.

И кој е регионот кој најмногу ќе страда од оваа новопронајдена свест и амбиција на силите како Индија? Токму поделената и не до крај обединета Европа, која и понатаму мисли дека може да се натпреварува и мери со џинови како Кина и Индија. За Индија на пример, Европа повеќе нема никаква важност. На сите им е јасно дека договарањето или правењето дилови, или пак извлекувањето на некакви концесии од поединечните национални европски држави, ќе биде многу полесно, отколку доколку европскиот блок беше навистина обединет. Но, тоа се грижи за големите европски глави кои и понатаму не можат да се договорат дали конечно треба да го интегрираат Балканот во ЕУ.

Можеби Моди и Индија се арогантни во своите амбиции, сигурно се уште ја немаат моќта и врските за да ги реализираат своите планови за глобален лидершип, но патот е веќе трасиран, и во блиска иднина ќе бидат само поблиску, отколку подалеку од целта. Моди е во право кога ќе каже дека новиот пост-ковид свет е ставен во марш. Прашањето е дали Европа ќе почне да ја разбира реалноста на новата поделба на моќ и влијание во светот?!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.