Грција: Безредија по железничката трагедија кај Лариса
4 март 2023Во текот на вчерашната (3 март) вечер избувнаа судири меѓу полицијата и демонстрантите во Грција по тешката железничка несреќа која се случи неделава, а во која, според последните информации, загинаа најмалку 57 лица.
Првично мирните протести во Атина, Солун и во Лариса, во близина на местото каде што се судрија возовите, се претворија во насилни немири откако демонстранти со качулки започнаа да фрлаат петарди и камења на полицијата, соопшти државното радио.
Илјадници демонстранти, главно млади луѓе, претходно излегоа на улиците во градовите за да го искажат својот гнев поради железничката катастрофа која се случи во вторникот (28 февруари).
Полицијата употреби солзавец и шок-бомби за да ги растера демонстрантите. Демонстрантите извикуваа слогани против политичарите кои ги сметаат за одговорни за лошата состојба на грчките железници. Безредијата траеја околу еден час, а потоа ситуацијата повторно се смири.
Вработените во грчката железница низ целата земја во петокот втор ден по ред стапија во 24-часовен штрајк, во знак на протест за пропадната и дотраена железница во земјата.
Несреќата се случи кога патнички воз ја сменил пругата, и се префрлил на пруга која ја користел товарен воз кој доаѓал од спротивна насока.
По несреќата, беше откриено дека Европскиот систем за контрола на возови - сигнален систем кој го запира возот кога се заканува опасност и на тој начин заштитува од човечка грешка - не работел.
Во патничкиот воз имало 342 патници и 10 вработени во железницата кои по долгиот викенд биле на пат кон Солун во северна Грција. Многу од патниците биле студенти, а повеќето жртви се млади луѓе. Во товарниот воз имало двајца машиновозачи.
Во рамките на истрагата полицијата извршила претрес на железничката станица во Лариса. Портпаролот на полицијата изјави дека се одземени сите документи кои би можеле да помогнат во истрагата. Одговорниот шеф на станицата веќе е обвинет за убиство од небрежност. Доколку биде прогласен за виновен, на 59-годишникот му се заканува доживотен затвор.