1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израелската армија влезе во болницата Ал-Шифа

ЕМФ / ртр | АРД
15 ноември 2023

Израелската армија, според сопствени наводи, влегла во дел од болницата Ал-Шифа во Појасот Газа. Војниците спроведуваат „прецизна и целна операција“, соопшти армијата.

https://p.dw.com/p/4YohR
Болницата Ал-Шифа (3.11.2023)
Болницата Ал-Шифа (3.11.2023)Фотографија: Saeed Jaras/APA/IMAGO

Израелските сили влегоа во дел од болницата Ал-Шифа во Појасот Газа. Врз основа на разузнавачките податоци, војниците „спроведоа прецизна и целна операција против Хамас во одредена област на болницата Шифа“, соопшти израелската армија на платформата Х. „Ги повикуваме сите терористи на Хамас присутни во болницата да се предадат“, соопшти армијата. Според извештај во медиумите, вооружените сили на Израел ги предупредиле властите во Појасот Газа за операцијата. Војската стапила во контакт со палестински здравствен службеник и информирала за претстојниот напад, изјави за телевизискиот канал Ал Џазира портпарол на Министерството за здравство, кое е под контрола на милитантниот исламистички Хамас. Од здравствените власти во Појасот Газа изутринава доаѓаат информации дека израелските сили влегле во подрумот на болницата Ал-Шифа. „Окупаторската армија сега е во подрумот на комплексот Ал-Шифа и врши претрес. Тие се во внатрешноста на комплексот, пукаат и фрлаат експлозив“, изјави портпаролот на здравствените власти, кои се под контрола на Хамас, Ашраф ал-Кидра.

Раководителот болниците во Појасот Газа, Мохамед Закут, за Ал Џазира изјави дека израелската армија прво ги нападнала одделот за хирургија и за итна помош. Ваквите информации немаат потврда од независни извори.

Во близина на болниците во северниот дел на Појасот Газа со денови има судири меѓу израелските копнени трупи и палестинските екстремисти. Вработени во болницата Ал-Шифа информираат дека областа е под постојан оган. Израел се сомнева дека болничкиот комплекс е команден центар на терористичката милиција Хамас. Таа го негира ова. Болницата Ал-Шифа е најголемата клиника во Појасот Газа.

Појас Газа | сателитска снимка од болницата Ал-Шифа
Сателитска снимка од болницата Ал-ШифаФотографија: Maxar Technologies/Handout/REUTERS

Во акција се и медицински екипи

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари претходно најави дека вооружените сили ќе преземат акција против осомничената инфраструктура на Хамас и во болниците во Појасот Газа. „Континуираната воена употреба на болницата Шифа од страна на Хамас ќе резултира со губење на специјалната заштита според меѓународното право“, рече Хагари. „Принудени сме да дејствуваме внимателно и прецизно против воената инфраструктура на Хамас во болниците.“

Според армијата, силите вклучени во воената операција во болницата Ал-Шифа, имаат и медицински тимови и арапски говорници. Тие поминале специјална обука и, како што се вели во соопштението на израелските сили, треба да се погрижат да не им се нанесе штета на цивилите кои Хамас ги користи како жив штит.

САД зборуваат за „контролни центри“

САД исто така претпоставуваат дека Хамас ги користи болниците во Појасот Газа за воени цели. Директорот за комуникации на Советот за национална безбедност, Џон Кирби рече: „Хамас и членовите на Палестинскиот исламски џихад (ПИЈ) користат некои болници во Појасот Газа - вклучително и клиниката Шифа - и тунелите под нив за да ги прикријат и продолжат нивните воени операции и да држат заложници. Клиниката Ал-Шифа во градот Газа е „центар за команда и контрола“ на овие групи. Таму, како што се вели, веројатно се складира и опрема и оружје. Според Кирби, оваа информација доаѓа „од голем број сопствени разузнавачки методи“.

Терористичката милиција Хамас ги отфрли обвинувањата и ги обвини САД за ширење на израелските „лаги“. Објектите, според Хамас, не се користат „како скривалишта за заробените израелски војници или како командни центри“. „Го повторуваме нашиот повик до Обединетите нации да формираат меѓународен комитет за проверка на сите болници во Појасот Газа“, се вели во соопштение на Хамас.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема