1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИндија

Средба на Г20 во Њу Делхи: Русија е изолирана?

Штефан Лак | АРД
1 март 2023

На средбата на министрите за надворешни работи на Г20 во Индија, ќе присуствува и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Тој треба пред сѐ да покаже дека Русија не е меѓународно изолирана.

https://p.dw.com/p/4O6H1
Логото на Г20
Логото на Г20

Пред да замине на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Индија, шефот на руската дипломатијаСергеј Лавров уште еднаш јасно стави до знаење дека од руска гледна точка не може да стане збор за изолација на неговата земја. „Би сакал да повторам“, рече тој, „не само што успеавме да ги спречиме плановите на колективниот Запад да ја изолира и распарчи Русија, туку обезбедивме и континуирана соработка со огромно мнозинство од светската заедница“. Потоа Лавров додаде: „Ние ги нарекуваме 'светско мнозинство'.“ Со ова „светско мнозинство“ Русија, како што тврди Лавров, има односи кои стануваат сè поблиски и поефикасни.

Руско читање на работите

Лавров го занемарува фактот дека на неодамнешното Генерално собрание на ОН, огромно мнозинство од 141 земја ја повика Русија веднаш, целосно и безусловно да се повлече од Украина. Според руското толкување, „светското мнозинство“ ги вклучува земјите со големо население - Кина и Индија, како и сите оние кои не ги поддржуваат санкциите на Западот против Русија. Така Русија на средбата на министрите занадворешни работи на Г20 може и натаму да работи на создадавање спротивен пол на Западот, противтежа на, од страна на Кремљ често осудуваната, американска хегемонија.

Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија
Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на РусијаФотографија: Maxim Shipenkov/EPA/dpa/picture alliance

На средбата треба да се разговара за руското гледање на минирањето на гасоводот „Северен тек“ или за пречките за извоз на руски ѓубрива. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, најави дека „повторно мора да се сврти внимание на штетноста на нелегитимните санкции, бескрупулозната конкуренција и протекционизмот во врска со актуелното прашање за колективен отпор против западната доминација и неоколонијалните практики“.

Војната во Украина не треба да биде тема

Уште на состанокот на министрите за финансии на Г20 во Бангалор, Индија, не беше можно да се постигне договор за заедничка завршна декларација со која се осудува руската инвазија на Украина.

Ова не успеа поради противењето на Русија и Кина, а домаќинот Индија сака да избегне војната против Украина да стане главна тема на самитот. Наместо тоа, треба да се разговара за проблемите на глобалниот југ, климатската политика или задолжувањето на земјите во развој.

Домаќинот Индија сака да избегне војната против Украина да стане главна тема на самитот: Инидскиот премиер Нарендра Моди
Домаќинот Индија сака да избегне војната против Украина да стане главна тема на самитот: Инидскиот премиер Нарендра МодиФотографија: MANJUNATH KIRAN/AFP

Путин: Моди е „како мразокршач“

Лавров значи не мора да очекува дека ќе има непријатен домаќин. Русија има блиско партнерство со Индија во областа на економијата, енергијата и војската. Земјата е исто така еден од главните купувачи на руска нафта и не учествува во западните санкции, поради што шефот на Кремљ, Владимир Путин, е полн со пофалби за индискиот премиер.

Според Путин, Моди е „една од личностите во светот која што може да води независна надворешна политика во интерес на своите граѓани, наспроти сите обиди за заплашување или ограничување“. Путин вели и дека Моди е „како мразокршач - тој мирно се движи во насока неопходна за индиската држава“.

Нарендра Моди и Владимир Путин
Нарендра Моди и Владимир Путин (16.09.2022)Фотографија: Alexandr Demyanchuk/SPUTNIK/AFP

„Индија не сака да се најде меѓу фронтовите“

И други земји-членки на Г20, како Кина, Јужноафриканската Република или Бразил, исто така не учествуваа во казнените мерки на Западот, иако не ја одобриле руската војна во Украина.

Гинтер Мајхолд, заменик шеф на фондацијата Наука и Политика, меѓутоа смета дека Индија не е сојузник на Русија. На пример, Моди го критикуваше Путин на маргините на самит на повеќе држави во Узбекистан и на шефот на Кремљ му рече дека денешната ера не е ера на војна. „Индија има и интензивни воени односи со Русија“, објаснува Мајхолд. „Од друга страна, таа е исто така заинтересирана да не се најде меѓу фронтовите и сака да зачува независна позиција.“

За домаќинот Индија, средбата на министрите за надворешни работи на Г20 е чин на балансирање. Но, силна осуда на руската агресивна војна во Украина не би требало да се очекува.