1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Горбачов - трагичната судбина на човекот на мирот

2 септември 2022

Горбачов не беше демократ, но имаше обид за демократизација, нешто што и во тогашна Русија беше неподнослива вина, а денес е станато смртен грев. Од Русија си замина еден човек на мирот, а останува еден човек на војната.

https://p.dw.com/p/4GL1A
Михаил Горбачов во Виена, 5.12.1995 година
Михаил Горбачов во Виена, 5.12.1995 годинаФотографија: Weingartner/picture alliance

Михаил Сергеевич Горбачов беше една од најтрагичните фигури на современата историја. Помеѓу 1985 и 1991 година ќе се обиде да го реформира она што не е нереформабилно, односно, Советскиот сојуз.

Тргнувајќи од идејата дека СССР веќе ја живее својата надолна и конечна парабола, Горбачовсе обиде, за волја на вистината на еден контрадикторен и двосмислен начин, да ја отвори земјата кон поголема дебата, кон реформи и поголема транспарентност, но сигурно не и кон некаква, макар и ембрионална форма на демократија. Хоризонтите кон кои ќе се движи Горбачов се оние на државниот комунизам, во илузија дека чудовиштето кое се распаѓа, преку обновување, може некако да биде сочувано.

Донесен како подмладување, по препорака на Громико, и после доследните анализи на Андропов пред умирање, неговиот подем е производ на инстинктот за преживување во рамки на партијата, семоќната КПСС, која ќе одлучи да прескокне една генерација, во обид за самообновување. 20 години помлад од неговиот претходник Черненко, Горбачов за светот ќе претставува иконографско раскинување со компактната и непроменлива слика на Политбирото, нешто што само по себе даваше чувство дека може да ја помести земјата од геронтократската парализа.

Новиот генерален секретар ќе го добие задолжението да спроведе промени кои предолго се одложуваа, секако под ригорозно почитување на комунистичката ортодоксија, затоа што СССР и нејзината номенклатура предоцна ќе сфатат дека светската сила која држи половина од светот, всушност е глинен гулаб. Човекот кој влегува во кулата Спаскаја со цел да ја освои моќта и мистеријата на Кремљ, во реалност немал никаква теорија за промени, ниту сопствена политичка теорија. Горбачов е провинциски болшевик кој немал свој културолошки проект, ниту пак сериозен сталеж кому да се обрати и од кого да добие поддршка. Императивот за промени ќе го натера да направи политички избор, кој во неговата програма ќе се сублимира преку „Гласност“ и „Перестројка“, нешто што ќе ја дефинира неговата задача, но и неговите ограничувања.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Не се доближи до демократија

Системот мора да се реформира, да се рестартира – затоа што не функционира. Но, системот не е под знак прашање – системот не се дискутира. „Горбачовизмот“ не предвидува напуштање на системот, како лидер е лојален на партијата, која со тек на време ќе му стане непријател поради стравот од реформите. Сепак, Горбачов ќе стави во движење реформски механизми кои ни тој самиот не знаел каде ќе го однесат. Но, неважно, во кратко време ги растура старите рамнотежи, го привлекува вниманието на светот, ги гори мостовите со партијата од која и самиот зависи. Од друга страна, никогаш не доспева, не се ни доближува до демократијата во своите седум години на промени.

Но, во една земја замрзната од идеологијата, а претходно и од теророт, хаотичниот и расклиман чекор на перестројката ќе делува како ослободувачки земјотрес, способна да ги промени внатрешните правила, навиките, па дури и надворешната политика на Москва. Русите под јаремот на советизацијата, прво како закрепостени селани, потоа како болшевици, никогаш полноправни граѓани на својата држава, сепак низ гласноста ќе почувствуваат нагли и отрезнувачки промени.

„Еве човек со кој може да се работи“

Западот, кој денес со право го слави Горбачов, одеднаш ќе препознае достоен и искрен соговорник, човек на мирот, личност ослободена од стегите на идеологијата и догмите. Прва ќе го препознае Тачер, која за него ќе каже: „Еве човек со кој може да се работи“. Потоа и Реган - антикомунистот кој СССР ќе го нарече „Империјата на Злото“ - ќе развие адолесцентско пријателство со Горбачов, свесен дека Западот конечно пронашол човек од доверба. Доверба толку силна, што во еден момент САД и СССР беа на чекор до заемно нуклеарно разоружување, нешто што потоа апаратите на двете земји не го дозволија. Горбачов ќе го освои европското и особено германското јавно мислење, кое во советскиот реформатор ќе види мировник кој би можел да ја оконча Студената војна, а потоа и којзнае, можеби и да дозволи мирно обединување на Германија, нешто што и навистина ќе се случи.

Михаил Горбачов и Роналд Реган во Женева (архивска фотографија)
Михаил Горбачов и Роналд Реган во Женева (архивска фотографија)Фотографија: Dennis Paquin/REUTERS

Гледано од денешен аспект, заминувањето на Горбачов се случува во еден клучен, драматичен момент за Русија, која пак, симболично ги кине сите врски со политиката на Горбачов. Денешната политичка визија на Путин е тотална негација на епохата во која Москва се замислуваше како можен автор и актер во глобалната архитектура договорена со САД. На 24 февруари таа епоха беше дефинитивно затворена, ќе видиме дали засекогаш.

Од друга страна, комунистичката партија како единствен вистински лост на промени, ќе почне да развива отпор и наместо за реформација, да се залага за реставрација. Веројатно го прочитале Токвил, па оттука, им било јасно дека обидот за реформирање на режим кој е пред умирање е само начин како да се забрза крајот. Системот кој драматично губеше авторитет и сила, одбра еден вид на автофагија на номенклатурата, која и онака беше позагрижена да ја задржи моќта, отколку да ја извршува.

Најголемата илузија на Горбачов

Грешката на Горбачов е во неговото цик-цак реформаторство, еден чекор напред кон реформите, два назад кон стариот систем. Таквото раководење ќе го доведе до крах на перестројката и обидот за државен удар од страна на носталгичарите на комунизмот. Од друга страна, уплашен од народните протести и сенката на Елцин, Горбачов во своите последни години ќе се опколи со луѓе поврзани со КПСС. Еден по еден ќе ги напушти сите свои реформатори, почнувајќи од Шеварнадзе, па до „таткото на перестројката“ Александар Јаковлев. Луѓето кои ќе ги постави под себе, од потпретседателот, премиерот, шефот на КГБ, до министерот за одбрана и претседателот на парламентот, се токму авторите на пучот кои ќе го дефенестрираат во 1991 година. Фактот дека самиот ги бира, го прави Горбачов и жртва и соучесник во сопствениот пад.

Истата трагедија ќе ја потврди и преку перестројката, каде економската состојба наместо да се подобрува само ќе се влошува. Вицот од времето гласи: „Тоа што нам ни треба е шведска економија - ќе каже Горбачов. Да - одговара министерот за економија, но за да ја оствариме ни требаат Швеѓани“. Секој економски план на Горбачов ќе биде ветен, најавен, а потоа и напуштен.

Но, можеби најголемата илузија на Горбачов е таа дека може да го демократизира комунизмот без да го собори. Горбачов е убеден дека КПСС може да се трансформира во социјалдемократска партија и дека после 70 години тоталитаризам луѓето би го гласале и без поддршка од мнозинска партија. Истата илузија ќе го доведе до тоа да го прифати обединувањето на двете Германии - Горбачов едноставно не верува дека источните Германци би престанале да го поддржуваат реформираниот комунизам. Од истата наивност верува и дека народите од СССР не би се разделиле своеволно, без да разбере дека последната мултиетничка империја, еднаш оставена без теророт и идеолошкиот набој кој ги држеше заедно народите, ќе се распадне и подели на Словени, Кавказијци, Балтијци и Азијци, кои така ќе се одделат или одновно ќе формираат независни држави. Истата грешка или стратешки превид ја прави денеска Путин со инвазијата врз Украина.

Табла во Берлин, поставена во знак на сеќавање на говорот на американскиот претседател Реган
Табла во Берлин, поставена во знак на сеќавање на говорот на американскиот претседател РеганФотографија: Matthias Balk/dpa/picture alliance

Затоа и меѓу грешките кои го срушија Горбачов и СССР спаѓа и онаа да испрати тенкови и да пролее крв во Вилнус, Баку, Ереван или Рига, со цел да ги задуши сепаратистичките бунтови. Горбачов не испрати тенкови во Источна Европа и тоа секако е негова голема историска заслуга, но не се воздржа да не ги испрати во главните градови на СССР.

Разликата помеѓу Горбачов и Путин

Се разбира, денес Западот го слави Горбачов како мировник, голем државник, храбар реформатор, човек чија политика дозволи „Германија да може да се обедини и Железната завеса да падне“. Тоа донекаде на Западот му е полезно со цел да го престави Горбачов како антипод на Путин, а донекаде има и историска вистина во таквите гледишта. Горбачов лично беше силен поддржувач на првите години на Путин и барем до 2016-та година. Да, не беше наклонет кон авторитарниот пресврт на Путин, но ја бранеше анексијата на Крим и нападите на Путин кон Западот, обвинувајќи ја НАТО дека не го оддржала ветувањето, дадено нему лично од тогашниот државен секретар на САД, Џејмс Бејкер, дека „Алијансата нема да отиде ни еден сантиметар кон Исток“.

- повеќе од авторот: Атентат врз Дугин или врз Путиновата идеја за империјална Русија?!

Горбачов, така се зборува, со горчина и неверување ја примил веста за инвазијата на Украина, нешто што уште во 2014-та го осуди како „апсурдно“. На Горбачов може да му се припише одредена геополитичка наива, но никако и малициозност, па сепак, доживеа да види како неговата старо-нова држава оди во војна со цел да го преиначи билансот од неговото владеење.

Владимир Путин, Ангела Меркел и Михаил Горбачов (од л. кон д.), Визбаден, 15.10. 2007 година
Владимир Путин, Ангела Меркел и Михаил Горбачов (од л. кон д.), Визбаден, 15.10. 2007 годинаФотографија: Frank May/dpa/picture-alliance

Контрадикторен и трагичен, полн илузии, но и добри намери, во денешната паралела или историска аналогија, ако Горбачов го споредиме со Путин, ако споредиме што можел да предизвика, колкави војни и крвопролевања, а наместо тоа одбрал мир и зближување, тогаш јасно е колкава е политичката и хуманата разлика помеѓу него и Путин. Едноставно, неговите потези, макар и вреднувани како наивни, дозволија крај на војната во Авганистан, пад на Берлинскиот ѕид, обединување на Германија, обид за реформирање на еден систем изграден врз насилство и принуда, мало ослободување во ерата на тоталитаризмот. Горбачов не беше демократ, но имаше обид за демократизација, нешто што и во тогашна Русија беше неподнослива вина, а денес е станато смртен грев.

- повеќе од авторот: 

Горбачов е трагичен затоа што умирајќи на свој грб ги понесува сите вини, сето наследство од една грандиозна и ужасна епоха. Си заминува во моментот кога Путин со инвазијата врз Украина го негира секој обид за мирна коегзистенција помеѓу две империи и светски сили.

Без обиди и потреба од глорификација, сепак, од Русија си замина еден човек на мирот, додека и понатаму останува еден човек на војната. Ќе биде запаметен како исклучок во вечното руско проклетство кое осцилира помеѓу сталинисти и неоцаристи.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.