1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како ЕУ до 2030. година да се спреми за проширување?

ЖА/ ИЃ
21 септември 2023

ЕУ би требало до 2030. година да се припреми за проширување, што меѓу другото подразбира одлуките во Унијата веќе да не се носат едногласно, туку со квалификувано мнозинство. Но, таа реформа за многумина е проблематична.

https://p.dw.com/p/4WaXc
Со реформи до проширување на Европската унија
Со реформи до проширување на Европската унијаФотографија: Feyrer/Panthermedia/imago images

Европската унија би требало да биде спремна да прими нови членки до 2030. година. Таа амбициозна цел, односно датум кој неодамна го спомена  претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, се наведува и во експертскиот извештај кој Германија и Франција го претставија во вторникот (19.09.) во Брисел.

Според зборовите на германската државна министерка за Европа, Ана Лирман (Зелени), владата во Берлин суштински ја поддржува таа иницијатива. Меѓутоа, може да се очекува дека дебатата меѓу 27 земји членки за  темпото на проширување  и неопходните институционални реформи ќе биде тешка.

„Европската унија би требало до 2030. година да се подготви за проширување,  а земјите-кандидати дотогаш би требало да работат на исполнување на сите критериуми за пристапување“, се наведува во извештајот на 60 страници кој го подготвија 12 германски и француски ескперти.

ЕУ мора да се реформира за да се прошири

Веќе повеќе од една година меѓу кандидатите се и Украина и нејзиниот мал сосед, Молдавија. И едната и другата земја се надеваат дека преговорите за пристапување ќе ги започнат до крајот на оваа година. Освен тоа, на приклучување чекаат и шест држави од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово,  Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Државната министерка за Европа Лирман вели дека ЕУ сега мора да ја сработи својата домашна задача за  да биде спремна за прием на нови членки.  „Неопходните внатрешни реформи мора да бидат спроведени во наредниот законодавен период на Европскиот парламент“, односно меѓу европските избори во јуни 2024. и следните избори во 2029. година.

Француската државна секретарка за Европа, Лорен Бун
Француската државна секретарка за Европа, Лорен БунФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Француската колешка на Лирман, Лорен Бун е повоздржана. „Тоа не е владин предлог“, нагласи таа. Франција е една од земјите во кои последните години владее поголема скепса во поглед на проширувањето на ЕУ, делумно и поради пораст на десничарските партии.

Откажување од принципот на едногласно носење одлуки?

Шефовите на држави или влади на ЕУ сакаат за тоа прашање да разговараат на самитот во октомври во шпанска Гранада. Ставовите на земјите на Унијата „уште се оддалечени“, изјави шпанскиот државен секретар Паскал Игнасио Наваро Риос, чија земја до крајот на годината претседава со Советот на министри.

За Европската унија да остане способна да дејствува со повеќе од 27 членки, експертите предлагаат откажување од принципот на едногласно носење одлуки и премин на принцип на донесување одлуки со мнозинство и тоа во клучните области како проширувањето, надворешната политика и даночната политика.

Германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) повеќепати се заложи за таа идеја и тоа поради коалициониот договор на неговата влада која ја сочинуваат СПД, Зелените и ФДП, а во која се наведува дека „во Советот на ЕУ би требало да се користи и прошири гласање со квалификувано мнозинство“.

Страв од „германско-француска доминација“

Неколку помали држави од Европската унија стравуваат дека така редовно би биле надгласувани. Стравот од „германско-француската доминација“ е голем, укажуваат и експерти.

Германската претставничка Лирман нагласува меѓутоа дека затоа и е предвидена „заштитна мрежа“, која пропишува дека земјата може да пријави кои теми за неа се од посебен „национален интерес“. Државите од ЕУ тогаш со мнозинство би можеле да одлучат за тоа да разговараат на самит на шефови на држави и влади, каде одлуката би се носела со консензус.

Друга можност е, според експертите, државите членки да не учествуваат во сите политички области, како што на пример правеа Велика Британија и Данска во поглед на внатрешната и правосудната политика. Експертите во суштина се залагаат за „Европа на различни брзини“ за да бидат избегнати блокади.

Германската државна министерка Ана Лирман се надева дека од самитот во декември ќе биде испратен „јасен сигнал дека проширувањето и реформите на ЕУ се поврзани теми.“ А источноевропските земји од ЕУ предупредуваат дека премногу долга дебата за реформи би можела да го одложи приемот на Украина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема