Хрватска: Подобро изнајмување на сместување, отколку работа
26 август 2023„Неатрактивноста на вработувањето во јавната администрација делумно е последица на многу високите приходи остварени со изнајмување приватно сместување. А високата заработка со себе носи повеќе слободно време и потреба за комоција, патувања и слично. Тоа едноставно не оди заедно со трајното вработување“, вели Марко Палиага, градоначалник на Ровињ.
„Ќе станеме нација на келнери и собарки“ – ова е прогнозата што злокобно одекнуваше во Хрватска пред само неколку години. Тоа е резултат на фактот што туризмот дефинитивно стана најпропулсивната хрватска економска гранка. Сепак, многу брзо се покажа дека ова е прилично погрешна проценка и тоа од едноставна причина: никој не сака да биде келнер и собарка. Поточно, никој од локалното население.
Овие работни места, како и многу други во угостителството, услужните дејности и во градежништвото, од годинава масовно се пополнети со работна сила од Непал, Филипини и други далечни земји, бидејќи изворите на работна сила од соседните региони кои не се толку туристички, како и од околните земји, пред сѐ од Босна и Херцеговина и од Србија, веќе полека пресушија.
Зошто нема поголем интерес кај локалното население за работни места во туризмот, иако платите веќе не се толку ниски како претходните години? Постојат три причини. Првата е резултат на повеќедеценискиот пад на наталитетот во Хрватска, а со тоа и младата работна сила е сѐ помала. Втората е заминувањето во земји од Европската Унија каде Хрватска е членка веќе десет години и каде што платите за истите работни места се значително повисоки. Третата причина се однесува на одредена категорија на население за кои таквите работни места едноставно не се исплатуваат. Имено, тие веќе живеат од туризмот. И тоа сосема пристојно.
Од работници на бродоградилиште до изнајмувачи на станови
Зоран Ѓорѓевиќ од Пула бил работник во сега веќе непостоечкиот бродоградежен гигант „Уљаник“. Таму работел од 1983 до 1995 година, кога дал отказ во бродоградилиштето. Неговите родители и пред тоа се занимавале со туризам, а од таа година тој живее исклучиво од издавање апартмани во семејната куќа, која ја наследил. И тој и неговото четиричлено семејство.
Пресметката била повеќе од едноставна. Од една страна осумчасовна физичка работа во валкано работно одело за мала плата и со мрморење на газдата, а од друга изнајмување на 120 квадрати од горниот дел од семејната куќа со базен за солидни пари и слободно време за себе и за семејството.
„Додека работев во Уљаник во 90-тите имав плата од околу 100 германски марки месечно. Моите родители заработуваа илјада и пол марки за еден месец“, вели Ѓорѓевиќ.
За разлика од деведесеттите години на минатиот век, туристичката сезона е продолжена, па Ѓорѓевиќ сега има гости од први април до средината на октомври. „Можеме да изнајмуваме подолго, но ова ни е доволно“, вели Зоран Ѓорѓевиќ, алијас Ѓола Мацола, како што гласи неговото уметничко име, кој локално е познат како тапанар во повеќе рок бендови. Тој заедно со сопругата организираше и неколку хуманитарни акции во родниот град.
„Фативме холандска болест“
Меѓутоа, трендот на незаинтересираност за вработување поради занимавање со туризмот не е присутен само кај обичните работници, туку и кај високообразованите. Тоа долго време го чувствуваат во јавната администрација, на пример во Ровињ.
„Пред некој ден две лица дадоа отказ во јавната администрација. Мислам дека шестпати распишувавме конкурс. Никој не се пријави“, вели градоначалникот Марко Палиага. „Таа непривлечност на вработувањата во јавната администрација делумно е последица на многу високите заработки од издавање во приватното сместување. А високата заработка со себе носи повеќе слободно време и потреба за комоција, патувања и слично. Тоа едноставно не може со трајно вработување“, додава Палиага.
Во Ровињ, град со околу 13.000 жители, на туристи им се издаваат повеќе од 12.000 станбени единици. Воедно, градоначалникот предупредува на специфичен феномен во Хрватска: ниско или никакво оданочување на куќите за одмор.
„Се плаќаат одредени паушали. Немам ништо против тоа, бидејќи тоа му помага на домашниот буџет со неколку илјади евра годишно, но ние од друга страна во Ровињ имаме луѓе кои изнајмуваат пет, шест, па и десет стана, а за тоа плаќаат многу малку данок“, нагласува градоначалникот на Ровињ, Палиага.
Тој го споредува овој тренд со „холандската болест“. Станува збор за економски феномен кој се појави во таа земја, според кој брзиот развој на една економска гранка предизвикува пад во другите сектори. Така, поради брзиот развој на претприемништвото и трговијата во Амстердам, каде што голем број луѓе поседуваа деловни простории, дојде до нагло зголемување на цените за изнајмување на тие простории. Последица од тоа беше пад на интересот за вработување на пазарот на трудот.
Според Палиага, градот Ровињ ќе преземе мерки за ограничување на натамошната градба. Една од можните мерки во иднина е и намалувањето на туристичките капацитети.
„Ќе видиме што ќе каже за тоа новиот Закон за туризам, кој треба да овозможи ограничување на капацитетите во одредени зони. Сигурен сум дека ние во Ровињ ќе знаеме како да го искористиме тоа“, вели градоначалникот.
„Не е виновен само туризмот“
Социологот Крешимир Кроло, вонреден професор на Катедрата за социологија на Универзитетот во Задар, смета дека проблемот со недостигот на кадри во јавната администрација во туристичките региони е многу поширок, односно дека причината не е само изнајмувачката економија која ја уништува работната етика.
„Проблемот е негативната селекција при вработување, која се спроведува со децении, бидејќи многу луѓе се вработуваа преку политички и семејни врски. Исто така, цртање просторни планови или справување со комунални проблеми - ова е одговорна работа, а подлежи на бројни притисоци од политичари, инвеститори, локални шерифи, па дури и од јавноста“, објаснува Кроло, додавајќи дека за некој што сака да работи во својата професија и за јавно добро, таквата атмосфера не е охрабрувачка.
„Сега, за среќа, јавната администрација повеќе не е место на корупција, туку се појави нов проблем. Тие работни места веќе не се профитабилни, бидејќи сега и најлошата работа во Ирска се плаќа повеќе. Проблемот кулминираше и доколку нешто не се промени во догледно време, ситуацијата ќе се влоши. Градските администрации ќе функционираат сè помалку, а истото ќе биде и во другите сектори, како културата и образованието“, посочува Кроло.
Тој предупредува на уште една негативна последица од туризмот, кој силно се одразува на пазарот на труд и заминување на квалификувана работна сила надвор од државата. Тоа е растот на цените на недвижностите. „Купувањето стан во тие региони стана невозможна мисија“, заклучува социологот Крешимир Кроло.