1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се` што велат за другите е вистина

4 мај 2023

Од овие сини пилули на СДСМ и црвени пилули на ВМРО не може да се очекува никакво заздравување, освен некаков тримесечен постизборен плацебо-ефект на еуфорија пред депресија. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4Qskb
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Догодина, во ова време, ќе не` тресе изборната треска. Предизборната кампања е сеуште во формално-правно мирување и активно политичко дејствување преку собирање сликички и снимки за идни спотови, кеширање успеси, ветувања „нешто ново” од веќе видени и компромитирани партии и ликови. Секој партија ветува „промени”, секој претендент тврди дека „побитна му е земјата од кариерата”, предизвикувајќи цинични насмевки на публиката. Сите се жалат на апатијата, сите констатираат разочараност, сите се исклучуваат како причина или виновник за таквата состојба. Сите зборуваат за реалноста, но сите се крстат во фикциите од кои зависат и сегашните и идните политички судбини.

ДУИ е веќе самоелиминирана илузија, змија која го гризе сопствениот опаш, сведена единствено на тековна демонстрација на она што се случува на крај на секоја револуција родена од гладни и завидливи. Кои на крај стануваат факторот и причината од кои и се родила револуцијата. Блазираната здосаденост од сопствените идеали и идеологии на постреволуционерите сега се смета како пречка во уживањето во декаденцијата, луксузот и вулгарноста. ДУИ никогаш не била двигател на духот, храм на идејното, па затоа нејзината деволутивна транзиција кон сегашната преживарска фаза на „ждерење", ждригање и патолошко крадење е ем полесно поднослива ем ослободувачка, под услов Албанците да го одбијат македонскиот модел на поделба на улогите во постреволуционерната дистопија. ДУИ даде се` од себе да стане албанската СДСМ и попат ги разголи и компромитира подеднакво и автентичната и имитаторската паралага на социјалдемократијата. Од друга страна, не помалку фатална е опасноста Албанците да ја копираат матрицата на ВМРО-ДПМНЕ низ некаква „Внатрешно-албанска револуционерна организација за албанско национално единство” на осмислување и делување на политичката кауза. Која доколку се прифати, ќе ги роди истите плодови на пљачкашка експлоатација на носталгијата, а единството го редуцира на ниво на дефанзивна самосожалива статичност.

ДУИ некогаш можеше, но веќе нема капацитет и резон да биде подобрата опција спроти СДСМ и ВМРО. Да биде, како што би рекол Славој Жижек, третата пилула карши сината на СДСМ и црвената на ВМРО-ДПМНЕ. Причината ќе ја пренесам преку парафразирање на самиот Жижек во илустрирање на истечениот рок на траење на сината пилула СДСМ и црвената пилула ВМРО.

Реалност и фикција

Изборот помеѓу СДСМ и ВМРО всушност не е избор помеѓу реалноста и илузијата. Се разбира, политиката е машина на фикции, но ова се фикции кои веќе ја структуризираат нашата реалност. Доколку ги одземете од реалноста сите симболички функции кои ги регулира, ќе ја изгубите реалноста како таква. Затоа, потребен е трет избор. Што подразбираме под трет избор? Дефинитивно не некој вид на трансцендентален избор кој би овозможил некакво лажно фаст-фуд религиско искуство, туку избор кој ќе ни озвозможи да ја разбереме не реалноста позади илузијата, туку да ја разбереме реалноста во самата илузија. Фундаменталната заблуда на денешницата не е во неверувањето во фикцијата или неземањето на фикцијата како озбилно. Не, фундаменталната наша заблуда е што фикцијата не ја земаме доволно сериозно.

Северна Македонија Скопје
Македонија (поточно, населението) е жртва на однапред проектирани и констатирани успеси од кои зависат сите – освен самите граѓаниФотографија: DW/P. Stojanovski

Доколку ја земеме сериозно и се обидеме да ја разбереме реалноста во самата илузија, тогаш би стекнале храброст да почнеме да ја согледуваме вистината за СДСМ како реал-политички инструмент на одржување на две илузии. Првата, да се одржува во фикцијата за меѓународната заедница (читај: САД, ЕУ) како успешни инженери на успешната приказна наречена Македонија. Втората, да се одржува во живот илузијата (опозицијата) како загрозување кое го оправдува постоењето на фикцијата во духот на Сартр дека „пеколот се другите”. Во таа распределба на улогите, Македонија не постои како нива која ветува плодови, туку само како сцена која овозможува егзистенција за актерите на октроираната реалност (СДСМ) и наменски скроена фикција на (ВМРО). Македонија е битна како успешна приказна за инженерите, а не за населението. Македонија е побитна од Македонците и „северџаните", Албанците и шиптарите. Сите тие може да се селат било каде. Македонија мора да остане таму каде што во големиот наратив и` е одредена улогата како сценски реквизит поскап и побитен од сите актери.

Во Македонија може да имаме беда од новинарство, но тоа нема да биде пречка да се дадат оценки за поволна состојба за слободата на медиумите. Може да имаме и невиден грабеж, криминал, корупција без преседан, но тоа не е причина да бидеме реално оценети како најлоши во регионот. Во Македонија може да имаме целосно поделени етнички општества, но се додека Ковачевски и Груби си делат бизниси, тоа ќе биде оценето како функционална мултикултуријада. Може да се делат кредити и грантови на амбасадно омилени, претплатени ликови, но тоа не е причина за корупцијата да бидеме сите колективно критикувани од истите амбасади. Може да имаме катастрофално образование, но сето тоа ќе биде намирено низ генерализирани оценки за сиот регион. Всушност, Македонија (поточно, населението) е жртва на однапред проектирани и констатирани успеси од кои зависат сите – освен самите граѓани. Во таа поделба на улогите, ние граѓаните сме реални колатерални тактички жртви поднесени за слава на фиктивно статистички стратешки успеси. Колку за утеха, не сме сеуште во состојба во која Хил Кристофер ќе не` теши дека споредбено сме подобро од Северна Кореја. Но Србија ионака не е далеку а Хил е се` почесто мило виден гост на негово-нашите реал-политички вуду-куклиња.

Сина, црвена и бела пилула

Од овие сини пилули на СДСМ и црвени пилули на ВМРО не може да се очекува никакво заздравување, освен некаков тримесечен постизборен плацебо-ефект на еуфорија пред депресија. Самите две партии одамна немаат капацитет за сопствено партиско, камо ли општествено, реформирање кон заздравување. А притоа се самите свесни за одиумот кој го предизвикуваат, за презирот кон нивните брендови, што индиректно го потврдуваат преку измислување еднократни, предизборни партиички и невладини солуции во надеж за реприза на некаква шарена или лавја револуција. Единственото нешто што оди во нивна полза е неспремноста, стравот и опортунизмот на општеството кое не сака да ја земе за сериозно фикцијата во која верува и живее.

Признавањето дека живееме во целосно корумпиран систем, пауперизирано општество, дисфунционална демократија, институционална анархија не подразбира дека сме го проголтале третото апче, дека сме ја разбрале реалноста на илузијата или дека сме почнале сериозно да ја третираме фикцијата. Се` додека констатацијата за расулото ни трае неколку секунди пред вината за состојбите да ја префрлиме врз преферираниот ривал, таквата констатација е само плачливо самосожалување врз себе, не поттик за самоменување. Па затоа сите критики, жалби, согледувања, гневови за состојбите нема да имаат значаен ефект врз изборот или решението за проблемите. Напротив, тоа е дел од очекувањата на засегнатите партии. Бидејќи, конкретно илустрирано, никој од нас нема проблем да се согласи со оценките на СДСМ за ВМРО, со оценките на ВМРО за СДСМ, со нивните здружени оценки за ДУИ или со оние на ДУИ за СДСМ-ВМРО. Напротив, чинам дека сме консензуално сите сложни со нивните оценки дадени едни за други. Но, нивната арогантна одбивност кон самокритика на дело – а не како слоган измислен и скроен од израелските им стратези – е доказ дека се` што велат е дел од взаемно конструираната фикција.

-Македонски зајак и албански сос во нео-унитарна тава

Третата, да ја наречеме бела, пилула е сепак подолг процес, потемелен, посамопрегорен, нескротлив и нетолерантен кон обидите за копирање или превземање од внатре. Шарената револуција никогаш не беше сметана како трета опција, туку како наивна, беневолентна иницијатива киндапирана од СДСМ. Чинам, исто како што искрената, беневолентна загриженост за идентитетот е евтина храна за амбициите на ВМРО. Третата пилула ниту се гради ниту се води од желбите за промени, туку од нужноста за современост. Најбитното, третата пилула не е амбиција, не е лик, ниту структура, ниту идеологија туку идеја на која ќе и` дојде времето тогаш кога состојбите ќе созреат а апетитот за неа биде сеопшт.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема