„Играње со оган“ околу атомската централа Запорожје
7 септември 2022„Си играме со оган и може да се случи нешто многу, многу катастрофално“, изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси пред Спветот за безбедност на ОН во Њујорк. Ситуацијата во украинската нуклеарна централа, запоседната од руската војска, тој ја оцени заекстремно опасна, барајќи итно запирање на бомбардирањето и отстранување на сите воени возила од објектот. Неопходно е обезбедување и на екстерно снабдување со струја на реакторите, меѓу другото и заради осигурување на неопходното ладење на атомската централа, побара Гроси. Негова оценка е дека постои ризик од нуклеарна несреќа, а за да се спречи непосакуваното сценарио, нужно е воведување сигурносна зона.
Киев и Москва меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за вооружени напади врз европската најголема атомска централа. Екипа на Меѓународната агенција за атомска енергија, предводена од Гроси, по повеќенеделни преговори и подготовки, минатата недела отпатува во Запорожје со цел да направи анализа на безбедносната ситуација и да воспостави присуство на меѓународната атомска служба, двајца инспектори на МААЕ сега се постојано присутни во централата.
Пред Советот за безбедност на ОН, Германија одговорноста за опасната ситуација во Запорожје ѝ ја префрли на Русија. „Русија е таа што изврши милитаризација на атомската центраа. Русија е таа што стационира војска и оружје на територијата на објектот. Атомската централа Запорожје се наоѓа во опасна ситуација поради тоа што е окупирана од руската војска“, изјави заменикот германски амбасадор во ОН, Томас Цанајзен пред највисокото тело на ОН.