Грција дозволи истополови бракови
16 февруари 2024Грчките парламентарци со 176 гласа „за“ (од вкупно 300 места во парламентот) го донесоа законот со кој се дозволуваат истополови бракови во земјата. Законот доби натпартиска поддршка, односно за него гласаа и пратеници од левицата и конзервативци. Двајца пратеници беа воздржани, а 46 пратеници не присуствуваа на седницата, соопшти претседателството на грчкиот парламент.
Законот е изгласан по жестока дискусија. Пратеници од помалите ултраконзервативни партии, но и некои парламентарци од владеачките конзервативци, сметаат дека со законот се игнорира традицијата во грчкото општество и поуките на православната црква. Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис од своја страна, пак, рече: „Во Грција никој не смее да се чувствува како граѓанин од втора класа. Денес е ден за радост.“
Со новиот закон, хомосексуалните брачни двојки добиваат исти права и обврски како и хетеросексуалните. Тие може да посвојуваат деца. Двата партнера/партнерки добиваат старателско право, иако детето биолошки потекнува од само еден од партнерите. Сепак, на хомосексуалните двојки и натаму им е забрането добивање деца со помош на сурогат мајки.
Големи критики на законот упати грчката православна црква. Дел од црковните лица на пратениците од своите региони им се заканија „добро да размислат за што се изјаснуваат“. Православната црква во Грција е запишана во грчкиот Устав како доминантна религија и има силно влијание врз религиозно ориентираните изборни кругови. Со усвојувањето на законот, Грција станува првата мнозински православна христијанска земја која ќе дозволи граѓански брак меѓу лица од ист пол.