1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаКина

Кинеската сонда се врати од Месечината со примероци од карпи

ЖА
25 јуни 2024

По 53 дена во вселената, капсула на вселенскиот брод „Chang'e-6“ се врати на Земјата со примероци од карпи од темната страна на Месечината. Мисијата е уште еден успех за кинеската вселенска програма.

https://p.dw.com/p/4hSff
Кинеската сонда се врати од Месечината со примероци од карпи
Кинеската сонда се врати од Месечината со примероци од карпиФотографија: Lian Zhen/XinHua/dpa/picture alliance

Капсула на кинескиот вселенски брод „Chang'e-6“ донесе на Земјата примероци од карпи од задната страна на Месечината. Како што покажуваат снимките во живо емитувани од кинеската државна телевизија, капсулата слетала во вторникот попладне (по локално време) во степата во централна Монголија.

Кина последен пат донесе примероци од карпи од Месечината на Земјата во декември 2020 година. Претходно, такво нешто им успеа на САД и на Советскиот Сојуз во 1960-тите и 1970-тите. За прв пат, меѓутоа, сега има проби од далечната страна на месечината од кои научниците се надеваат дека ќе добијат нови сознанија за историјата на Земјиниот сателит.

Лендерот на вселенскиот брод „Chang'e-6", именуван по кинеската божица на месечината,  слета на Месечината на 2-ри јуни,  а потоа собра примероци од карпите.

Врз основа на геолошките карактеристики на местото на слетување, кинеските истражувачи претпоставуваат дека вратените примероци датираат од пред 2,5 милијарди години стара вулканска карпа. Во примероците исто така може да се содржат траги од претходни удари од метеорити

Постојат „значителни разлики“ помеѓу страната што е свртена кон Земјата и другата, задна страна на Месечината,  и тоа во однос на дебелината на кората, вулканската активност и составот на почвата, пишува кинескиот геолог Јуе Зонгју од Кинеската академија на науките во научното списание „Иновации“.

Крајно, примероците со траги од метеорити не само што можат да обезбедат информации за еволуцијата на Месечината, но и да донесат нови сознанија за настанувањето на целиот внатрешен Сончев систем, објасни Јуе.

Со враќањето на капсулата на Земјата, Кина веќе ја завршува шестата лунарна мисија од 2007 година. Последниот пат, „Chang'e-5" во 2020 година собра примероци од предната страна на Месечината и ги донесе до Земјата за проучување. Во 2019 година, роверот „Chang'e-4“ за прв пат беше на задната страна на Месечината и го истражуваше теренот.

Мисиите за слетување на Месечината се сметаат за исклучително тешки. Во поновото минато неколку  лунарни сонди од Индија,  Израел, Јапонија и Русија не ја постигна целта  како што беше планирано.