1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан: Неисполнетото ветување за влез во ЕУ

Томас Брај
22 август 2023

Во 2003 година, ЕУ даде ветување за членство на Западен Балкан во Унијата, кое сè уште не го исполнила. Вечерата што во Атина ја приреди грчкиот премиер за лидерите од регионот и врвот на ЕУ е потсетник на тоа ветување.

https://p.dw.com/p/4VQal
Лидерите на Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан (без премиерот на Албанија) со домаќинот, премиерот на Грција Киријакос Мицотакис, високите претставници на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел и премиерите на Романија, Бугарија и Хрватска
Лидерите на Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан (без премиерот на Албанија) со домаќинот, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, високите претставници на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел и премиерите на Романија, Бугарија и ХрватскаФотографија: Stelios Misinas/REUTERS

Кога шефовите на држави или влади на Европската унија се состанаа во грчкото одморалиште Порто Карас во јуни 2003 година, тие имаа големи работи на ум за Западен Балкан, кој штотуку се беше смирил. Унијата „безрезервно“ го поддржа приемот на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, беше наведено во завршниот документ на самитот. И следново: „Иднината на балканските држави е во Европа“.

Тоа „ветување од Солун“, именувано по блискиот грчки пристанишен град, не се исполни ниту по две децении.

И покрај лошото искуство со Западен Балкан, лидерите на ЕУ во јуни 2022 година, донесоа, како што ја опишаа, „историска“ одлука официјално да ги прогласат Украина и нејзината соседка Република Молдавија за кандидати за пристапување кон ЕУ.

Вечерата во Атина по повод 20-годишнината од „солунското ветување“
Вечерата во Атина по повод 20-годишнината од „солунското ветување“ Фотографија: Dimitris Papamitsos/Greek Prime Minister’s Office/Handout/REUTERS

Вечера за годишнината

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа (21 авуст, 2023) приреди вечера во Атина. Поводот беше токму „солунското ветување“ од пред 20 години. На вечерата присуствуваа шефовите на држави или на влади на шестте земји од Западен Балкан, како и на врвот на ЕУ, на чело со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. 

Според пишувањата на грчките медиуми, важниот и влијателен шеф на албанската влада Еди Рама не бил поканет, бидејќи Албанија и Грција во моментов жестоко се расправаат за малото грчко малцинство во Албанија. Токму ове е  еден пример кој јасно покажува зошто земјите од тој регион одамна не се членки на ЕУ. Членките на Унијата од југоисточниот дел на континентот користат билатерални проблеми за да го блокираат процесот на пристапување на државите кандидати од Западен Балкан.

Бугарија го доведува во прашање македонскиот јазик и сака да го натера Скопје малото бугарско малцинство номинално да се спомене во Уставот на Северна Македонија. Претходно, по децении блокада, Грција протурка промена на името на Македонија во Северна Македонија, за името на соседната земја да се разликува од грчката провинција Македонија.

Хрватска се обидува да ги реши своите билатерални проблеми со одредени кандидати за членство, како Србија и Црна Гора, или со потенцијалниот кандидат за пристапување Босна и Херцеговина, користејќи го своето членство во ЕУ, на пример преку закани со вето.

Популарноста на ЕУ во Србија драматично се намалува

Оваа долгорочна пат-позиција во врска со пристапувањето кон ЕУ остави длабоки лузни, особено во Србија, најголемата и стратешки најважната земја во регионот. Во репрезентативното истражување на јавното мислење во летото 2023 година, се покажа дека само 44 отсто од анкетираните го поддржале пристапувањето на нивната земја во ЕУ, додека 47 отсто биле против.

Во друга анкета на институтот Демостат од јуни 2023 година, само 23 отсто од граѓаните ги поддржаа барањата на Брисел, Србија како кандидат за членство во ЕУ да се приклучи кон санкциите против Русија. Од друга страна, 42 отсто сметаат дека Србија треба да се залага за добри односи со Русија, дури и ако тоа би го оневозможило членството во Европска унија.

Минатата година германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон се обидоа да постигнат компромис во повеќедеценискиот спор меѓу Србија и нејзината поранешна покраина Косово, која е мнозински населена со Албанци.

Европската комисија, исто така, ја искористи целата своја политичка тежина да посредува меѓу двете страни. Високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, дури во еден момент по долги преговори извика: „Имаме договор!“. Но, се случи спротивното. Двете страни го ескалираа конфликтот, кој повеќепати годинава се закануваше да се претвори во вооружен судир.

Дефицитарна демократија, застој во реформите, самити

И по две децении во земјите од регионот проблемите се исти: цензурирани и централизирани медиуми, инструментализација на правосудството, уништување на независни државни институции, драматична корупција и организиран криминал. Меѓутоа: како може ЕУ да направи нешто против со тоа кога едвај успева да се справи со слични проблеми во сопствените редови, на пример во Полска или во Унгарија?

Значи, очигледно не е случајно што унгарскиот премиер Виктор Орбан за партнер го избра Западен Балкан, а особено Србија. Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој одлучува за сѐ, не го крие своето воодушевување од начинот на владеење на Орбан и неговиот нелиберален политички концепт.

Најдобри пријатели: Српскиот претседател Александар Вучиќ му врачува орден на унгарскиот премиер Виктор Орбан на 16 септември 2022 година во Белград.
Најдобри пријатели: Српскиот претседател Александар Вучиќ му врачува орден на унгарскиот премиер Виктор Орбан на 16 септември 2022 година во Белград.Фотографија: Darko Vojinovic/AP//picture alliance

Двајцата високи политичари одржуваа многу блиски контакти во изминатите две години и остварија повеќе од 40 средби. Вучиќ очекува Унгарија да го намали притисокот од Брисел во однос на реформите поврзани со владеењето на правото. Орбан, од друга страна, очекува Србија да му помогне на патот да стане клучен играч во регионот.

Неуспешното приближување на земјите од Западен Балкан кон Брисел е заменето со сѐ повеќе рунди состаноци. Пример за тоа се годишните самити ЕУ-Западен Балкан од 2014 година под слоганот „Берлински процес“. Или форматот „Пријатели на Западен Балкан“, кој Австрија го започна овој јуни.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи