1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Грип и корона - ни се заканува ли двоен бран?

Дојче веле
22 октомври 2022

Германските болници би можеле да се преоптоварат поради зголемување на бројот на заразени со корона. Ситуацијата може да се влоши со претстојната сезона на грип. Дали ни се заканува бран на корона и грип во исто време?

https://p.dw.com/p/4I5NW
корона вируси
Германските болници предупредуваат на опасност од повторно преоптоварување на здравствениот систем поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусФотографија: Christian Ohde/CHROMORANGE/picture alliance

Германските болници предупредуваат на опасност од повторно преоптоварување на здравствениот систем поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирус. „Имаме значително зголемување на бројот на пациенти позитивни на Ковид. Во однос на минатата недела, зафатеноста на болничките кревети е зголемена за 50 отсто“, најави Гералд Гас од германското болничко здружение ДКГ. Дополнителен проблем е недостигот на медицински персонал. 

Ситуацијата може да се влоши, бидејќи сезоната на грип е пред почеток, па се заканува двоен бран на на болести. Дали има причина за загриженост? 

Зошто сега повторно се заканува бран на грип? 

Во изминатите две зими, сезоната на грип практично отсуствуваше, за што придонесоа мерките за спречување на ширењето на пандемијата на коронавирус, како што е обврската за носење заштитни маски, држење на растојание и ограничување на контактот. Сега, во многу области, тие правила повеќе не важат. Затоа, мора да се претпостави дека најверојатно ќе дојде бран на грип оваа зима, изјави Карстен Вацл, генерален секретар на Германското друштво за имунологија, за јавниот сервис СВР.

Кога е ладно, вирусите полесно се шират, а аеросолите остануваат подолго во воздухот доколку тој е сув поради загревањето. Покрај тоа, нашата слузница е сува во зима, што оди во прилог на ширењето на вирусите. 

Професорот Карстен Ватцл
Професорот Карстен Ватцл предупредува дека истовремениот бран на корона и грип може да биде проблематичен за општествотоФотографија: IfADo

Дали бранот на грип ќе биде посилен од пред пандемијата? 

Тешко е да се процени каков може да биде бранот на грип. Бројките се разликуваа од година во година дури и пред пандемијата. Во Австралија се приближува крајот на сезоната на грип, која таму започна порано од вообичаено, а грипот побрзо се прошири. Но, според Вацл, овогодинешниот бран на грип во Австралија не се разликува многу од претходните години. Тој тргнува од фактот дека дури и во Германија може да се смета на просечна сезона на грип како што беше пред пандемијата. 

Кој е особено изложен на ризик? 

Поради пандемијата луѓето веќе подолго време немаат контакт со вирусот на грип. Затоа изостана првата инфекција кај малите деца, што значи дека тие се уште немаат развиено имунитет и затоа не се отпорни на заразата. Податоците од Австралија покажуваат: повеќе од 50 проценти од случаите на грип се кај деца под 16-годишна возраст. Но, по правило тие полесно го преболуваат грипот. 

Кој треба да се вакцинира против грип? 

Тешките форми на болеста првенствено се очекуваат кај постари лица и кај лица со ослабен имунитет. Во тие групи, грипот може да биде смртоносен. Според податоците на Институтот Роберт Кох (РКИ), во сезоната 2017/2018 година, во Германија 25.100 луѓе починале како последица на инфекција со вирусот на грип.

Затоа вакцинацијата против грип се препорачува за лица над 60 години, бремени жени и хронично болни, како и лица кои имаат бројни контакти, на пример, вработени во здравството и грижата за стари и болни лица.

РКИ препорачува вакцинација помеѓу октомври и средината на декември. Вакцината го развива својот целосен ефект 10 до 14 дена по вакцинацијата. 

вакцина
Вакцината е сепак најдоброто решениеФотографија: Eibner-Pressefoto/EXPA/Feichter/imago images

Каква заштита дава вакцината? 

Секоја година доминира различна варијанта на вирусот. И секоја година потребно е однапред да се предвиди која варијанта од следната сезона би можела да биде проблематична, за да се произведе вакцината навреме.

Овие предвидувања не се секогаш целосно реализирани, поради што нивото на заштита што го обезбедува вакцината варира од година во година. РКИ ги објави резултатите од студијата која покажува дека ефективноста на вакцините во изминатата деценија била помеѓу 20 и 60 проценти. Но, дури и во години со помала ефикасност, бројни случаи на заболување беа спречени со вакцинација. Дополнително, податоците покажуваат дека грипот кај вакцинираните има поблаги симптоми.

Истовремената вакцинација против грип и коронавирус, според РКИ, не влијае негативно на ефикасноста на вакцината. Сепак, можни се посилни несакани реакции на вакцината. 

Дали е можно да се заразиме со корона и грип во исто време? 

Двојната инфекција со корона и грип е многу ретка, бидејќи телото веднаш ги активира одбранбените механизми во случај на вирусна инфекција. Така, во исто време, ја потиснува моменталната инфекција, а исто така ја отежнува инфекцијата со нови вируси.

Кои би биле последиците од заедничкиот бран на корона и грип? 

Истовремениот бран на корона и грип може да биде проблематичен за општеството, предупредува професорот Вацл. Затоа што тоа повторно би значело преоптоварени болници и медицински персонал. Но, сепак е оптимист и вели дека не смета на двоен бран на инфекции. Како причина ја наведува моменталната доминантна варијанта на ковид - Омикрон, кај која инфекцијата обично нема тешки симптоми, како и постоењето на основниот имунитет на населението создаден со вакцинација или прележување.