Како беше соборен Асад - и што значи тоа за Сирија
9 декември 2024Што се случи во ноќта кон неделата?
Ноќта од сабота кон недела, настаните во Сирија кулминираа. Бунтовниците само што објавија дека градот Хомс е целосно под нивна контрола кога се појавија првите индиции за заземање на главниот град Дамаск.
Околу 3 часот по полноќ новинските агенции објавија дека бунтовниците од исламистичката милитантна група Хаџат Тахрир ал-Шам преку нивниот канал на Телеграм соопштиле дека продрелево сирискиот главен град Дамаск. Очигледно владините сили им препуштиле и други позиции, меѓу кои и аеродромот во главниот град.
Имаше дојави дека и претседателската гарда го напуштила главниот град, а кратко потоа беше објавено дека претседателот Башар ал Асад се качил во авион и се упатил кон непозната дестинација.
До напредувањето во центарот на градот очигледно дошло од неколку правци без значаен отпор од војската. Иако се споменуваа престрелки, сепак не може да стане збор за масовен отпор. Во заземањето на градот учествувале и бунтовници во сојуз со милитантите. Очевидци раскажуваат дека исламистите во Дамаск биле дочекани со аплауз од жителите и истрели од огнено оружје. Бунтовниците ослободиле затвореници од еден озлогласен затвор веднаш по нивното пристигнување.
Премиерот Мохамед ал-Џалали во видео објавено на Фејсбук изутрината објави подготвеност за предавање на власта уште истиот ден. И сириската армија објави дека владеењето на Асад е завршено. Рано изутрината бунтовниците во телевизиски говор објавија дека го ослободиле Дамаск и дека го собориле режимот на Асад.
Која група ќе ја преземе власта?
Бунтовниците се хетерогена група . Сојузот на бунтовници го предводи исламистичката група Хаџат Тахрир ал-Шам, која претходно имаше врски со терористичката организација Ал Каеда.
Нападот врз владините сили го извршија и бунтовнички групи на север, курдските милитанти на североисток и ќелии на терористичката ИСИС.
Како ќе ја поделат власта меѓу себе, дали една група сама или неколку заедно ќе ја формираат новата влада, во овој момент не може да се предвиди.
Зошто сириската армија не пружа отпор?
Сите аналитичари се занимаваат со ова прашање. Со години сириската армија со поддршка од сојузниците, водеше немилосрдна и брутална војна против бунтовниците во земјата. До изминатиот викенд се чинеше дека режимот во поголемиот дел од земјата цврсто ја држи власта во свои раце.
Но, сега владеењето на Асад за само неколку дена падна како кула од карти. Каде и да се појавеа бунтовниците, војниците на претседателот бегаа, оставајќи го оружјето зад себе. Можни се неколку причини.
По долгогодишните борби, можно е армијата и нејзините војници да се исцрпени, а сето то да испливало на површина кога армијата неочекувано се соочила со напад на поширок фронт. Нејасно е зошто знаците за тоа не биле препознаени на време.
За мотивацијата на армијата може да одиграла улога и состојбата на сојузниците, од кои во клучните денови имаше само мала поддршка. Армијата на Асад беше препуштена сама на себе и свеста за тоа дека сите овие години можеше да остане на власт само благодарение на огромната поддршка од Русија и Иран. Тоа сигурно значително се одразило врз нивната подготвеност за борба.
Зошто Русија и Иран толку долго го поддржуваа Асад?
Политичкиот опстанок на Асад со години зависеше од воената поддршка од Русија и Иран. Интервенцијата на руската армија во 2015 година означи пресвртница во сириската граѓанска војна - во тој момент Асад имаше контрола над само мал дел од земјата.
Руското шпионирање, испораката на оружје и поддршката од армиски советници, но пред сѐ супериорноста на руската авијација и нејзиното немилосрдно бомбардирање на цивилни цели во областите под контрола на бунтовниците, им правеа сериозни штети на истите.
Друг фактор беше поддршката на сириската армија од страна на Иранската револуционерна гарда, која им обезбедуваше обуки и борци. Вклучувањето на либанската милиција Хезболах на страната на Асад мора да се припише на иранското влијание.
Русија и Иран следеа далекусежни стратешки цели со нивната интервенција во војната. Русија во 2015 година се врати како велесила - сигнал и за тогашниот американски претседател Барак Обама, кој во Русија гледаше само регионална сила. Русија за возврат за поддршката пред сѐ доби бази на Средоземно Море кои се од големо стратешко значење.
Иран беше исто така заинтересиран за поголемо влијание во регионот - не само во однос на Израел, чие што уништување Техеран си го постави за цел. Со влијанието на Хезболах во Либан и сирискиот владетел, влијанието значително му се зголеми. Еден аспект секако е борбата со Турција и Саудиска Арабија за превласт во регионот.
Зошто поддржувачите го пуштија Асад низ вода?
Колку што Асад профитираше од силата и волјата на Русија и Иран да го обликуваат регионот според нивната волја, толку можеби сега го погодува нивната слабост.
Руската армија е врзана со војната против Украина, каде што веќе три години води битки со големи загуби - иако со стекнување територија, сепак со многу побавно темпо отколку на почетокот на нападот во 2022 година. Тоа пак веројатно ја спречи руската армија да му стави на располагање на Асад дополнителни капацитети.
Иран и Хезболах пак заради војната во Газа и конфронтацијата со Израел се многу ослабени. Израел го елиминира раководството на Хезболах и врши огромен притисок врз милитантите во јужниот дел на Либан. Се чини дека во последно време веќе не беше способна за поддршка на Сирија.
Иран исто така стана мета на израелски напади и тешко дека може да дејствува надвор од своите граници, како во изминатите години. Ваквата комбинација на драматични меѓународни случувања можеби доведе до падот на режимот на Асад.
Каде се наоѓа Асад?
Непосредно по заземањето на Дамаск се шпекулираше дали Асад побегнал со авион. Од еден аеродром под контрола на Русија југоисточно од Латакија полетал транспортен авион со првично непозната дестинација. Претставник на Кремљ во меѓувреме објави дека соборениот претседател и неговото семејство се наоѓаат во Москва. Претседателот Владимир Путин им дал азил „од хуманитарни причини“.
Каква улога игра Турција?
Турција многу рано застана на страната на исламистичките бунтовници и против Асад. Се тврди дека напредувањето на бунтовниците од минатата недела било со поддршка од Турција.
Интересите на Реџеп Таип Ердоган во соседната земја се повеќестрани. Турскиот претседател сака да го зајакне влијанието на неговата земја и на исламистичките групи во регионот и да спречи курдски групи да добијат на влијание во Сирија и евентуално да формираат автономни региони со што би можело да се даде поттик за слични стремежи во Турција. Затоа Турција со години е воено активна во Сирија, постојано интервенираше со војската и контролира области во североисточна Сирија заедно со сојузнички бунтовнички групи. Но, Ердоган има друга цел. Неговата земја прими милиони сириски бегалци од 2011 година, од кои три милиони Сиријци и натаму престојуваат во Турција, што е сè понепопуларно во земјата во време на економска криза. Турската влада пропагира враќање на бегалците во Сирија, а Ердоган може да дојде чекор поблиску до таквата цел со соборувањето на Асад.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан истакна дека сирискиот народ сега може да ја обликува иднината на земјата. Терористичките организации како ПКК или таканаречената Исламска држава веројатно нема да имаат никаква придобивка во овој процес.
Какви се реакциите за падот на Асад?
На меѓународен план, падот на Асад беше дочекан со одобрување, но и со загриженост за стабилноста на земјата и регионот.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го опиша падот на Асад како „добра вест“. Асад „го угнетуваше сопствениот народ на брутален начин, носи безброј животи на совест и протера многу луѓе од Сирија, од кои многумина дојдоа и во Германија“, рече Шолц и додаде дека сега е важно закон и ред брзо да се воспостават во Сирија.
Сојузната министерка за надворешни работи Аналена Бербок оцени дека сѐ уште е нејасно што се случува во Сирија. Таа нагласи дека падот на претседателот е „прво големо олеснување по една вечност злосторства извршени од режимот на Асад“. Бербок потенцираше дека земјата сега не смее да падне во рацете на други радикали и повика на сеопфатна заштита на етнички и верски малцинства во земјата.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека варварската држава конечно паднала и му оддаде почит на сирискиот народ „за неговата храброст и трпението“. Тој порача дека Франција и натаму ќе се залага за стабилноста на Блискиот Исток.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров до вчера го поддржуваше Асад и изјавуваше дека Русија прави сѐ што може за да спречи победа на „терористите“ во Сирија. Истовремено сега повика на дијалог меѓу владата во Дамаск и легитимната опозиција, без да наведе на кои групи мисли со тоа. Во актуелните услови на целосно разгорена граѓанска војна, Русија веќе не може да ја поддржува Сирија, пиша на Телеграм истакнатиот експерт за надворешна политика и заменик-претседател на Советот на Руската Федерација, Константин Косачов. Сиријците „сега мора сами да се справуваат“, додава тој.
Реакциите од САД беа „разновидни“. Додека претседателот Џо Бајден изјави дека развојот на настаните внимателно се следи, идниот претседател Доналд Трамп покажува кон сојузниците на Асад и вели дека Русија и Иран се во послаба позиција. Трамп апелираше до Владимир Путин сега да преговара и за Украина бидејќи дошло „времето за дејствување“.
Претставникот на Министерството за одбрана на САД за Блискиот Исток, Даниел Шапиро, нагласи дека САД сакаат да го задржат своето присуство во земјата. Околу 900 американски војници се наоѓаат во Сирија, пред сѐ на североистокот од земјата.
Од Иран до сега нема официјални реакции, јавува дописникот на АРД, Алфред Шмит, но поединечни лица се огласија на социјалните мрежи. Па така пратеник од Комисијата за безбедност и надворешна политика напиша дека Асад не бил соборен од изворна сириска опозиција, туку тоа било мултинационална армија под влијание на тајните служби од САД, Велика Британија и Турција. Поранешниот претседател на Комисијата за надворешни работи во иранскиот парламент напиша дека Иран има причина да биде среќен. Новата ситуација на иранската држава ѝ заштедува многу пари.