Гутереш: Секој напад врз атомска централа е „самоубиствен“
8 август 2022Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш осуди секакви напади врз атомски постројки како „самоубиствен чин“. Тој изрази надеж дека нападите врз украинската атомска централа „Запорожје“ ќе престанат и Меѓународната агенција за атомска енергија ќе добие пристап до неа. Гутереш ова го изјави денеска во Токио, по посетата на Хирошима на викендот, каде учествуваше на комеморациите по повод 77-та годишнина од фрлањето атомска бомба врз овој јапонски град во Втората светска војна.
По повеќе децении, ризикот од нуклеарна конфронтација повторно е присутен, истакна Гутереш, залагајќи се атомските сили да се воздржат од употреба на опасното оружје.
Нападите врз „Запорожје“ ја алармираа и Меѓународната агенција за атомска енерегија. Нејзиниот генерален секретар Рафаел Гроси во саботата предупреди од опасност од нуклеарна катастрофа, која може да биде погубна по јавното здравје и животната средина во Украина, но и надвор од земјата. Гроси зборуваше за „многу реална опасност од атомска акататсрофа“, со оглед на нападите врз постројката.
Делови од „Запорожје“ се „значително оштетени“, соопшти претпријатието Енергоатом кое управува со атомската централа, поради тоа еден од реакторите во неа е исклучен. Русија и Украина меѓусебно си ја префрлаат вината за отворање оган врз нуклеарката.
Работата во атомската централа „Запорожје“ се одвива нормално, тврди Русија. Војската и претставници на руските надзорни служби за атомска енергија се наоѓаат на терен и ја следат ситауцијата, пренесе руската новинска агенција Интерфакс денеска.
Атомската централа „Запорожје“ во јужна Украина е најголема нуклеарка во Европа, а од почетокот на март е окупирана од руските трупи, кои само неколку дена по инвазијата врз Украина, ја ставија под своја контрола.