Германско-полските односи ќе ја обликуваат иднината на ЕУ
25 октомври 2022Дури и ако војната (во Украина) заврши утре, нема да има вистински мир во Европа. Само енергетската криза ќе трае уште две-три години. Оваа војна ја трансформира Европа и Европската Унија“, оценува Иван Крстев. Овој познат бугарски политиколог даде опширно интервју што викендов го објави швајцарскиот весник Ноје цирхер цајтунг, чии делови пренесуваме:
„Украина е веќе дел од Европската Унија и Западот“, смета Крстев. „Без Запад, таа земја не би можела да се бори, а не се работи само за оружје - Украина добива од пет до седум милијарди долари финансиска помош секој месец“, потсетува бугарскиот политиколог.
Истовремено, тој нагласува дека Украина е неопходна за балтичките земји и за Полска, бидејќи нивната безбедност зависи од таа земја. „Факт е дека Европа е проширена до Украина без ние да го забележиме тоа. Се разбира, Украина нема право на глас, но балтичките земји и Полјаците гласаат за Украина“.
Тоа го менува и погледот на Европејците кон светот, вели Крстев. „По Втората светска војна, едно беше јасно: национализмот пропадна. Европската Унија е класичен пост-национален проект. Европското знаме беше развеано во многу земји каде се случија револуции, покажувајќи колку е влијателна европската идеја: на Мајдан 2014 година, на протестите во Белорусија и на многу други места. Одеднаш можеме да ги видиме европските метрополи на кои висат украински знамиња. Одеднаш ја гледаме силата на тој граѓански национализам. Тоа е ново. Гледаме дека суверенитетот, националниот идентитет и националната кохезија можат да бидат многу привлечни“.
Германија ја губи моќта
Крстев оценува дека балтичките држави, особено Полска, се изложени на закана од војна, но истовремено нагласува дека всушност Германија е под најголем притисок да го промени својот политички и економски модел. Германците својот модел го засноваа на фактот дека може целосно да им ја препуштат безбедноста на Американците и НАТО, а војната во Украина ги принуди да го зголемат одбранбениот капацитет за сто милијарди евра“.
Во исто време, „економскиот успех на Германија се засноваше на евтиниот руски гас. Тоа и овозможи на германската индустрија да биде конкурентна, а рускиот гас, исто така, требаше да служи како транзициона енергија на патот кон економија која целосно се потпира на обновливи извори на енергија. Тоа веќе не е можно“.
„Германија ја губи моќта“, вели бугарскиот политиколог. „Претходно сите мислеа дека Германците треба да ги решаваат кризите за сите други, но тоа тврдење повеќе не важи. Ќе се промени и динамиката во ЕУ. Германците и Французите повеќе нема да бидат единствените портпароли (на ЕУ). Досега Германија зборуваше за Северот, а Франција за Југот. Сега поделбата Исток-Запад игра поважна улога во Европа, а германско-полските односи ќе ја обликуваат иднината на ЕУ. Тоа може да се спореди со германско-француските односи од 1950-тите“.
Во однос на потсетувањето дека германско-полските односи денес се „мизерни“ и на прашањето што значи тоа за односите меѓу Варшава и Берлин, Крстев одговара: „Во следните неколку години односот ќе биде обликуван од два фактори: геополитиката и владеењето на правото. Европа треба да се зајакне геополитички, а Полска е исклучително важна во тоа. Таа земја масовно се вооружува и би можела да биде воено поспособна од Германија за неколку години“.
Но, тука е и проблемот со владеењето на правото, потсетува Крстев. „Полска е дом на два милиони Украинци, но проблемите таму се концентрацијата на моќта, маргинализацијата на опозицијата и политизацијата на судството“.
Тоа значи дека војната во Украина ќе ја зајакне геополитичката Европа, но не и демократската, либерална Европа. Тоа, оценува Крстев, „ќе личи на САД во 1960-тите и 1970-тите, кога имаше нелиберален, де факто еднопартиски режим на југ и либерален режим на источниот и западниот брег“.
Кој ќе одлучува во новиот светски поредок?
Оценувајќи ги односите на Стариот континент со САД, Крстев вели дека единствен консензус има дека на Европа и е потребна Америка. „Ако планот за напад на Путин беше да го ослабне американското присуство, тогаш тој план тргна ужасно наопаку. Путин исто така не успеа да ги подели Европејците“.
Запрашан што може да се случи ако републиканците го вратат Претставничкиот дом во ноември и го намалат финансирањето за војната во Украина, Крстев вели дека верува дека повеќето републиканци и мнозинството од републиканската елита стојат зад Украина. „Проблемот е Доналд Трамп, кој продолжува да доминира со Републиканската партија. Тој е непредвидлив“.
Бугарскиот политиколог се осврна и на однесувањето на земји како Саудиска Арабија: „Со одлуката за намалување на производството на нафта, Ријад му штети на Бајден на среднорочните избори“. Во исто време, Саудиска Арабија ја сигнализира својата независност од САД на Кинезите. Тие не ги отуѓуваат Русите со нивната одлука, но Русија не им е приоритет“.
„За земји како Саудиска Арабија, Индија, Израел или Турција, приоритет во моментов е да се најде место во новиот светски поредок. Затоа сите тие регионални сили се толку активни. Турција секаде се обидува да се меша. Земјите како Израел, и покрај блиските врски со Америка, се држат на дистанца и бараат свој пат. Моментално се доделуваат места во новиот светски поредок, но Американците и Кинезите не одлучуваат кој каде ќе седи“, смета бугарскиот политиколог.
Има песимизам од двете страни - и тоа води кон ескалација
Во интервјуто, новинарарката го потсети Крстев на неговата неодамнешна забелешка дека Студената војна меѓу Советскиот Сојуз и САД била Студена војна меѓу двајца оптимисти, а дека денешниот конфликт меѓу САД и Русија е конфликт меѓу двајца песимисти.
„САД и Советскиот Сојуз успеаја да спречат Студената војна да не стане премногу жешка. Ова главно се должеше на фактот што и двете суперсили веруваа дека иднината им припаѓа ним. Комунистите веруваа дека го имаат најдобриот политички систем и дека комунизмот ќе заживее најдоцна за 50 години, а Американците веруваа дека комунизмот не е доволно економски ефикасен и дека САД се во многу подобра позиција со својот капитализам. Секој што мисли дека има добра иднина пред себе не е подготвен да дозволи ескалација на конфликтот“.
Денес, сепак, вели Крастев, „Путин не верува дека иднината на Русија е особено светла“. Тој не му верува на сопствениот систем и затоа се обидува да ги реши сите проблеми во својот живот. Неговиот поглед на светот е апокалиптичен, тој изговара фрази како: „Светот нема значење ако во него нема место за Русија“. Тоа звучи страшно. Советите никогаш не би го кажале тоа, затоа што не можеа ни да замислат свет без Советскиот Сојуз“.
На Запад атмосферата не е толку апокалиптична, но и Западот мораше да се откаже од власта во годините по 1989 година и падот на комунизмот, вели Крстев.
„Како резултат на тоа, и Западот доживеа пад, дури и да беше само релативен. Апокалиптичните стравови, сепак, доаѓаат од младите луѓе кои се грижат за крајот на светот поради климатските промени. Стравувањата доаѓаат и од нашето искуство со пандемијата, кое не научи дека наеднаш може да не погоди голема катастрофа“.
Изјавувајќи дека овој песимизам многу го загрижува поради можната „логика на ескалација“, политикологот Иван Крстев на крајот од интервјуто за швајцарскиот весник оценува:
„Меката моќ на Русија отсекогаш се засновала на нејзината тврда моќ. Се веруваше дека Русија е сиромашна, но дека нејзината војска е силна. И сега гледаме целосен колапс на руската армија. Во моментов, иранските беспилотни летала се тие што ја прават разликата на фронтот. По тие воени неуспеси, кој ќе сака да купува руско оружје во иднина? Затоа, Путин може да биде принуден да ја ескалира ситуацијата, дури и ако тој не е самоубиствен тип. Истото важи и за Украина, која зависи од поддршката на Западот. Ако Украина треба да се плаши дека Западот одеднаш ќе престане да плаќа, тогаш ќе се обиде брзо да ја постигне својата цел. Така и ја воочуваме „логиката на ескалација“.