По големата победа од првиот круг на претседателските избори за победниците завршија и парламентарните избори пред да се одржат. Велат готово е. Почна на големо лицитацијата за поделба на власта како на пазар, онака од око, или како што се вели на ѓутуре. Фрчат фактури од сите страни за наплата на својот дел од „твоја Македонија“ како да е воен плен. Во еуфорија од вратената гордост на граѓаните камбаните ечат за национално единство. Се бара македонска влада составена од македонски политички партии која, се разбира, ќе упати „симболична“ покана под одредени услови во неа да има свои претставници и албанската опозиција според тоа што ќе им се понуди.
По земјотерсот од првиот круг, во вториот и на прламентарните избори прво „иде Дунав“, па следи силна ерупција од вулкан. Само припазете да не ве однесе матната, оти многу арно не е на арно.
Најголемиот победник на неодржани парламентарни избориХристијан Мицкоски откако му стасаа побарувањата од албанската опозиција како завршена работа со новото партнерство, за парламентарните избори по кој знае кој пат упорно барa 61 пратеник, ако може уште неколку приде, да ги намали сметките што веќе ги доставија новите партнери кои ги надминуваат побарувањата и на ДУИ. Мицкоски секој ден очајно повторува апели за 61 пратеник како што молеше и неговиот претходник 2016 година, за тој да дели на кого колку сака и колку што смета дека му припаѓа.
Пред да се одржат паралментарните избори објави дека веќе пишува историја бидеќи е обезбедно мнозинство во Собранието. Ама, пак праќа индиректни пораки друго се 55, а сосема друго 61 или подобро 65 пратеници, со можност на контрола на 80 без „Бадентер“. Вака како што сега стојат работите не е баш идеално новата влада да ја составува тој заедно со лидерите на албанската опозиција „Вреди“. На тоа, како што рече Мицкоски, упатуваат резултатите од првиот круг на претседателските избори. Но, тоа не значи дека утре може да има и други варијанти.
Оваа порака во суштина повеќе се однесува на Максим Димитриевски и на Димитар Апасиев и Левица да не одолговлекуваат со одлуката да се приклучат на македонска влада. Затоа, да не се сетат Власите, пораката е упатена до нив , а не како што е озаглавена до „Вреди“, бидејќи таму не се знае кој е вистинскиот лидер. Во колктивното тело ги има неколку, Касами, Меџити, Гаши, Таравари и сите бараат високи ресори во новата влада. Повеќе кандидати отколку фотељи. Затоа како мевлем на рана се очекува приклучувањето на „ЗНАМ“ и Максим Димитриевски на ВМРО ДПМНЕ за да се намали цената на „Вреди“ бидејќи не вреди колку што бара.
Максим мудро молчи
Најголемото пак изнендување на изборите Максим Димитриевски уште мудро молчи. Ги чека да се одржат парламентарните избори и да ги добие своите очекувани десет пратеници за да ја достави својата фактура која ќе биде импозантна ако на 8 мај како што предвидува да дувне и Кошава, а не само земјотреси и вулкани. Притоа го моли и Бога ВМРО ДПМНЕ да нема 61 пратеник, а неговите девет, или десет да бидат јазичето на кантарот тогаш цената ќе расте на секој саат до формирање на новата влада.
Али Ахмети откако понесен од митингашка атмосфера, повеќе популистички и милитантно среде Скопје скандираше УЧК, УЧК, УЧК... и со тоа му подари едно сто илјади македонски гласови на револт на ВМРО ДПМНЕ, се разбира многу пресметано за ДУИ да победи, кај Албанците сега малку потсмирен од кулата во Зајас предупредува да не се повтори 2006 година па да се направи истата грешка да се поништи победата на Албанците на изборите. Со други зборови ако се игнорира победата на ДУИ, Ахмети се заканува со изгор лето и кочан зима. Тоа, Никола Груевски го увиде 2008 година и по најголемата победа на ВМРО ДПМНЕ постигната досега кога имаше под контрола над 60 пратеници направи коалиција со ДУИ вели Ахмети. Во спротивно пак ќе следи блокада на Собранието и уште понешто за што се молчи будејќи Ахмети изгледа уште се надева на пораката на Мицкоски кога одговарајќи на прашањето дали е можна коалиција со ДУИ рече никогаш не вели никогаш, основно гесло во политиката на партнерства.
Во ВМРО ДПМНЕ по победата во првиот круг на претседателските избори уште погласно велат дека тој договор веќе е поништен по изборите од 2016 година кога ДУИ направи коалиција со СДСМ и го одби партнерството со ВМРО ДПМНЕ со што е избришана поделбата на власта на победник со победник.
Многумина уште веруваат дека ако не беше тоа предавство и еднострано напуштање на бракот од интереси уште ќе владееја Ахмети и Груевски ортачки, а Мицкоски ќе останеше во вториот партиски ешалон. Тоа е таа персметка што ќе беше, ако беше.
Се огласија и лидерите на Беса, Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши. Двајцата потврдуваат дека нивната програма ќе биде дел од владината програма во која останува основен услов спроведување на уставните измени. Африм Гаши и приопшти на јавноста дека во составот на новата влада коалицијата „Вреди“ ги добила клучните ресори во МВР. Арбен Таравари и Изет Меџити имаат малку поумерени изјави.
Актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи му порача на Христијан Мицкоски дека тој не може да одлучува кој ќе биде претставник на Албанците во идната влада. Османи вели срамота е да се разгобвара за поделба на власта пред неодржани избори.
Димитар Апасиев и Левица по повеќедневното затишје соочувајќи се со резултатите од првиот претседателски круг најдоа начин да се приближат до ВМРО ДПМНЕ. Предлагаат потпишување на македонска платформа за да не бидат уценувани победниците на избори од албанските партии. Во таа платформа има и точки кои навестуваат одземање на стекнати права. Професорот Апасиев би требало да знае што значи одземање на стекнати права и какви се последиците од тоа. Но, најдобро е да не ги земате сите овие невестувања здраво за готово пред да завршат изборите. Сето ова е во функција на кампањата за парламентарните избори кои се уште не се одржани. Партиските лидери добро знаат дека мнозинството се приклонува кон победниците, па затоа сега тактиките кај сите се во таа насока.
Што се случува кај поразените
Се пуштаат во оптек од сите страни можните и невозможните коалиции. Во политиката останува на сила „никогаш не речи никогаш,“ па дури и кога ќе речеш. Така јавноста се подготвува да прифати тоа што најмалку го очекува и уставни измени и Бугари во владата, а Собранието да избира претседател на државата и уште по некое изненадување како подобар договор со Бугарија. Изневерените надежи се лечат за три дена како и секое чудо во Македонија
Но да видиме што се случува кај поразените пред да се одржат парламентарните избори и вториот круг од претседателските. Во СДСМ ги болат ампутираните делови од организмот како да се уште тука. Тоа е познато во медицината. Најдобро тоа го знае доктор Венко Филипче затоа неговата позиција е и најповолна.
Кај социјалдемократите се намножија бивши и сегашни генерали кои мудруваат за изгубената битка и за загубите од пробиениот европски фронт. Тоа само уште еднаш докажува дека не е доволно да се биде на праведната страна на историјата и да се донесуваат храбри одлуки. Треба да допре до пошироката јавност која во Македонија е определена за Европа, но тоа се уште се гледа со голема доза на неверување како нешто што е далеку и неизвесно, не само поради блокадите на ВМРО ДПМНЕ на сопствената држава , туку и поради неодлучноста и неправедноста на ЕУ, особено кон Македонија.
Некои од тие лоши европски одлуки нанесоа голема штета не само на недовербата кон европските интергарции, туку и на вкупните односи во државата. Особено неправедно беше одложувањето и условувањето на одлуката за почетокот на преговори со ЕУ уште 2018 година. Од самите функционери во Брисел по потпишување на Преспанскиот договор со Грција беа наречени историски грешки. Но во големата политика на интереси во Европа најмалку одлучуваат бриселските бирократи , туку тие одлуки се носат во владите на големите сили кои секогаш своите интереси и интересите на своите членки ги стваат над правото и правдата.
Во СДСМ во овие седум години на власт не ја совладаа доктрината дека и на ЕУ и на Америка може да им се каже НЕ ако се понуди подобро решение. И уште нешто многу поважно за секоја голема промена и одлука, особено за тие кои се непопуларни, колку и да се тешки остапките треба добро да се подготви јавноста. Во спротивно, противниците можат да го направат тоа што се случи во Македонија. Катастрофа. Во сите тие значајни исчкори да се гледа велепредавство на националните интереси и со одобрување на мнозинството граѓани доведени во заблуда да се блокираат стратегиските државни и национални интереси во името на народот.
Ќе биде многу интересно да проследиме како тоа што не го направи сегашната влада ќе го прави новата влада и новиот премиер . Дали тоа ќе се прави како што тоа го направи Кирјакос Мицотакис во Грција кој цело време како лидер на опозицијата крена голема тревога за предавство на грчките национални интереси со потпишувањето на Преспанскиот договор, за да по победата на изборите како премиер веднаш уште првиот работен ден да ги прифати. Или пак ВМРО ДПМНЕ по изборите на 8 мај и Мицкоски и како премиер ќе ја продолжи политиката што ја применуваше како лидер на опозицијата. Ќе прави нови, или подобри договори со Грција, со Бугарија и со ЕУ , ќе го поништи велепредавството и ќе ги казни предавниците, или тоа беа прикаски само за да се освои власта. Ќе мора многу да се потруди лагите да ги претвори во голема победа. Тоа во ВМРО ДПМНЕ, мора да се признае, им оди од раце.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.