Германија бара пристап за помошта во Сирија по земјотресот
8 февруари 2023„На удар на земјотресот се најдоа многу луѓе кои и без тоа живееја во лоши услови, посебно во Сирија, а нивната состојба сега дополнително се заострува. Дотолку поважно е хуманитарните организации што поскоро да добијат насекаде пристап во подрачјата погодени од катастрофата“, изјави денеска Бербел Бас, претседателка на германскиот парламент на седницата на Бундестагот во Берлин, која започна со минута молк за жртвите на катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека Германија веќе испорачува пратки со помош во Турција, каде се пристигнати и германски спасувачки тимови, а истовремено е во тесен контакт со ОН во обид да се испрати хуманитарна помош и во областите во Сирија погодени од земјотресот.
„И таму луѓето се изложени на големи страдања. Во оваа прилика повторно се потврдува животната важност на прекуграничен пристап за помошта, за кој ние со години се залагаме“, изјави германскиот канцелар.
Бас и Шолц искажаа благодарност до луѓето во Германија за нивната солидарност и подготвеноста да помогнат. „На овој начин се манифестира и нивната блискост до нашите сограѓани со турски или сириски корени, кои во овие часови можеби треперат околу судбината на своите роднини или пријатели во погодените региони“, рече Шолц.
Благодарност кон пријателите и партнерите во регионот Шолц искажа и преку посочување на примерот со телефонскиот разговор меѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган: „Во вакви катастрофи јасно се покажува нужноста од наше обединување и меѓусебна поддршка.“