„Ниедно место во Газа не е сигурно“
8 декември 2023Од завршувањето на прекинот на огнот минатиот петок, израелската војска објави дека ја прошири својата копнена офанзива на целиот Појас Газа, сега се бори против Хамас и на југот. Значи таму, каде според израелската војска, цивилите успеаја да побегнат од бомбардирањата и борбите меѓу израелските војници и милитантните исламистички Палестинци пред само неколку недели.
Декларирана цел на копнената офанзива е „ослободување на сите заложници и уништување на Хамас“, организација која покрај Израел, многу западни и некои арапски земји ја класифицираат за терористичка. Хамас на 7 октомври при терористичките напади врз Израел уби околу 1200 луѓе и киднапираше околу 240 заложници кои ги пренесе во Газа.
Со оглед на сѐ поголемиот број цивилни жртви, големиот број интерно раселени и според ОН „катастрофалната ситуација на цивилното население“, се зголемуваат меѓународните критики на израелските постапки, не само од арапскиот и муслиманскиот свет.
Гутереш: Советот за безбедност на ОН би требало да „спречи хуманитарна катастрофа“
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш веќе неколку пати се осврна на „катастрофалната ситуација на жителите во Појасот Газа“. Сега со писмо го повика да дејствува Советот за безбедност на ОН: „Ги повикувам членките на Советот за безбедност да се заложат за спречување хуманитарна катастрофа. Го повторувам повикот за прогласување хуманитарен прекин на огнот.“
Тој се повика на член 99 од Повелбата на ОН, според кој генералниот секретар може да го сврти вниманието на Советот за безбедност на околности кои според негово мислење „можат да го загрозат одржувањето на меѓународниот мир и сигурност.“
Во 1989 година тогашниот генерален секретар на ОН, Перуанецот Хавиер Перез де Куелар го користеше членот 99 за да се постигне примирје во Либан.
Според наводите на здраствените власти во Појасот Газа, кои се под контрола на Хамас, повеќе од 17.000 луѓе веќе ги загубиле животите во израелските напади. Околу две третини од мртвите се цивили. Освен тоа, според наводите на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА), речиси 80 проценти од населението во Појасот Газа се во бегство.
Блинкен: „Да се спроведат планови за хуманитарна заштита на цивили“
Дури и од САД, најблискит сојузник на Израел, неодамна стигнаа зборови на предупредување од високо рангирани политичари како потпретседателката Камала Харис и државниот секретар Ентони Блинкен. Ден пред истекот на прекинот на огнот, шефот на американската дипломатија изјави дека го повикал Израел, пред продолжувањето на копнената офанзива, „да спроведе планови за хуманитарна заштита на цивилите со кои ќе се минимизираат натамошни цивилни жртви меѓу недолжните Палестинци.“
„Зони за евакуација“ за спасување на животи
Израелската војска тврди дека од почетокот на нападите врз радикално исламистичкиот Хамас внимава на поштеда на цивилното население. Сепак, се чини дека во Израел се свесни дека се очекува повеќе. Портаролот на израелската армија Ричард Хехт за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ изјави: „Ни треба време за да го поразиме Хамас. Ако не направиме напори на хуманитарен план, да го намалиле бројот на загинати цивили, би можеле да го загубиме нашиот легитимитет.“ Затоа, рече тој, војската поинаку ќе дејствува во јужниот дел од Газа.
Во најмала рака е поинаков начинот на предупредување на цивилите за борбите и бомбардирањата. На крајот на прекинот на огнот минатиот петок, израелската војска во Газа фрли летоци од авион со безбедносни упатства. На нив се наоѓа код кој може да се користи за пристап кон веб страница на оружените сили преку смартфон. Таму може да се најде карта на Појасот Газа поделена на неколку стотини зони со различна големина. Збор станува за „препознатливи подрачја“ кои им овозможуваат на жителите на Газа да се ориентираат и врз основа на натамошни информации да се евакуираат во одредени области. Оттогаш, израелската војска дава детални информации за тоа во која од зоните ќе се одвиваат борбите. Израелскиот весник „Хаарец“ објави дека израелската војска ги користи каналите на социјалните мрежи, разни електронски преносни канали, па дури и телефонски повици.
Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, УНРВА, оваа мерка за заштита на цивилното население во Газа ја смета за несоодветна: „Уште еднаш повторуваме, ниедно место во Газа не е сигурно, ни на југ, ни на југозапад, ни во Рафах или било која еднострано прогласена ‘безбедносна зона'“, изјави генералниот пратеник на УНРВА Филипе Лацарини во понеделникот, три дена по прекинот на огнот. Во средата УНРВА на социјалната мрежа Х (поранешен „Твитер“) напиша дека Палестинците немаат каде да побегнат зашто бегалските кампови се преоптоварени.
Дина Матар, претседателка на Центарот за палестински студии на Факултетот за ориентални и африкански студии во Лондон, за американскиот магазин „Тајм“ објасни зошто ни таа не ја гледа картата на изарелската војска за одрживо решение за заштита на човечки животи: „Дури и за некого кој го знае секој кварт, тешко е да се снајде со картата.“ Освен тоа, смета таа, тешко е можно напуштање на зоната на евакуација на време: од една страна зашто повиците на израелската војска понекогаш воопшто не стигнуваат или стигнуваат доцна, од друга страна, зашто наводните сигурни зони се преполни и мнозинството луѓе одат пеш.
„Се обидуваме да ги известиме Палестинците навреме каде ќе се водат борби“, изјави Јонатан Конрикус, портпаролот на израелските одбранбени сили, ИДФ за американски Си-Ен-Ен. „Не знам како поинаку да ја совладаме оваа квадратура на кругот, да го поразиме Хамас таму каде се наоѓа и да ги минимизираме цивилните жртви“, додаде тој.
Изгледа дека ситуацијата на палестинското цивилно население во Појасот Газа уште повеќе се заостри со проширувањето на израелската копнена офанзива. Недостигаат храна, лекови а пред сѐ чиста вода – за пиење, готвење и перење.
Светската здравствена организација во вторникот на социјалната режа Х предупреди: „Хуманитарната ситуација во Газа се влошува од час во час“.