1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испратена покана за лидерска средба, исходот однапред познат

1 јуни 2023

Темата за која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ би разговарал на средбата со Ковачевски е - што по неуспехот на уставните измени, односно што побрзо на избори.

https://p.dw.com/p/4S2vd
Лидерска средба со извесен исход: Христијанс Мицкоски и Димитар Ковачевски
Лидерска средба со извесен исход: Христијанс Мицкоски и Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Уставни измени под бугарски диктат и под овие околности нема да има, и овие работи кои сега ги говорам ќе ги кажам и на лидерската средба, која од власта најавуваат дека ќе се случи.

Со оваа порака од партиска трибина во Кавадарци, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски однапред ги затвори очекувањата од претстојната средба со Димитар Ковачевски, која според премиерот треба да биде одржана во текот на наредните денови и на неа да се разговара за две клучни теми.

„Првата е за одлуките кои што треба да бидат донесени со цел продолжување на евроинтеграциите на нашата држава, односно да обезбедиме глас за европска Македонија. Второ, за односите со соседите и за пристапот кој треба да го имаме како држава во однос на градење на добрососедски односи со сите наши соседни држави", најави Ковачевски.

Во контекст на уставните измени, Мицкоски посочува едно барање.

„Ние од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, единствено што бараме да се почитува мислењето и ставот на повеќе од 80 проценти од населението кое порачува ‘не' за уставни измени. Не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, стокмени, напишани по бугарски терк, а премиерот бара лидерска средба. Тоа значи дека не е искрена ниту неговата желба да се состанеме и да направиме вистински договор за иднината на оваа наша Македонија. Треба да дискутираме за нешто што веќе е напишано. Тие уставни измени лошо ќе завршат затоа што нема да добијат поддршка, но никој од власта не говори за времето - што потоа. Непоминувањето на уставните измени ќе биде дефинитивниот крај на оваа Влада и потребата на маса да се стави единствената разумна точка - оставка на Владата, народот да излезе масовно на избори и да одбере иднина“, рече Мицкоски, наведувајќи дека во спротивно кризата и поларизацијата само ќе се зголемуваат.

Според ова, темата за која Мицкоски би разговарал на средбата е - што по неуспехот на уставните измени, односно што побрзо на избори.

Според Ковачевски, во секој случај избори ќе има само во редовниот термин - претседателски во првата половина на март 2024 година, и парламентарни во втората половина на јуни.

Предвремени избори поизвесни отколку изглесување на уставните измени?
Предвремени избори поизвесни отколку изглесување на уставните измени?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Два европски блока

И додека власта говори за создавање проевропски блок, и Мицкоски најавува блок кој ќе се бори за нови европски вредности и вистинска европска перспектива.

„Најавувам блок кој ќе се соедини околу најважните интереси на Македонија, каде ќе се обединиме многу субјекти од сите партии и групации кои се вистински заинтересирани Македонија да е на сите и да одиме напред. Најавувам блок кој ќе понуди програма и визија, кој ќе се бори и за нови европски вредности, и за економски достигнувања. Мора да се отвори нова страница во одбрана на македонскиот идентитет, на стандардот на граѓаните, страница која ќе обезбеди вистинска европска перспектива во Македонија", порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во моментов двата блока се разминуваат по прашањето кој како ги разбира европските вредности. Според премиерот, ако сега не успеат уставните измени кои водат кон евроинтеграција, земјата ќе се најде во изолација како во периодот од 2006 до 2016 година.

„Тогаш државата ниту еден милиметар не напредуваше во своите евроатлански интеграции, беше изолирана, беше оквалификувана како заробена држава, според слободата на медиумите бевме на 130 во светот а сега сме 38- ми во светот, кога владеењето на правото беше тотално нарушено. Ако ги погледнете рангирањата и на Енономист и на Фридом хаус и на сите други релевантни меѓународни институции, бевме на дното“, рече Ковачевски.

Мицкоски вели дека државата денес е заробена од тотална анархија во институциите и од криминал на владејачката елита.

„Нема извештај на меѓународна институција која не констатира висока корупција во институциите. Нека посочат еден пример на релевантна меѓународна организација која вели дека Владата успешно се справува со криминалот (...) Нема да се смирам додека и последниот криминалец не ја добие заслужената казна. Не може да одиме чекор напред ако не расчистиме со минатото и криминалот од минатото“, порача Мицкоски.

Меѓу тие два наратива, сосема е извесно дека на најавената средба, премиерот Ковачески ќе му ги предочи на Мицкоски последните европски пораки за неоходноста од уставни измени. Некои од нив премиерот ги посочи и вчера во разговор за ТВ Канал 5.

„Претседателот Макрон, исто како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кажаа дека сега е моментот да се донесат потребните одлуки, кои овозможуваат непречено интегрирање на Северна Македонија во ЕУ за да се искористи геополитичкиот момент на согласноста на земјите- членки на ЕУ за проширување со нови земји членки, а тука, пред сè, се мисли на нас, на Албанија и на другите земји од Западен Балкан, рече Ковачевски.

На претстојната лидердска средба, Ковачески ќе му ги предочи на Мицкоски последните европски пораки за неоходноста од уставни измени
На претстојната лидердска средба, Ковачески ќе му ги предочи на Мицкоски последните европски пораки за неоходноста од уставни измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пораката зад патиките

Дали тие аргументи ќе бидат доволни, или ќе треба да се изгради поголема доверба во комуникацијата меѓу партиите? Имено, една реакција од Кабинетот на првиот вицепремиер, Артан Груби, кај најголемата опозициска партија отвори дилеми околу мотивите на параката. Повод за реакцијата до ВМРО-ДПМНЕ беше опозициското обвинување за висока цена на патиките на Груби, нешто што Кабинетот на првиот вицепремиер го демантираше. Но впечаток кај опозицијата очигледно оставил еден дел од реакцијата.

„Секојдневното креирање на лажни вести проследени со навреди се најниското ниво на кое ВМРО-ДПМНЕ е спаднато од своето основање до денес. Денешното ВМРО-ДПМНЕ е непрепознатливо кое што го „пушти низ вода“ сето свое претходно раководство и се служи со омаловажување на другите преку Гебелска пропаганда. Затоа Никола Груевски има четири пати поголем рејтинг од Христијан Мицкоски и повеќе од една третина на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваат Мицкоски туку го сметаат сѐ уште Груевски како нивен лидер“, беше наведено во реакцијата. 

„Интересно е што Али Ахмети, Артан Груби и ДУИ со сите сили го бранат ‘поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ' од ВМРО-ДПМНЕ", објави во соопштение опозициската партија.

Оттаму потенцираат дека од ДУИ ќе мора да објаснат на граѓаните Македонци, Албанци и останати зошто не владее правото туку партиски наредби во судовите и обвинителството, и притоа наведуваат повеќе судски случаи засега без исход.

Критиката за замена на правдата со партиски наредби не е случајна. Името на Груевски во изминатиот период во неколку наврати беше спомнувано како „катализатор“ за ослабнување на отпорот во ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени, наводно во замена за помилување. Ваквите шпекулации кои циклично се повторуваат, пред две недели беа демантирани од Груевски во изјава за „Плусинфо".

„Немам информации за некакви притисоци било кому, ниту од некого сум барал такво нешто. Не се подготвувам за враќање во Македонија, од причина што политичкиот прогон на власта сѐ уште трае со ист интензитет како пред околу шест години. Никој не барал од мене да ослабнам нечии позиции за било кое прашање, ниту би прифатил некој да води таков тип на дискусија со мене“, изјави Груевски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи