1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Предизборна мобилизација во полн ек

АРД | СН
28 декември 2024

Германскиот претседател Штајнмајер го распушти Бундестагот и распиша избори на 23 февруари. Предизборните активности на партиите и без тоа се одвиваа под полна пареа, засилени со неочекувано многу нови членови.

https://p.dw.com/p/4odtO
Сите партии во Германија бележат зголемување на бројот на членови
Сите партии во Германија бележат зголемување на бројот на членовиФотографија: Marco Steinbrenner/DeFodi Images/picture alliance

Во многу партии во Германија бројот на членови со години се намалува. Но, сега работите изгледаат поинаку и се повеќе луѓе се зачленуваат во партиите. Многу нови членови се исклучително мотивирани за кампањата за предвремените избори за Бундестагот, кои вчера, согласно очекувањата германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ги распиша на 23 февруари.

Откако се распадна владејачката семафор-коалиција во Германија на 6 ноември, 20.000 луѓе се приклучија на Зелените. Меѓу нив е и Грит Глокнер-Колоџиеј од Хајксваген. На крајот на ноември таа одлучи да се приклучи на партијата на Зелените.

По распаѓањето на таканаречената семафор-коалиција, едно ѝ станало јасно. „Морам да направам нешто за да продолжам да имам самодоверба“, вели. Таа посочува дека влегувањето во партијата е само првиот чекор, а сега би сакала повеќе да биде политички ангажирана во секојдневниот живот.

20.000 нови членови во Партијата на Зелените по распадот на владината коалиција во Германија
20.000 нови членови во Партијата на Зелените по распадот на владината коалиција во ГерманијаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Зелените зборуваат за апсолутен рекорден месец кога е во прашање пристапот на нови членови и сега имаат вкупно 150.000 членови.

Од падот на коалицијата има корист и партијата Левица. Оттогаш, 6.000 членови се приклучија на партијата. Севкупно, партијата сега има членство од 58.000 луѓе.

Посебен мотив за поголем придонес

Партискиот истражувач Томас Погунтке од Дизелдорф проучува зошто луѓето сега се приклучуваат на партиите. „Времето на предизборните кампањи е време на мобилизација. Луѓето кои се веќе блиски до некоја партија сега се чувствуваат особено мотивирани да дадат поголем придонес со тоа што ќе станат членови на партијата“, вели тој.

Тоа се главно луѓе кои сакаат да се обидат да направат разлика. Во случајот со Зелените, тој зборува за група поддржувачи кои многу добро можат да се идентификуваат со партијата. Зголемувањето на бројот на членови во партијата Левица го објаснува вака: „Левица е под голем притисок, се работи за парламентарен опстанок“.

„Периодот на предизборна кампања е време на мобилизација“, велат експертите
„Периодот на предизборна кампања е време на мобилизација“, велат експертитеФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Интересот за учество е видлив насекаде

ФДП, исто така, објави дека по напуштањето на семафор-коалицијата добиле околу 2.500 нови членови низ Германија. Меѓу нив е и Тара Таразалис од Келн. „Многу Германци беа незадоволни, меѓу кои и јас. И тогаш си реков: Престани да протестираш и вклучи се“, го објанува таа нејзиниот мотив за влез во партијата. Сега сака да промени нешто и да се залага за своите вредности во политиката.

Зголемувањето на популарноста е видливо и кај другите партии. И Христијанско-демократската унија (ЦДУ)во моментов регистрира значително поголем број нови членови. Според податоците на ЦДУ, во последните три месеци биле примени над 6.600 нови членови. Зголемување на членството забележа и Социјалдемократската партија (СПД). На прашањето на медиумите, СПД не одговори за точната бројка.

Алтернатива за Германија (АфД) не може да даде точни информации за своите членови, објаснува благајникот Карстен Хутер. Тој рече дека оваа партија има поинаква процедура за прием на нови членови, која може да трае и до три месеци. И покрај ова, бројот на апликации останува постојано висок, рече тој.

Во принцип, сегашните бројки значат дека не сите апликации се евидентираат директно на сојузно партиско ниво и затоа се споредливи само во ограничена мера.