Германија и Кина: По пет децении, стрес во односите
11 октомври 2022„Голема разноликост и збиеност“ во германско-кинеските релации е оценката која на својата интернет страница ја дава германското Министерство за надворешни работи 50 години по 11 октомври 1972 година, кога тогашниот министер за надворешни работи Валтер Шел и неговиот колега од Кина, Џи Пенгфеи си ги разменија уверенијата за меѓусебно дипломатско признавање.
Половина век подоцна „разноликоста и збиеноста“ на релациите се покажува и преку над 100 партнерства меѓу германски и кинески градови. Како во случајот со Дуизбург и Вухан, градови кои по големината се разликуваат колку и Германија и Кина - Дуизбург има половина милион жители, а Вухан преку осум милиони. Дуизбург, за да ги интензивира релациите, кои и онака се прилично блиски, основаше и посебен Оддел за Кина.
Зоолошката градина во Дуизбург се гордее не само со црвените панди, туку и со кинеската градина со водени павилјони, полукружно мовче и статуи на лавови кои се подарок од партнерскиот град Вухан. Универзитетот Дуизбург-Есен негува соработка во високото образование со кинески партнери. Но, Дуизбург е пред сѐ важна раскрсница на новиот пат на свилата. Тука секоја недела минуваат 60 товарни возови од Кина. Кога во 2014 година, на железничката станица во Дуизбург, стаса првиот товарен воз од Далечниот исток, накитен со гирланди, на перонот стоеше и кинескиот претседател Ши Џинпинг во придружба на тогашниот министер за надворешни работи на Германија, Зигмунд Габриел. Слики од едно минато време.
Политичките ветришта се вртат
Политичките ветришта сега веат од друга страна - и тоа многу посилно од претходно. Порано, различни делегации од двете страни постојано патуваа во двата правци. Денес, средби меѓу германски и кинески политичари се реткост. Тоа е поврзано и со пандемијата, со кинеската строга „нула-ковид“ политика и ограничувањата за влез на земјата. Но, тоа не е единствената причина.
Тоа има врска пред сѐ со тоа што во релациите меѓу двете држави елементите партнерство и конкуренција во последните години паднаа во позадина. Затоа, пак, системскиот ривалитет сѐ повеќе испливуваше на површина. Кинеските закани спрема Тајван, угнетувањето наУјгурите, огромното потиснување на демократските движења во Хонгконг или пак агресивниот настап на Пекинг во Јужнокинеското Море - материјалот за конфликт со Кина постојано се зголемува, а резервите на заедничките работи се топат.
Разликите во интересите помеѓу кинеските и меѓународните партнери во заеднички бизнис инвестиции во Кина порано радо се опишуваа со една слика - „Спијат во ист кревет, но сонуваат различни соништа”. Во контекст на оваа метафора - сега се чини како Германија и Кина да ги ставиле креветите во различни соби.
Системска конкуренција и ривалство меѓу големи сили
Со продирањето во центарот на светскиот поредок Кина автоматски влегува во конфликт со досегашната хегемонијална сила САД. За Берлин тоа е проблематично, бидејќи таквиот конфликт се одвива меѓу најважниот економски партнер на Германија и нејзиниот најважен сојузник.
Експертот за Кина, Бернард Барч, од берлинскиот тинк-тенк МЕРИКС, вели: „Германија и Европа се во ситуација во која сѐ почесто се поставува прашањето - на чија страна се наоѓаш?“ Во годините со Меркел, Берлин се обидуваше да не дозволи да биде приморан да направи таков избор, објаснува Барч и додава дека сега веќе станува сѐ потешко да се избегне таквата одлука. „Политичкиот поим за тоа е дека релациите на Германија со Кина и САД не се на еквидистанца, односно дека земјата е многу поблиску до САД, отколку до Кина. Сепак, не сакаме да ги оставиме неискористени можностите кои ги нудат односите со Кина“, објаснува Бернард Барч.
Дистанцата се зголемува
Во меѓувреме станува видливо дека Берлин се дистанцира од Кина. Роберт Хабек, министер за економија од Зелените и вицеканцелар, веќе најави „поцврста трговска политика“ кон Кина. Кон средината на септември, на крајот од Г7-конференцијата на министрите за економија, Хабек изјави: „Наивноста во врска со Кина заврши.“
Уште кон крајот на мај Хабек му ги одби гаранциите на концернот Фолсваген за инвестиции во Кина. Шок за стопанството. Со децении бизнисот со Кина беше олеснет со гаранции за инвестиции и извоз. Во последните неколку децении, германско-кинеските односи беа пред сè економски односи, и тоа односи кои цутеа. Шефовите на германски влади беа редовно придружувани од големи деловни делегации на нивните патувања во Кина, а потпишувањето на нови проекти за соработка беше проследено со славје. Денес во Кина се активни речиси 5.000 германски компании. Тие таму имаат инвестирано околу 90 милијарди евра.
- повеќе: Германија сака да ја намали зависноста од Кина
Но, денес расположението е мрачно. Во заедничкиот документ презентиран кон средината на септември, Европската стопанска комора во Кина се пожали дека економијата станува сè пополитизирана. „Додека Кина некогаш ѝ даваше печат на глобализацијата, земјата сега се смета за помалку предвидлива, помалку сигурна и помалку ефикасна“, се вели во документот од Комората.
„Само живееме еден покрај друг“
Претседателот на комората, Јерг Вутке, за ДВ вели дека жали поради тоа што „Европејците и Кинезите веќе едвај можат да разменуваат идеи. Ретко кој кинески авторитет веќе доаѓа во Европа. Тоа отсекогаш било неверојатно важно за проверка на реалноста“. Исто така и сè помалку германски студенти одат да студираат во Кина. „Тоа значи дека само живееме еден покрај друг“, резимира Вутке.
- повеќе: Шокот со име Кина: Крај на едно профитабилно партнерство?
Пратеничката од СПД, Дагмар Шмит, како член на германско-кинеската парламентарна група одблизу можеше да го забележи отуѓувањето. „Кога во 2014 бев претседател на групата, имавме навистина жива размена. Имавме доста делегации од Кина, разговаравме и разменувавме ставови. Тоа беше навистина корисно“, се присетува Шмит за ДВ. Но, потоа средбите станале поретки и поздодевни: „Веќе не зборуваа така отворено, читаа подготвени белешки, сè стана многу поконтролирано.“
Со пандемијата оваа размена дополнително се влоши. Повремените видео-конференции не се исто што и средба во живо. Европа и Кина лежат на спротивните краеви на заедничкиот континент, но на 50-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи се чини како уште повеќе да се оддалечуваат.