Германско-францускиот тандем во криза
26 октомври 2022Состаноците на германско-францускиот Совет на министри често не се ни посебно возбудливи, а не се ни продуктивни. Шефовите на двете најголеми економии во ЕУ се состануваат, се договараат за заеднички курсеви за јазик или нешто слично што не е посебно важно, па потоа изјавуваат дека и натаму се залагаат за „германско-францускиот тандем.“ Во прв ред во прашање е симболика. Но, и тоа е важно за функционирање на ЕУ.
Тоа што годинешниот Совет на министри е одложен за почетокот на идната година, покажува колку е длабок јазот меѓу партнерите. Тоа не успева да го прикрие ни посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц кај францускиот претседател Емануел Макрон, набрзина закажана за денеска (26.10.). И иако разликите во мислењата меѓу Берлин и Париз не се ништо невообичаено, тие овојпат доаѓаат во најлош можен момент.
Од Елисејската палата е соопштено дека одложувањето на Советот на министри не зборува за состојбата на германско-француските односи. Како причина се наведува тоа што не сите министри имале време, па затоа терминот е поместен. Кај многумина ова објаснување буди сомнеж. „Од 1963 година, од кога постојат состаноци на врвот, досега ниеден не бил откажан“, вели за Дојче веле Штефан Зајдендорф, заменик директор на Германско-францускиот институт (ДФИ), кој издава материјали за тој бинационален состанок.
„Новите шефови на држави обично мораат да поминат низ процесот на учење за да сфатат дека тие состаноци се навистина важни за ‘германско-француската оска'. Така беше кај германскиот канцелар Лудвиг Ерхард или кај францускиот претседател Никола Саркози“, потсетува Зајдендорф. Зашто, како што предупредува тој, во Европа не може да се примени американската доктрина според која една голема држава сама презема водечка улога, а останатите ја следат.
„Ниедна европска земја не е доволно голема за сама да се грижи за политичка стабилност. Потребен е начелен договор меѓу Германија и Франција, чии позиции секогаш се најодалечени една од друга. Тогаш останатите држави-членки можат да се ориентираат кон тој среден пат“, објаснува Зајдендорф.
Двете страни даваат предност на самостојно дејствување
Но, моментално се чини дека двете страни даваат предност на самостојно дејствување. Берлин неодамна усвои пакет помош поради растечките цени на гас и струја вреден 200 милијарди евра, но без претходно да го информира Париз. Тоа можеше и да се очекува, зашто една таква финансиска инјекција може да ги поремети пазарните механизми. Освен тоа, Германија заедно со десетина други држави, но без Франција, неодамна на состанок на членките на НАТО потпиша договор за проект за заедничка систем за противвоздушна одбрана, т.н. „European Sky Shield Initiative" и тоа иако Франција заедно со Италија веќе работи на противракетниот систем „Мамба“.
Макрон потоа на состанокот на врвот на ЕУ минатата недела, заедно со Шпанија и Португалија, најави изградба на нов гасовод меѓу Барселона и Марсеј, кој би служел и за транспорт на водород. Тоа е замена за планираната поврзница меѓу Шпанија и Франција преку Пиринеи, која ја поддржува Берлин.
„Двете страни си одат на нерви една на друга. Германија смета дека може да постигне мултилатерални договори со помалите земји заобиколувајќи ја Франција, а Франција уште од говорот на Макрон на Универзитетот Сорбона во 2017 година чека Германија да се изјасни за поголем степен на европска интеграција“, заклучува политикологот Зајдендорф. Во тој говор Макрон, меѓу другото, се заложи за заеднички буџет на Еврозоната и поблиска соработка во областа на одбранбената и даночната политика.
Криза во најлош момент
„Ние немаме време за такво нешто. Во Европа владее војна, а ни претстои и енергетска криза“, критикува во разговор за Дојче веле и Софи Порншлегел, аналитичарка од бриселскиот труст на мозоци Европски центар за политика. „Ако имаме среќа да не биде многу студено, некако ќе ја протуркаме оваа зима. Но долгорочно, потребно ни е европско решение за високите цени на енергенсите, на пример солидарен фонд. Зашто, ако себеси веќе не можеме да си дозволиме енергија, тоа тогаш води во економска криза и раст на невработеност.“
Според мислењето на Порншлегел, сегашните поделби во Европа му одат во корист на рускиот претседател Владимир Путин, зашто ја прават ЕУ неспособна за дејствување.
Жак-Пјер Гуген, експерт за Германија од парискиот Институт за меѓународни и стратешки односи (Ирис), додава дека оваа криза меѓу двете земји е подлабока од било кога досега. „Тој спор меѓу другото е сериозен и од причина што другите, помали земји како Полска или Балтичките држави, ја доведуваат во прашање водечката улога на германско-францускиот тандем“, вели Гуген за ДВ.
Светлина на крајот од тунелот?
За Роња Кемпин од берлинската Фондација наука и политика (СВП), актуелните разлики во мислењата имаат подлабоки корени: „Макрон веќе одамна сака ЕУ да дејствува во помали тематски групи и е скептичен во однос на проширувањето кон исток пред да се реформира начинот на функционирање на ЕУ. За Франција, Унијата пред сѐ е средство за зголемување на моќта. Наспроти тоа, Германија е повеќе склона да даде согласност за ширење кон исток, зашто ЕУ ја гледа како елемент кој носи трансформација и мир“, смета Кемпин.
Таа вели дека ставовите на двете земји значително се разликуваат и кога е во прашање одбранбената политика. Истакнува дека Германија, додуша спротивно на своите убедувања, се одлучи на зголемени воени издатоци, но парите не ги троши на директно купување, туку на заеднички европски воени проекти. Тоа не ѝ се допаѓа на Франција, предупредува Кемпин.
Штефан Зајдендорф, заменик директор на Германско-францускиот институт, сепак гледа светлина на крајот од тунелот: „Досега сите германски и француски шефови на држави или влади на крајот сфаќале дека не можат едни без други, дури и кога изнаоѓањето компромиси било многу напорно.“