1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: нема персонал во туристичкиот рај

Среќко Матиќ
12 август 2017

Сѐ повеќе гости од странство го поминуваат својот летен одмор во Хрватска. Но, изгледа ваквиот развој ја изненадени јадранската земја. Особено во областа на туризмот недостасува стручна работна сила.

https://p.dw.com/p/2hsZ0
Kroatien Strand Urlaub
Фотографија: AP

За Гари Капели ова е особено добро лето. „Во првите седум месеци од 2017 година, имаме 7,5 милиони ноќевања повеќе отколку во првите седум месеци од минатата година. До крајот на годината веројатно ќе ја надминеме бројката од 100 милиони ноќевања", вели министерот за туризам на Хрватска. Само во јули 4,6 милиони гости го поминале нивниот летен одмор во сончевата јадранска земја. Особено меѓу Германците, Хрватска е омилена - побарувачката се зголемува.

Но, хрватската летна бајка има темна страна: токму на крајбрежјето нема доволно работници. Постои недостаток на готвачи, келнери, хигиеничари, негуватели за деца. Среде топ-сезоната, околу 2.700 работни места сѐ уште се отворени. Исто така во областа на градежништвото и во здравството, многу работни места не се пополнети.

Главната причина: по пристапувањето на Хрватска во ЕУ во 2013 година, многу Хрвати се преселија во други европски земји. Од пред две години, хрватските граѓани во Германија можат да работат без ограничувања. Благодарение на слобода на движење во ЕУ во меѓувреме  Хрватска не ја напуштаат само научници и раководен персонал туку и квалификувани работници, ѕидари, готвачи и негувателки.

Шокантни бројки

Само во 2016 година речиси 56.000 Хрвати емигрирале во Германија. Илјадници луѓе се обидуваат да ја најдат својата среќа во Ирска или во Австрија - особено помладите луѓе. Силната имиграција од Хрватска ја изненади дури и германската сојузна влада: во 2015 се сметаше само на околу 10.000 хрватските работници на годишно ниво.

Kroatien Restaurant Matteo
Фотографија: picture alliance

Овој одлив на мозоци е проблем со кој Хрватска мора да се бори. Тоа звучи како парадокс: од една страна, постои голема побарувачка за работна сила во индустрии, како што е туризмот. Од друга 170.000 Хрвати немаат работа: Невработеноста изнесува околу 11 проценти и сѐ уште е над просекот на ЕУ. Овие невработени лица меѓутоа не можат да помогнат на крајбрежјето или во градежништвото - затоа што им недостасуваат потребните квалификации.

Решението на проблемот е едноставно: ќе мора да се олеснат постојните правила за увозот на работна сила, сугерира Хрватската стопанска комора (ХГК) . Покрај тоа, треба да им се овозможи на малолетните лица и на пензионери, за време на туристичката сезона навечер "да потпомогнат неколку часа".

Експертите реагираат скептично на ваквите предлози и предупредуваат од експлоатацијата на младите луѓе кои и онака се слабо платени. Во согласност со меѓународните правила, вработување на деца помлади од 15 години е забрането во секој случај.

„Преспан развој“

Стопанската комора притиска за промена на сегашната практика на Владата на Хрватска еднаш годишно да се проценува побарувачката за работници од странство - главно од Босна и Херцеговина. Затоа, не може да се одговори флексибилно на случувањата на пазарот на трудот. Наместо тоа, мора да се воведе "словенечкиот модел".

Словенечките власти им овозможуваат на компаниите да вработуваат странци веднаш штом ќе може да се докаже дека не постојат работници со соодветни квалификации во самата земја  За  дискусија се погрижи идејата на поранешниот министер за економија Давор Штерн. Тој имено предложи "увоз" на филипински работници:  „Тие се добро обучени, работливи и исто така ќе  бидат задоволни со хрватските просечни плати од 500-600 евра." Предлог, кој не наиде на поддршка кај министерот за труд, Марко Павиќ.

Владата го "препозна проблемот на пазарот на трудот", а ќе се направи корекција на досегашната практика на есен, порача Павиќ. Но, туристите се сега на Јадранот - и многу домашни претпријатија се во очај поради ситуацијата. Едноставно се преспа развојот, критикува хрватскиот професор по економија, Љубо Јурчиќ: „Хрватска нема активна, конзистентна и на нашите потреби прилагодена  економска и социјална политика за да се обезбеди вработување на населението." Катстрофално е што младите, добро образовани луѓе одат во странство, бидејќи не постои место во професионалниот живот за нив дома. „А тие веднаш наоѓаат работа штом ќе стигнат во странство." Државата тука комплетно потфрли, вели Јурчиќ, кој и самиот беше министер за економски прашања во социјалдемократската влада од пред неколку години.

Kroatien Dubrovnik von oben
Фотографија: picture-alliance/ZB/K. Schindler

Владата реагира - предоцна?

Во меѓувреме, актуелната влада на премиерот Андреј Пленковиќ (на конзервативната партија ХДЗ) ги зголеми квотите за прием на странски работници во градежната индустрија за да не се загрози спроведување на важни инвестициски проекти во есен. Таа планира и да инвестира околу 20 милиони евра во обука и квалификација на невработените. Ќе ги реши ли тоа проблемите на хрватскиот пазар на работна сила на долг рок?

Љубо Јурчиќ не убеден во делотворноста на овие планови: „Кој тогаш ќе работи туризмот, во болниците и во домовите за стари лица ако продолжи големото отселување?  Имено ако сето ова продолжи, не само што ќе имаме недостиг на работна сила, туку наскоро ќе имаме и недостиг на население. Со тоа се загрозува иднината на некои важни економски сектори -. и иднината на младите генерации".