1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Германија врши влезни контроли на сите граници

Бернд Ригерт
16 септември 2024

Поради преоптовареност на системот за пружање азил, министерката за внатрешни работи од денеска (понеделник) наложи проверки на сите германски граници. Всушност, ова би требало да е исклучок во ЕУ, но тоа повеќе не важи.

https://p.dw.com/p/4kb8j
Германија гранични контроли
Во Шенген просторот всушност не би требало да има гранични контролиФотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/picture alliance

Од овој понеделник па натаму, германската сојузна полиција најмалку идните шест месеци ќе ги проверува пристигнувањата не само на источната и јужната копнена граница, туку и на германската граница на север и запад. Новата регулатива влијае на граничните премини со Данска, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција.

Бидејќи Германија се наоѓа во средината на „Шенген зоната“, дополнителните контроли би можеле да доведат до попречување на движењето на луѓе и стоки. Полскиот премиер Доналд Туск критикуваше дека Германија ќе го загрози целиот Шенген систем со своите  сеопфатни контроли. Всушност, во Шенген зоната е можно  да се патува без проверка на идентитетот и долги редици, пасош треба да се покаже само на надворешните граници и на аеродромите.

Шенген: Контролите само како последно средство

Контролите на внатрешните граници  се планирани само под одредени услови. Меѓутоа, земјите-членки сами одлучуваат дали тие услови се исполнети и потоа треба само да ги најават  граничните контроли  во Комисијата на ЕУ во Брисел.

Централата на ЕУ може да ги критикува граничните контроли, но никогаш досега не го стори тоа. Таа само посочува дека граничните контроли треба да останат исклучок и „последна опција“, како што неодамна истакна и Анита Хипер, портпаролката на Комисијата на ЕУ. Дополнително, контролите мора да се постават на „привремена“ основа, во најдолг случај три години според неодамна изменетиот Шенгенски граничен кодекс.

Германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер
Германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер сака да спречи влез на илегални мигранти Фотографија: Paul Glaser/dpa/picture alliance

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) го оправдува фактот дека Германија сега го презема овој чекор со  големиот број мигранти кои влегуваат во земјата  без дозвола и тоа што системот за азил е преоптоварен.

Стотици исклучоци низ Шенген зоната

Германија не е сама со своите проширени гранични контроли. Осум други членки на Шенген моментално вршат контроли на внатрешните граници. Од 2006 година досега има регистрирано вкупно 441 контролна мерка во шенгенските држави. Франција ена прво место. Од исламистичките терористички напади во 2015 и 2016 година, Париз го задржа правото постојано да ги контролира сите копнени граници. Контролите постојано се продолжуваат поради различни причини, како што се закана од тероризам, миграциски притисок, руска шпионажа или  големи спортски настани.  Германија, исто така, ја контролира границата со јужниот сосед Австрија од 2015 година, со образложение дека сака да го намали бројот на баратели на азил кои влегуваат во земјата и да го намали ризикот од тероризам. Австрија, пак, со истата аргументација ги контролира своите граници со Словачка, Чешка, Унгарија и Словенија.

Контроли на границата на Германија со Чешка
Контроли на границата на Германија со ЧешкаФотографија: Tino Plunert/picture alliance/dpa

Контролите го достигнаа својот врв за време на пандемијата на корона  пред четири години, кога речиси сите земји од Централна Европа сакаа да се борат против ширењето на вирусот преку пасошка контрола и делумно затворање на границите. Тогаш имаше голем сообраќаен метеж и многу гнев меѓу патниците и превозниците.

Контроли по случаен избор на автопатите

Според баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман, на пример, контролите меѓу сојузната покраина Баварија и Австрија се ограничени на визуелни инспекции и проверки по случаен избор на автопатиштата. Ова значи дека не секој човек всушност мора да ги покаже своите документи. Се извлекуваат од сообраќај заради проверка само возилата што изгледаат сомнителни. Можни се и контроли на сојузните автопати, вели Херман, но не на целата територија и деноноќно.

Од полицискиот синдикат се жалат дека полицијата нема кадар за да врши постојани контроли, дури и на споредните сообраќајници. Службите се веќе сега преоптоварени и потребни се 5.000 дополнителни службеници за извршување на контролните задачи. Раководството на сојузната полиција противречи на ова. Според Сојузното МВР, има доволно расположливи сили. Министерот за внатрешни работи на Луксембург, Леон Глоден, за ДВ изјави дека Фезер го уверила дека контролите, доколку е можно, нема да влијаат на сообраќајот и секојдневниот живот и дека нема да се одвиваат на мостовите кон Луксембург.

Фезер сака да го спречи илегалниот влез

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер сака да ги искористи новите контроли за да ги пронајде „луѓето кои илегално влегуваат во земјата". Со помош на контролите тие би требало воопшто да не влезат во Германија. Затоа, формално враќање од границите според правилата на ЕУ не е неопходно во овие случаи, тврди министерот за внатрешни работи на Баварија, Херман.

Меѓутоа, ако некое лице поднесе  барање за азил на граница, германските власти мора да проверат дали тие се одговорни или дали лицето што влегува во земјата веќе поднело или можело  да поднесе барање за азил во друга земја на ЕУ.  Ова лице потоа може да биде вратено во земјата на првото барање за азил или првичниот влез во Шенген зоната - доколку таа земја се согласи. Оваа процедура, според таканаречените Даблински правила, досега можеше да трае со месеци. Сега, како што бара сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, пребарувањата во базите на податоци за азил на ЕУ и преговорите со одговорните држави на ЕУ треба да се забрзаат. За таа цел, барателите на азил треба да бидат сместени во близина на германската граница, па дури и да бидат притворени доколку постои ризик од бегство. Но, сојузните покраини допрва треба да ги подигнат овие кампови во близина на границата.

Бегалци во Долна Саксонија, Германија
Досега прифатни центри за бегалците имаше длабоко на германска територија, како овде во Брауншвајг, во иднина треба да има на границитеФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

На 50 проценти им бил одбиен влезот

Сојузната полиција соопшти дека 34.000 луѓе сакале илегално да влезат во Германија од јануари до јули годинава. На 17.000 им бил одбиен влез токму на граница. Другата половина можела да влезе во земјата и случаите се обработуваат во согласност со Даблин -правилата. Минатата година сојузната полиција на граница фатила 127.000 луѓе кои сакале илегално да влезат во земјата. На една четвртина им бил одбиен влез директно на границата. Нејасно е колку е висока црната бројка на обиди за влез и колку повеќе луѓе можело да бидат откриени преку повеќе гранични контроли.

Унгарија ликува

Актуелниот претседател на Советот на ЕУ, Унгарија, се јави за збор и со одредена злоба ги коментираше германските гранични контроли.  Со години Унгарија беше критикувана  и обвинувана за нејзиниот цврст став против илегалната миграција. „Се чини дека оние кои отсекогаш го отфрлаа нашиот пристап, сега и самите го следат. Смешно е како неколку години и миграциска криза може да го сменат мислењето“, се вели во соопштението за печатот од десничарската популистичка влада во Будимпешта.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија