1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поскапа струја за оние што топлат базени и се „луксузираат“

ДТЗ
11 декември 2023

Граѓаните стравуваат од нов ценовен шок, особено по најавите дека ќе се воведе нова ставка во сметките за струја - Пристап до мрежа, покрај досегашните издатоци за мрежарина.

https://p.dw.com/p/4a15r
струја
Граѓаните кои не се луксузираат не треба да стравуваат од нов ценовен шок на струјатаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Граѓаните коишто не се луксузираат не треба да стравуваат од нов ценовен шок на струјата. За корисниците од првиот блок, кои имаат мала потрошувачка на струја нема да има промени во цената по Нова Година. Оние, пак, што загреваат поголеми простории и базени и ја користат струјата за полуксузни намени ќе плаќаат повеќе, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Цената на струјата ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Граѓаните стравуваат од нов ценовен шок, особено по најавите дека ќе се воведат нови ставки во сметките за струја. 

Но, Ковачевски е дециден дека првиот и вториот тарифен блок опфаќаат до 98 проценти од домаќинствата во државата и за нив ќе нема никаква промена на цената, како што и немаше досега, бидејќи не се дозволи ценовен шок за граѓаните.

„Третиот и четвртиот блок се помал број домаќинства што имаат поголема потрошувачка на електрична енергија. Во четвртиот блок се домаќинства коишто согласно своите приходи и можности загреваат поголеми простории, базени и слично. Секој согласно своите можности тоа може да го прави, меѓутоа и ќе плати поскапа цена на електрична енергија, бидејќи ние ја субвенционираме до 90 проценти за да немаме ценовен шок“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на новата апаратура за генетика во МАНУ. 

вила со базен
Граѓаните што загреваат поголеми простории и базени и ја користат струјата за полуксузни намени ќе плаќаат повеќеФотографија: DW/I. Anastassopoulou

Нова ставка - пристап до мрежа

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски деновиве во интервју за „Независен“ најави дека во сметките за електрична енергија се подготвува нова ставка - Пристап до мрежа, која ќе биде покрај постојната за мрежарина. Но, најавите се дека тоа нема да ги зголеми сметките за струја, а истовремено ќе придонесе да се направи правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици.

„Тие што поставиле фотоволтаици на крововите си помогнале, но не треба да ги казниме оние што не поставиле. Ниту тие треба, поради тоа што се намалила потрошувачката, да плаќаат повеќе. Поради тоа во рамки на одобрениот приход ќе воведеме ставка Пристап кон мрежа. Притоа, не ги менуваме гарантираните парични единици приход, туку ќе направиме правична распределба. Тие што поставиле фотоволтаици на покривите ќе плаќаат одреден износ за пристап кон мрежа, што ќе биде фиксен надоместок“, објаснува тој.