1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови докази за бруталното кинеско угнетување на Ујгурите

Сузане Ајкенфондер | Ројтерс
25 мај 2022

Фотографии од државни кампови за превоспитување, доверливи упатства и други документи се доказ за затворање на стотици илјади Ујгури во Шинџијанг, Кина. Меѓународни медиуми ги анализираат документите.

https://p.dw.com/p/4BqVD
Xinjiang Police Files
Стражарница во камп за превоспитување во кинескиот регион ШинџијангФотографија: Ng Han Guan/AP/picture alliance

Документите се дел од досега најголемото протекување податоци од внатрешноста на кинеските државни кампови за превоспитување во северозападниот кинески регион Шинџијанг. Тие го илустрираат обемот на прогонот и масовното затворање на безброј луѓе.

„Полициските досиеја Шинџијанг“, за кои сега известува група меѓународни медиуми, содржи информации за околу 300.000 Кинези регистрирани од страна на властите, од кои повеќето припаѓаат на муслиманското малцинство Ујгури. Фотографиите, говорите и официјалните упатства, докажуваат дека камповите не се „институции за професионално дообразување“, како што тврди кинеската влада, туку се строго обезбедувани кампови, ставија јасно до знаење новинари од 14 медиумски компании од целиот свет. Во Германија во истражувањето биле вклучени радио телевизијата Бајеришер Рундфунк и магазинот Шпигел.

Чувари со автоматско оружје, столови за мачење...

На објавените слики се гледаат припадници на безбедносните сили со автоматско оружје. Други фотографии документираат како мажи вооружени со дрвени палки водат затвореник со лисици и окови. Тој носи црна вреќа над главата и на крајот од фотосеријата седи на таканаречен „тигарски стол“ - специјален стол кој, според организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч, се користи за тортура во кинеските затвори.

Збирот на податоци вклучува и претходно непознат говор од 2017 година на тогашниот лидер на Комунистичката партија во регионот Шинџијанг. Во него се вели дека секој затвореник кој ќе се обиде да побегне дури и неколку чекори, треба да биде „застрелан“.

Високи затворски казни

За многу луѓе, властите ја документирале причината за нивно притворање. Еден човек, како што се вели, со мајка си еден час слушал аудио-фајл во кој станувало збор за „верски даноци“: Осудени се на 20 години затвор за подготвување терористички акт. За проучување на религиозни списи друго лице е затворено 34 години, а 10 години добило за преобраќање и подготовка на терористички активности. Петнаесетдневно тренирање во фитнес центар безбедносните власти го протолкувале како подготовка за терористички чин и лицето добило 12 години затвор.

„Полициските досиеја Шинџијанг“ му биле доставени на германскиот антрополог Адријан Зенц од анонимен извор. Според истражувачот, досиејата дошле од компјутерските системи во Бирото за јавна безбедност во окрузите Или и Кашгар во регионот Шинџијанг. Лицето (изворот на информациите), кое не го дало својот идентитет од безбедносни причини, ги хакирало системите и потоа го контактирало Зенц.

- повеќе: Ексклузивно: Монтирани процеси против Ујгурите во Кина

„Тоа бил хакерски напад директно на полициските компјутери, па дури и на компјутерите во затворските логори, со цел да се навлезе во кинеските системи и да се добијат докази од прва рака“, изјави Зенц за ДВ. Според неговите тврдења, лицето му ги ставило на располагање податоците без да поставува какви било услови, не биле исплатени ниту пари. Германецот потоа ги проследил документите до медиумите.

China Xinjiang 2017 | Sicherheitspersonal
Жители на Кашгар, во регионот Шинџијанг, гледаат конвој со припадници на безбедносните сили (ноември, 2017 година)Фотографија: Ng Han Guan/AP Photo/picture alliance

„Вина поради роднински врски“

Зенц нагласува дека материјалот докажува масовно приведување на очигледно невини луѓе, вклучително и тинејџери и стари жени. „Во досиејата дури и не пишува дека направиле нешто. Виновни се само затоа што се во роднинска врска со некого. Овие луѓе едноставно имаат родител или роднина во притвор и тоа е навистина сè", вели тој.

Зенц во минатото беше клучен во откривањето на системот на затворските кампови во Шинџијанг. За овој експерт за Кина, кој истражува во Меморијалната фондација на жртвите на комунизмот во Вашингтон, „Полициските досиеја Шинџијанг“ претставуваат „нова димензија“. Сликите се „уникатни“ и ја побиваат „кинеската државна пропаганда“ дека се работи за „нормални училишта“.

Кинеската влада засега не одговара на прашањата за фотографиите и документите. Во соопштение, кинеската амбасада во Вашингтон не одговара на конкретните прашања, туку наведува дека мерките во Шинџијанг се насочени против терористички стремежи, а не против „човековите права или некоја религија“.

China Still Straßenszene in Kaxgar
Кашгар, најважниот град за Ујгурите кога станува збор за нивната култураФотографија: Mathias Bölinger/DW

Бербок бара појаснување

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го повика Пекинг да ги разјасни откритијата за целно делување против муслиманското малцинство Ујгури. По едночасовната видео-конференција со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, Бербок во Берлин зборуваше за „шокантни извештаи“. Наводите за „најтешки прекршувања на човековите права во Шинџијанг“ сега мора да се разјаснат на транспарентен начин, бара таа.

Битикофер се залага за нови санкции против Кина

Претседателот на Делегацијата на Европскиот парламент за односи со Народна Република Кина, Рајнхард Битикофер, поради „Полициските досиеја Шинџијанг“ повикува на нови санкции против Кина. Фотографиите „со драматична јасност“ покажуваат за што станува збор во овој случај, изјави политичарот на Зелените во интервју за Бајеришер Рундфунк и Шпигел. Овие „слики на ужас“ би морало да доведат до тоа Европската унија да заземе јасен став, бара тој.

Protest against the China's treatment towards the ethnic Uyghur people and calling for a boycott of the 2022 BdT I BdTD I Proteste zur Boykottierung der Winter Olympiade in China
Протест против кинескиот третман на Ујгурите (4.01.2022, Џакарта, Индонезија)Фотографија: Willy Kurniawan/REUTERS

Објавувањето на „Полициските досиеја Шинџијанг“ се совпаѓа со посетата на комесарката за човекови права на ОН, Мишел Бачелет, на Кина. Бачелет би требало да ги посети градовите Урумчи и Кашгар во Шинџијанг. Таа бараше неограничен пристап, но кинеското Министерство за надворешни работи даде дозвола само за посета во „затворен круг“. Како образложение за тоа е наведена корона-пандемијата. Критичарите на посетата на Бачелет велат дека не веруваат оти таа ќе добие неопходен пристап за да може да се даде целосна оценка за ситуацијата во Шинџијанг. На крај може да се тврди дека Бачелет се уверила оти состојбата е во ред. На тоа, како што наведуваат дипломати, Бачелет одговорила: „Јас сум возрасна жена, можам да читам меѓу редови.“ Освен тоа, таа навела и дека аранжиртала средби со луѓе независно од кинеските власти и покрај тоа што пристапот ѝ е ограничен.

UN I Michelle Bachelet
Бачелет: Јас сум возрасна жена, можам да читам меѓу редовиФотографија: Denis Balibouse/REUTERS

Владата во Пекинг и во минатото беше обвинувана за интернирање на повеќе од милион Ујгури и други муслимански малцинства во „кампови за превоспитување“ на крајниот запад од земјата.

Целиот регион е под строг надзор. САД зборуваат за геноцид. Кина жестоко ги отфрла обвинувањата.