1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа поделена на „север и југ“ танцува на чекор од амбисот

3 април 2020

Европа дојде до долго навестуваниот, но реален историски предизвик. Брзо ќе се утврди дали покрај спасувањето на човечките животи и економиите од коронавирусот, ќе треба да се спасува и самата ЕУ. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3aOGe
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Ако ја исклучиме Полска од равенката, тогаш поделбата во ЕУ по минатонеделниот катастрофален состанок на Еврогрупата може да го опишеме како црквена шизма блиска до нивните етичко-религиозни традиции: меѓу протестанти и непротестанти.

Од една страна оние што највеќе страдаат од коронавирусот и кои допрва економски ќе капитулираат и кои бараат поголема фискална унија и итни економски инjекции, преводени од Италија, Шпанија, Франција, но и Грција, Ирска, Португалија, од друга централните и северните империи предводени од Холандија, Германија и Австрија, Скандинавците, Унгарија и исклучокот Полска.

Овие што денес умираат, а умираат европски граѓани, се најдоа пред ѕид: NEIN.

Шокантната одлука во оваа криза беше да си земат пауза од 14 дена, нешто што е неразбирливо имајќи ги предвид човечките и материјалните загуби.

Ако ЕУ вака продолжи и во следната недела не најде заедничка политика, решение и мерки, тогаш кога оваа криза ќе заврши, ЕУ се уште ќе постои, ама ќе биде хартиен тигар кој Русија, Кина и САД ќе си го делат земја по земја, парче по парче.

И најголемите европеисти на континентот разочарано се прашуваат: На кого му е потребна ваква Европа?!

Одговор ќе добиеме по 14 дена преговори и лобирања, интервенции и дофрлања, временски интервал кој помалку иронично се поклопува со времето неопходно за изолација во карантин, доволно време да се разбере дали заразата постои или не.

Ќе разбереме подобро дали Европа е решена да умре поделена или пак обединета ќе тргне на патот кон заздравување.

Спор околу еврообврзници

Главниот судар помеѓу „северот“ и „медитеранците“ е што овие последните бараат воведување на таканарачените „еврообврзници“, односно нов економски инструмент со кој националните долгови би се обединиле во еден заеднички европски долг. Сега тоа може на прва да делува како нефер кон земјите кои низ децениите биле поголеми економски виртуози и кои не се презадолжувале, но идејата која тука се застапува, не е да се подели веќе постоечкиот и акумулиран долг на суверените држави , туку само новите задолжувања и неопходните економски инјекции кои би ја рестартирале економијата и инвестициите.

Кризата која денес ја гледаме на многу начини потсетува на грчката криза од 2015-та година. Тогаш, неразумната строгост на Германија и Холандија отиде до тој степен што сакаа Грција и нејзините јавни приходи комплетно да бидат одземени од суверенитот на Атина и ставени во посебен инвестициски фонд кој би бил надгледуван од тогашниот германски министер за финансии Шојбле.

Сега, разликата од тогаш до денес е што овој пат сме сведоци за формирањето на два, јасно изразени блокови кои се во судир. Ова не е судир меѓу „гулаби“ и „јастреби“ на европската политика, ова е судир меѓу држави во ЕУ кои се соочуваат со невидена здравствена криза која е спремна да експлодира на економско и општествено поле, и држави кои се уште веруваат дека ќе пројдат подобро од „медитеранските“ земји.

Тоа што се промашува или што „северот“ не сака да го види, е дека оваа криза не почна како економска и не е последица на лоши и неодговорни економски политики на одредени земји, каков што беше случајот со Грција во 2015-та. Ова е криза која директно или индиректно ќе ги зафати сите и која во моменотов бара заеднички жртви и заеднички политики.

Од една страна е добро што денеска постои еден изразен и силен блок кој се спротивставува на холандско-германската строгост и краткогледност, но проблемот е што тоа значи нова и сериозна поделба, создавање на таа толку опасна и непосакувана – Европа со две брзини!

Клучна во оваа битка ќе биде Франција на Макрон, која засега е на страната на „медитеранските“ земји, но која сериозно ќе размисли дали сака да ја расипе француско-германската локомотива во ЕУ. Франција ќе се обиде следната недела да ги разубеди Меркел, Руте и Курц, дека не станува збор за бласфемија наречена „споделување на долговите“, туку за еднократна и долгорочна мерка за спас.

Тоа што строгиот „север“ ќе мора да го земе во предвид, е дека за прв пат се создава политички силен медитерански блок. Силата на тој блок ја составуваат самите земји. Тоа се Португалија, Шпанија, Италија, Франција, кои воедно гравитациски успеваат да ја привлечат и Ирска. Овој политички и економски блок земен заедно ја носи тежината на 60 проценти од БДП на Еврозоната. Затоа и претставата на оваа поделба, како поделба помеѓу „богатиот и продуктивен Север“ и „мрзливиот и сиромашен Југ“, суштински е погрешна. Во овој блок влегуваат и Грција, Чешка, Белгија, Словенија и Луксембург.

Втор важен аспект е што овој блок се соочува со најголемиот дел од последиците од здравствената криза. Оттука овој блок не се поставува негативно кон кризата, во опозиција на Германија, Холандија или Шведска, туку напротив, проактивно нуди мерки кои во блиска иднина ќе им бидат потребни и на земјите од „северот“. Ќе видиме во наредните денови дали овој прогресивен блок ќе успее да се консолидира и дали ќе биде доволно храбар во своето спротивставување на старите европски политики. Сега е прашањето дали ЕУ ќе се сведе на обичен инструмент за меѓувладина координација или пак ќе се врати на одамна загубениот сон за федерализирана Европа.

Позитивен исчекор за европската политика

Ако сме искрени, тогаш мораме да признаеме и еден друг факт. А тоа е дека Унијата во овие неколку недели, без разлика колку тоа е недоволно, направи и донесе повеќе мерки и политики отколку во последните неколку години. Ќе набројам неколку.

Комисијата го суспендираше Пактот за стабилност и раст, дозволувајќи им на сите членки да се зафатат со експанзивни економски политики. Беа ставени на располагање 37 милијарди евра од европските фондови, без квоти за кофинансирање. Беше дозволена поголема слобода во распределувањето на државна помош и субвенции. Активиран беше Европскиот солидарен фонд и дадени беа поголеми средства за Европскиот инвестиционен фонд. Деновиве е реализиран и нов солидарен фонд за борба со невработеноста во висина од 100 милијарди евра. Во исто време Европската централна банка спроведе програма за вонреден откуп на државни обврзници во висина од 1100 милијарди евра, беа донесени посебни мерки и олеснувања со цел финансирање и вбризгување на ликвидност во малите и средните претпријатија. Се тоа свртено со поглед кон обичниот човек, особено најранливите категории, во интерес на фирмите и во интересен на пазарот на трудот.

Сите овие мерки се огромен, позитивен исчекор за европската политика, но, останува фактот дека ова се брзи, итни мерки, на кои мора да се надоврзат други, подолгорочни мерки, затоа што економската и социјалната криза која ќе ги погоди и која веќе ги погодува некои од европските држави ќе трае со години, ако не и децении.

Тоа што загрижува е невидениот цинизам демонстриран од „северот“. За многу од земјите кои се најпогодени од коронавирусот и кои се соочуваат со огромни човечки и материјални загуби, како Италија, Шпанија и Франција, самата идеја да се одложи новата средба на Европскиот совет, беше сфатена како себичен и нехуман стрес тест. Стрес тест кој не е наменет за Европа во целост, туку за поедините земји членки.

Со други зборови, земјите од „Северот“ си купија време за да се обидат да разберат кои навистина би биле ефектите од коронавирусот по секоја земја засебно. Холандија, Германија, Австрија, Шведска, Финска, сакаат да видат дали епидемијата ќе се рашири и во нивните земји со истата драматичност како во Италија, Шпанија и Франција. И во истовреме сакаат да разберат дали економските последици по нивните земји ќе бидат подеднакво катастрофални како оние кај „медитеранските“ земји.

Затоа беше воспоставен тој таканаречен „карантин“ од 14 дена до нова средба и нови одлуки на Еврогрупата. Холандија првично бараше одложувањето на сите идни одлуки да трае месец дена, што кажува дека дводенеделната пауза била повторно постигната само како компромис.

Претходни колумни од авторот:

Слободата е во заложништво, но не одиме кон режимизација

Агамбен, Ниче(не Македон) и Николоски од аспект на короната

Македонија (болна од страв) во време на коронавирусот

Решението за коронавирусот зависи од сите нас!

И што можеме да очекуваме од се ова?! Доколку коронавирусот на „северот“ не ги предизвика истите драматични здравствени и економски последици, тогаш тие дефинитивно нема никогаш да прифатат „еврообврзници“, поголема фискална унија и долгорочни економски мерки. Тогаш би настапиле и би се вратиле истите логики од времето на грчката криза. Италија и Шпанија ќе бидат обвинети дека испаднале неспособни пред коронавирусот и дека нивните економски проблеми всушност се последица на нивните лоши економски политики и реформи во минатото. 

Доколку победи линијата на земјите од „Северот“, тогаш дефинитивно ќе можеме да санкционираме дека победиле националните егоизми, дека ќе се оди кон слаби и нецелосни решенија за секоја земја посебно, и дека цената, од најблагата до најкатастрофалната, ќе ја плати Европа како Унија.

Во пошироката геополитичка слика, ова би значело дека се отвара една нова фаза во функционирањето на Унијата, нешто што би наликувало на Европа пред ЕУ каква што ја знаеме од Мастрихт. Секоја земја уште поизразено ќе го турка својот национален интерес и секоја земја ќе биде втурната во потрага по сојузници надвор од Европа. За некои земји тоа можеби ќе биде изолационистичката и протекционистичка Америка на Трамп, за други пак, можеби некоја од големите светски автократии, било тоа Кина или Русија.

Европа нема да пропадне, но сериозно ризикува да биде длабоко внатрешно поделена и оставена на милост или немилост на големите светски сили. Дали ова ќе им одговара на земјите од „Северот“? Тешко, затоа што засега е несогледливо како би излегле имуни не само од кризата која директно ќе ги погоди, туку и од индиректните последици од кризите кај нивните европски партнери. И да поминат лесно на здравствено поле, неизбежно ќе бидат допрени од економските кризи на земјите најсилно погодени од коронавирусот.

Европа дојде до својот долго навестуван, честопати и априори неоправдано катастрофичен, но секако реален - историски предизвик. Брзо ќе се утврди дали покрај спасувањето на човечките животи од коронавирусот и спасувањето на економиите, ќе треба да се спасува и самата ЕУ.

Всушност, тоа што треба да се разбере е дека спасот на ЕУ ќе се постигне, само ако во другите два предизвици се настапи заеднички и крајно солидарно. Секоја друга логика, само ќе ја доведе Европа на чекор од амбисот, а потоа недовербата и себичните национални политики ќе ја докрајчат работата и ќе ја турнат ЕУ во дупка без излез.