Кој сеуште се сеќава на времињата кога дипломатите дигаа врева за „огромниот скандал” со пилешките копани купени од американски кредити? Колку ли само смешно, невино дури, денес звучи податокот дека стануваше збор за пусти милион долари (од кои само половината биле злопупотребени), но сепак доволни да додадат камче во проектот за уништување на првата и единствена до денес независна телевизиска куќа. Кој сеуште се сеќава на бруталната приватизација од раните деведесетти? Кој, освен наследниците на несреќните стечајци, се сеќава за кои конкретни претпријатија станува збор? Спремен сум да се опкладам дека само двајца од десет можат да се сетат на името на директорката на ТАТ, уште помалку за бројот (да не збориме за имињата) на луѓето кои од очај посегнаа по сопствените животи. Но да не одиме толку далеку. Колку од нас, тројца од десет, еден ли, може да се сети на името на кустос-дамата која ги украсуваше зградите на Скопје 2014 со скулптури и коњ-култури нарачани од Москва до Рим?
„Култура на уцена"
Заборавноста е простлива човечка мана, некогаш дури и доблест, па оттаму и не може да ни се замери што денес не ги паметиме имињата или настаните кои своевремено ни го дигале крвниот притисок. Се` тоа би било во ред доколку таа мана, наша заборавност, не беше можеби најбитниот елемент во создавањето на една поголема мана, мака и појава која денес е надвиена над сите нас. Од таа мана се изроди културата на експлоатација на човечката слабост како политички инструмент за притисок, изнуда и уцена. Во англискиот политички вокабулар терминот за таа појава е leverage, на македонски преведено како потпора а во колоквијалната спонтаност интерпретирано како уцена или држење за опаш или пак влечење за уши. За полесно разбирање, ќе го употребиме терминот „култура на уцена."
Ретко кој – дали воопшто некој – од домашните политичари во овие 30 години бил поштеден од таа култура. Од самата независност, од највисоките врвови, па се` до денес и ниските слоеви на политиката. Секако, службено ниту еден од нив не бил подложен на уцена. А тоа секако ќе го потврдат и странските им пријатели, нели. А сепак, сомнежот за подложноста е секогаш присутен низ чудни одлуки, чудни поведенија, нелогични решенија, неразбирливи потези вообичаено замаскирани со образложенија од типот „национални интереси, компромиси, кооперативности”. За разлика од нив, странските им – нели – пријатели, секако никогаш тоа нема да го кажат on the record. Но затоа неминовно ќе најдат прилика да off the record смислено ни укажат за моралната порозност на водачите соочени со непријатни и компромитирачки податоци.
Политиката, бивајќи занает троа помлад од проституцијата, е секако непријатен спорт за слабокрвните и пребрутален за да биде препуштен на стихијата. Затоа културата на уцена е неминовност воспоставена за да се одржи било каков, некаков ред и хиерархија. А тоа подразбира и условот за бавење со политика да биде сличен на оној од мафијата: колку повисоко целиш, толку повеќе мртви тела мораш да криеш во подрум за да бидеш контролабилен. Во нашиот случај, таа појава ја опишував пред неколку месеци низ примерот со западните дипломати во Скопје и нивната отвореност за „предвидливи и контролабилни” и жестока одбојност кон „непредвидливи и неконтролабилни”. Оценката, патем, беше потврдена со минатонеделната анегдота за „некорумпираноста” како негативна мана на Курти во очите на западните дипломати. Што, аналогно, ја потврдува корумпираноста на ривалите како прифатливи и препорачливи за соработка со меѓународната заедница.
Проблем со културата на уцена е што не е и не може да биде лабораториски изолирана и не може а да не процути во сеопшта појава, по вертикала и хоризонтала. Големите шефови се уценувано од Левијатанот, под-шефовите од големите, наредниците од под-шефовите, војниците од сите а нивните „тастери” чекаат шанса да фатат некоја „компромитирачка афера”. И така во круг, перпетуален круг на сеопште зезнување до колективно зезање и општествена култура на параноја. Треба ли, затоа, да бидеме изненадени кога нашата политичка сцена наликува на дружба во „Сатриале” месарницата на Тони Сопрано или пак како Серџо-леонов мексиканси тробој помеѓу лошите, пакосните и злите.
Но што кога културата на уцена ќе стане толку доминантна, сеопшта, секојдневна, сеприсутна и лесно пристаплива? Како и секоја култура, некогаш авангардна, на крај завршува во целосна комерцијализација, со се` финалната фаза на пиратерија. Во политичкиот свет, таквата култура на крај неминовно завршува во „индустрија на уцена" како профитабилна зделка од која не користат и профитираат само „големите зверки”, туку и второкласните, третокласните бирократи со реална, перцепирана или лажна моќ за заплашување и уцена на компромитираните.
Пример за таа декадентна еволуција од контролирана култура во анархична индустрија на уцени се авантурите на американскиот ФБИ агент Чарлс Мекгонигал низ Албанија, во содејство со поранешни агенти на комунистичката Сигурими, други наводни агенти на ФБИ, домашни шпиони и самиот премиер Рама. Здружени во уценување на моќни бизнисмени, политичари, команданти од Албанија, Црна Гора и Косово преку заплашување со ставање на „црни листи” и давање надеж за спас од истите во замена за „некое милионче, деца треба да растеме”. Некогашната култура на уцена за одржување на привид на нормалност на крајот дегенерира во отворена, безочна, индустрија на уцена со водечка мисла „дај ни неколку милиона а за возврат добиваш лиценца да продолжиш со грабежот на твојата идиотска нација”.
Ни остатокот од регионот не е поштеден од таа црна индустрија на уцена под закрила на службеното, потврдувајќи дека Западот ни приближно не е имун од пакостите за кои доскора од немај-каде чатално се фалевме дека се наш трејд-марк. Доволно е да се потсетиме за времињата кога западни дипломати даваа се` од себе да го оцрнат мртвиот Зоран Џинџиќ, нудејќи морална релативизација на неговите убијци. Некои од нив предничеа по скандали низ Скадарлии и отварања безбедносни претпријатија со хрватски политичари. Другите за 100.000 долари ја изнајмуваа својата појавност за градење на имиџите на Вучиќ, Тачи, Рама. А кај, нас, ВМРО си имаше сопствени американски екс-шофери за висење македонски знамиња низ планини, додека пак оние блиски до СДСМ и ДУИ на крај принудија и еден амбасадор панично да се огради „не во мое име, не во име на амбасадата”.
А некако, сето ова има смисла. Некако, редно беше. Очекувано. Како зрела крушка, спремна за паѓање. Откога бомбите на Заев го срушија митот, ја разбија мистиката за политиката и политичарите, беше прашање на време кога во очите на балканските општества ќе прсне и митот за дипломатијата, мистиката за дипломатите како „носители на добри услуги”. Со се имиџот на златни аури над главчињата, заслепувачки бела одора на невиност, ангелски бебулести образчиња и палома-предизвикувачки изливи на љубов од типот на Пол Волерс „немате подобар пријател од нас”. Ушите попрво ќе си ги видите отколку дека ќе чуете еден овдешен политичар да се спротистави на таквата оценка. Гавран на гавран, сепак, очи не вади. Но тоа секако не ја менува реалноста. По три децении диктирање авторитет преку наметнување автократи, меѓународната заедница го изгуби имиџот на имунитет од балканштината, во најлоша верзија на зборот.
Тесниот круг на „наши деца”
Нашата политичка сцена е одамна деформирана след децениско генерациските инцестуални меѓупартиски односи диктирани од егзистенцијално дефанзивната параноја за зачувување на моќта во тесниот круг на „наши деца”. Меѓународната, чинам, е веќе далеку и неповратно зацапана по истиот пат, порив и страст да низ едни те исти нивни и наши ликови со децении диктираат перверзни акробации за зачувување на скарадноста која само тие – и никој друг – ја нарекуваат стабилност. Во таа доминација, секој лик кој одбива да се приклони кон инцестуалната декаденција се смета за аномалија, за абнормалност, за неконтролабилен скот кој ја нарушува сликата на политичките и дипломатски Дориан Греј во последната фаза на трулеење и смрдење.
-Зошто Бајден ја презеде стратегијата на Трамп за Балканот
Но што откога културата на уцена ќе прерасне во индустрија на уцена, која е следната фаза? Па, секако онаа која доаѓа на крајот на секоја култура искомерцијализирана до последната капка од буџетот. Следи пародијата. Исмејувањето. Презирот и мајтапот со било што и било кој што се има разбрано себеси пресериозно. Мајтапот на Итар Пејо и Настрадин Оџа дојдоа на крајот на отоманштината. Вицевите за Тито следеа откога остана без нога. За очекување е дека наскоро ќе слушаме вицеви од типот: чук, чук! Кој е таму? Амбасадорот! Каков бе амбасадор ...
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.