Инструментализација на земјоделските протести во Германија?
11 јануари 2024Земјоделците ги возат своите огромни трактори во долги конвои по автопатиштата и регионалните патишта во Германија. Се собираат на плоштади и на крстосници и го блокираат сообраќајот. Ширум Германија, цела оваа недела земјоделците протестираат против политиката на штедење на сојузната германска влада со блокади на патишта и со конвои со трактори.
На почетокот на еднонеделните протести земјоделците излегоа на улиците со десетици илјади трактори. Повод за протестите се планираните кратења на субвенциите за земјоделскиот дизел од страна на владата на канцеларот Олаф Шолц.
Собирите на џиновските земјоделски машини изгледаат импресивно. А, фотографии од протестите на земјоделците против владината политика се шират во милиони на социјалните мрежи. „Протестите на фармерите се битка за фотографии“, анализира консултантот за комуникации Јоханес Хилје. „Фотографиите се стратешка порта за десничарско-екстремистички медиумски креатори.“
Земјоделските протести: „Тест за германски Мајдан“
На Фејсбук, ТикТок и на платформата Х, десничарски екстремистички активисти практично решително застанаа зад протестот на земјоделците. И го подгреваат расположението. Во Дрезден, според весникот„Дрезденер ноје нахрихтен“, десничарските екстремистички групи се измешале со демонстрантите на собирот и протестирале против мигрантите.
Во Берлин повремено се вееја знамиња на екстремната десница. Во Котбус, бројни поддржувачи на популистичката партија Алтернатива за Германија- АфДсе возеа низ центарот на градот заедно со тракторите, пренесува весникот „Берлинер цајтунг“. Според информациите на радиото „Бајерише рундфунк“, на протестите во Минхен имало претставници на ултрадесничарски групи: Идентетско движење и Третиот пат.
Лидерот на Идентеското движење, Мартин Зелнер, ги нарекува протестите на земјоделците „тест за германски Мајдан“ - алузија на протестите во Украина, кога стотици илјади владини противници излегоа на улиците на крајот на 2013 година. Идентитетското движење застапува расистички поглед на светот и повикува на борба против исламот и имиграцијата во Германија.
Видеото на Мартин Зелнер објавено од „Истражувачката платформа на Идентитетското движење“ на платформата Х јасно покажува колку стратешки екстремната десница сака да настапува во рамки на протестите на земјоделците. Членовите од неговото движење за почеток треба да бидат воздржани: „Ако учествуваме - не се туркајте во првиот ред, не со наши идеи и слогани, туку бидете тука да помогнете и пред сѐ да го изнесете нашиот мобилизирачки потенцијал на улица. Само тогаш нема да има имунолошка и реакција на отфрлање“.
Пред сè, партијата АфД, која е делумно екстремно десничарска, во моментов „распалува“ на сите канали против германската владина коалиција на социјалдемократите, Зелените и на Либералите и се солидаризира со протестот на земјоделците против кратења на субвенциите за земјоделскиот дизел.
Моќниот шеф на регионалното здружение на АфД во покраната Тирингија, Бјерн Хеке, на Фејсбук апелира: „Сограѓани, се гледаме на улица!“. Хоке веќе учествуваше на неонацистички марш во минатото и, според судска пресуда, може да се опише како фашист. Иронично е тоа што самата АфД во својата партиска програма се залага за укинување на субвенциите за земјоделците.
АфД се потпира на постојани протести
Со години, АфД се обидуваше да ја искористи речиси секоја форма на протест против германската сојузна влада за своја корист, последен пат при демонстрациите против контроверзните мерки за борба против пандемијата на коронавирусот. И се чини дека партијата е успешна во тоа: АфД котира високо во анкетите и има шанси да стане најсилната партија на повеќе германски покраински избори во 2024 година. Затоа, критичарите предупредуваат дека за првпат по 1945 година и крајот на нацистичката диктатура под Адолф Хитлер, десничарски екстремист повторно би можел да има владина функција.
Набљудувачите се загрижени дека АфД би можела да ги искористи протестите на фармерите за антидемократски цели. Тие се согласуваат дека протестите се демократски и легитимни. Но, тие стравуваат дека дури и ако на крајот само мал дел од учесниците на протестите останат со екстремно-десничарски погледи, тоа ќе биде победа за десничарските екстремисти.
На такво нешто предупредува и истражувачот на екстремизмот Матијас Квент во интервју за германското радио Дојчландфунк. „Мојот впечаток е дека здружението на земјоделци одамна ја загуби битката за суверенитетот на протестите на социјалните мрежи. Таму можете да прочитате: Не станува збор за земјоделскиот дизел, туку за големата слика. Намерата е да се парализира Германија. Ова е Денот X, односно, со други зборови почеток на национален бунт."
Земјоделци со антисемитски традиции
Квент бара земјоделците јасно да се оградат од екстремно десничарските учесници во нивните редови. „Земјоделците кои протестираат не само што се повикани да направат вербални разграничувања, туку и треба да се погрижат нивните протести да не можат и визуелно да се инструментализираат“.
Во минатото се случуваше спротивното од разграничувањето. Веќе неколку години, земјоделците се` повеќе го покажуваат симболот на таканареченото движење „Рурален народ“ за време на нивните протести: бел плуг со црвен меч на црна позадина.
Ова движење е основано во Германија во 1920-тите и беше длабоко антисемитско, расистичко и антидемократско. Иако симболот ретко се појавува на актуелните протести на фармерите, сепак досега останатите земјоделци не се оградија од него.