Гаши: ДУИ сама ги открива нејзините играчи во опозицијата
25 јули 2023Лидерот на опозициската Алтернатива - Африм Гаши, на Движењето Беса - Билал Касами и предводникот на „Огнената група“ - Изет Меџити, кој ја напушти ДУИ и ќе формира ново движење на 13-ти август, вчера заедно разговарале за неопходноста од создавање на заеднички опозициски фронт. Информацијата за средбата поединечно ја споделија на Фејсбук.
„Силно ќе се ангажираме за обединување на гласот на опозицијата во земјата“, објави Меџити, информирајќи дека разговарале за принципите на меѓусебна соработка.
Билал Касами средбата ја оцени како „многу конструктивна“, а создавањето на заеднички опозициски фронт го оцени како „неопходност на албанската политичка сцена“. За наредните денови најави детали за договорената соработка.
„Меѓу другото, разговаравме и за подготовка на нацрт-понуда која дополнително ќе се прошири во предизборна програма. Лавината веќе тргна“, објави Африм Гаши на Фејсбук.
Диференцијацијата почна
Но, патот кон здружување и окрупнување на силите кои се залагаат за промени, не помина без „предомислувања“. Во подготовката за формирање нов партиски субјект, на Изет Меџити не му се придружија неговите довчерашни колеги од ДУИ, фракционери од „Огнената група“ - Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери. Беџети минатата недела изјави дека тој, Џафери и Бејта се против формирање на нов политички субјект, бидејќи на тој начин ќе се расцепка албанското бирачко тело, и дека за сите разлики треба да се расправа и решава внатре во ДУИ. Изет Меџити, по состанокот на кој минатата недела го најави формирањето на новиот политички субјект, се осврна на нивната одлука, оставајќи времето да покаже кој е во право.
„Тројцата одлучија дека сѐ уште има можност да се делува внатре во ДУИ. Ние другите оценивме дека веќе се исцрпени сите можности, нема простор за делување внатре во ДУИ и затоа формираме ново движење, а времето ќе покаже кој е во право“, рече Меџити.
Оваа поделба, според дел од медиумите, станала видлива и на завчерашниот состанок на највисокиот партиски орган на ДУИ – Генералниот совет, кога функцијата на Беџети (организациски секретар) и на Џафери (во Надзорниот совет) не биле доведени во прашање, за разлика од пополнувањето на испразнетите места на лицата што ја напуштиле партијата.
Одлуката на тројцата фракционери да останат во ДУИ, иако беа гласни критичари на политиката на партијата, особено на учинокот на дел од нејзините министри, не е единственото „изненадување“. Вчера заменик-претседателот на опозициската Беса, Арјанит Хоџа, се огради од она што го договара неговиот партиски лидер Билал Касами на средба со Изет Меџити и Африм Гаши.
„Од денеска (24.7. - н.з.) целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот ‘опозициски блок’ со оглед на тоа што главните актери, носители на оваа иницијатива немаат за цел политичка ротација, туку едноставно ‘перење’ на политички фигури кои не далеку од денес беа актери за одржување на актуелната власт во живот и ја спречија ротацијата во албанскиот политички табор. За детали за политичките убедувања и луѓето кои го делат истото политичко мислење со мене, ќе ве известиме преку јавна презентација во текот на оваа недела“, напиша Хоџа на Фејсбук.
Нема лек за стравот
Лидерот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши, вели дека какви било опструкции кон создавањето на заеднички опозициски фронт, само дополнително ги мотивира партнерите во насока на зајакнување на заедничкото дејствување и окрупнување.
„Никогаш не сум се занимавал со деструктивни, туку со позитивни и афирмативни политики, а енергијата сум ја насочувал во насока да се направат промени, кои ќе донесат подобар живот за граѓаните. Граѓаните бараат и очекуваат промени“, вели Гаши.
Тој не ги коментира индивидуалните потези на поединци кои се спротивставиле или оградиле од здружување на опозицискиот блок, но ја лоцира адресата од каде доаѓа мотивацијата за тоа.
„Сите обиди за опструкции во окрупнувањето на опозицискиот блок се одвиваат под диригентска палка на Али Ахмети и Артан Груби.Или ги плаќаат или ги заплашуваат или им се закануваат. На тој начин ДУИ сама ги открива нејзините внатрешни играчи во опозицијата. Очигледно, има голем страв од окрупнувањето на опозицискиот блок. А за стравот нема лек“, вели лидерот на Алтернатива.