1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Германска мисија за гаснење на пожарот на Блискиот Исток

Кристоф Хаселбах
18 ноември 2023

Улогата на Германија во конфликтот на Блискиот Исток се карактеризира со нејзиниот посебен однос со Израел. И покрај ова, министерката за надворешни работи Аналена Бербок бара решенија со речиси сите вклучени.

https://p.dw.com/p/4Z2e3
Аналена Бербок
Министерката за надворешни работи Аналена Бербок води интензивна шатл-дипломатија (архивска снимка)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Јазот меѓу страните во конфликтот е се подлабок. Барем така тоа го доживува Аналена Бербок. Германската министерка за надворешни работи ја заврши својата трета мисија на Блискиот Исток по избувнувањето на конфликтот на почетокот на октомври.

Тоа патување ја однесе германската министерка за надворешни работи во Израел, палестинскиот Западен Брег на Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Најважните цели на турнејата: да се помогне на настраданото цивилно население во Појасот Газа и да се ослободат заложниците од рацете на терористите на Хамас. Покрај тоа, таа сака да помогне во напорите да се избегне ширење на регионалниот пожар и долгорочно да се работи на можно мировно решение.

Газа
Израелско знаме во разурната Газа: По нападот на Хамас врз Израел, израелската армија презема остра акција против радикалните исламистиФотографија: Leo Correa/AP/picture alliance

За германската дипломатија целта е „да се влијае на сите страни за што поскоро да се стави крај на овој конфликт“. И тоа на таков начин што ќе ја гарантира безбедноста на Израел и во исто време ќе создаде идна перспектива за Палестинците“. Вака Ханс Јакоб Шиндлер од меѓународната организација „Проект за борба против екстремизмот“ за ДВ ја опишува задачата на берлинското Министерство за надворешни работи.

Бербок ги критикува сите страни

Германската влада не остава сомнеж за самопрогласениот „државен интерес“ на Германија кога станува збор за безбедноста на Израел. Причината за војната беше „варварскиот напад на Хамас“ врз Израел. Бербок не остава простор за сомнеж.

Од друга страна, во Израел, таа го осуди растечкото насилство на радикалните израелски доселеници врз Палестинците на Западниот Брег и, во договор со нејзиниот американски колега Ентони Блинкен, побара „да нема протерување од Газа, окупација или намалување на територијата на Газа“.

Германија годинава ја зголемува и хуманитарната помош за палестинските територии за дополнителни 38 милиони евра - на 160 милиони.

Аналена Бербок
Бербок во Рамала на Западниот Брег со Мохамед Штаје, премиер на палестинската управа: повеќе пари од ГерманијаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Но, не секој го разбира ова германско балансирање. Палестинскиот премиер Мохамед Штаје огорчено и се пожали на Германија: „Поддршката на Израел со оружје го охрабрува да продолжи со својата агресија врз нашиот народ во Газа“, рече тој. На почетокот на годината Германија и Израел се договорија за испорака на уште три германски подморници.

Дури и прашањето за прекин на огнот во Појасот Газа е чувствително за германската дипломатија. „Ако оружјето се замолчува долго време, тогаш тоа е само од корист за терористите на Хамас, кои можат да ја искористат паузата за да се засилат“, изјави неодамна за јавниот сервис ЗДФ, Михаел Рот, член на владејачката СПД и претседател на комисијата за надворешна политика на Бундестагот. Канцеларот Олаф Шолц исто така постојано ги отфрла повиците за прекин на огнот. За него најдобри опции се „хуманитарни паузи“. Важно е, вели тој, „Израел да успее да го победи Хамас“.

Катар им дава засолниште на лидерите на Хамас

Аналена Бербок се сретна и со претставници на арапските земји, како Саудиска Арабија и Катар. И двете земји се влијателни потенцијални посредници во конфликтот, на пример кога станува збор за ослободување на заложниците на Хамас. Ова особено важи за Катар: тој емират не е само прибежиште за раководството на Хамас, туку е и еден од најважните финансиери на таа терористичка група.

Израелски заложници
Фотографии од израелски заложници на фасада на зграда во Тел АвивФотографија: Debbie Hill/UPI Photo/Newscom/picture alliance

„Во таа смисла, Катар навистина не треба да се потсетува да се залага за заложниците на позитивен начин“, вели експертот за Блискиот Исток, Шиндлер. Притоа, не треба да се преценува улогата на Германија: „Германија има можност само да предупредува и да бара, бидејќи ние како држава очигледно немаме влијание во овој конфликт што би можело да се спореди со она на САД“.

Сепак, САД во регионот се доживуваат како еднострано произраелски настроени. Германија, од друга страна, се смета за понеутрална. Ова, се верува, отвора простор за германската надворешна политика.

Поддржувачот на Хамас, Ердоган, доаѓа во Германија

Но, таа надворешна политика може да биде ставена на тест за време на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Берлин. Ердоган ги нарече терористите на Хамас „ослободители“. Јозеф Шустер, претседател на Централниот совет на Евреите во Германија, изјави за медиумската куќа РНД: „Секој кој не само што го негира правото на Израел да постои, туку активно се бори против него, не смее да биде партнер во германската политика“. Меѓутоа, Германија. сака да одржува дијалог со тој комплициран партнер.

Не се заборава ниту минатогодишното заедничко појавување на палестинскиот претседател Махмуд Абас и канцеларот Шолц во Берлин. Абас тогаш го обвини Израел за „Холокауст“ врз Палестинците, а Шолц беше критикуван што не реагирал веднаш, по изјавата на Абас на заедничката прес-конференција. Шолц дури подоцна ја осуди споредбата на Абас, но штетата на надворешната политика веќе беше направена.

Олаф Шолц и Махмуд Абас
Непријатен настан во август 2022 година: канцеларот Олаф Шолц (десно) првично молчеше откако палестинскиот претседател Махмуд Абас го обвини Израел за „холокауст“ врз ПалестинцитеФотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Што по победата над Хамас?

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека, по акцијата против Хамас, неговата земја ќе биде надлежна за целосната безбедност во Појасот Газа „на неодредено време“. Тој се уште не ги прецизирал понатамошни цели.

„Јасно е дека мора да се организира нов поредок во Појасот Газа за преодниот период“, вели Ханс-Јакоб Шиндлер. Ова, сугерира тој, би можело да го преземат Обединетите нации или арапските држави. „Во таа смисла, се разбира, треба да разговараме и со што е можно повеќе земји во арапскиот свет и од Заливот, за да видиме дали има доброволци кои сакаат и можат привремено да го обезбедат Појасот Газа“.

Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сака Израел да биде надлежен над Појасот Газа „на неодредено време“.Фотографија: Abir Sultan via REUTERS

Според Шиндлер, на долг рок, Палестинската самоуправа, која беше соборена од Хамас во 2007 година, треба да ја врати контролата врз Појасот Газа.

Долгорочна цел: две држави

А понатамошната иднина? Дури и ако тоа во моментот не е прифатливо за нејзините израелски колеги, Бербок, како и нејзиниот американски колега Блинкен, наведува дека долгорочната цел е решение со две држави: палестинска покрај израелска држава, како што веќе договорено од двете страни во 1990-тите. Тоа е „единствениот одржлив модел што може да гарантира траен мир и безбедност за Израелците и Палестинците“, рече Бербок во Тел Авив. Но, тие во моментов не сакаат ни да слушнат за тоа.

„Секако е јасно“, вели Шиндлер, „дека решението со две држави е многу далечна и многу нејасна цел во овој момент“.Но, тој реторички прашува: „А кое друго решение постои освен решението со две држави?

Во секој случај, продолжувањето на статус кво, само без Хамас, што можеби го имаше на ум Нетанјаху, „не е одржливо решение“, вели Шиндлер. Статус квото веќе беше „многу проблематично“ уште пред нападот на Хамас врз Израел. Со уништување на терористичката инфраструктура, Хамас би бил ослабен, но неговата идеологија би можела да преживее. Во оваа смисла, германскиот експерт за Блискиот Исток не гледа друга опција освен да се продолжи да се работи на решение со две држави. Германија треба да го стори истото.