1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Како Германија и Полска разговараат за историјата

20 јули 2024

Зошто во Македонија се споменува работата на германско-историската комисија како образец што треба да го следи македонско-бугарската комисија? Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4iVxA
Германско-полска комисија за учебници  - издадени четири учебници по историја
Резултат на заедничката германско-полска комисија за учебници се издадени четири учебници по историјаФотографија: Rüdiger Rossig/DW

Откако работата на македонско-бугарската историска комисија навлезе во ќорсокак по 2019 година и последователните неколку вета на Софија за преговорите на Скопје со ЕУ (сѐ до францускиот предлог од јуни 2022) многумина овде често во дебатите го посочуваа примерот на разговорите меѓу германските и полските историчари за образецот кој треба да се следи. За тој пример зборуваа политичари, поранешни дипломати, политички аналитичари, а многу малку, или речиси  воопшто не – историчари.

Бидејќи ова општество е такво – се изнесуваат претпоставки, па се градат незасновани тези и потоа се донесуваат заклучоци, така и за германско-полската историска комисија имаше толку многу тврдења (особено за нејзиното децениско траење) кои имаа малку допирни точки со вистината. Тие се исфрлаа во етерот или на хартијата без проверка, без проучени факти само да се експлоатира темата дека една меѓудржавна историска комисија  не може да ја заврши својата работа за неколку години (макар биле и десет), туку таа треба да трае со децении и децении.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашањаФотографија: Government of North Macedonia

Интересно е што и овдешните историчари, кои би биле најповикани да ги дадат вистинските одговори за што, всушност, работи, проучува и носи заклучоци германско-полската комисија, генерално молчеа. Или не сакаа да се вклучуваат во дебатата на таа тема, или не истражиле доволно факти на што работат нивните колеги од  Германија и Полска.  Истото, колку што можевме да дознаеме, се случуваше и во Бугарија. Членовите на бугарскиот дел од комисијата не сакаа да се занимаваат со искуствата на двата соседи кои имаат толку испреплетена и толку мачна и трауматична меѓусебна историја.

За што тогаш разговараат  германските и полските историчари  и зошто нивната меѓусебна комисија би била образец?

Вистинскиот одговор не би им се допаднал на многумина. Всушност, на огромното мнозинство – и научното и обичното граѓанско. И овде и во Бугарија.

Комисија за учебници

Вистинскиот назив на оваа комисија на историчарите е „Заедничка германско-полска комисија за учебници“. Не за заедничко толкување на историјата, туку како двете држави може да произведат учебници за историјата, но и за географијата, според кои ќе се учи во основните училишта во двете држави. И тие успеаја да стигнат до таа цел. Досега се издадоа четири учебници, од предисторијата и античките времиња, па до денес.

Заедничката германско-полска комисија за учебници е основана во 1972 година, во времето на Студената војна, четири години по советската интервенција во Чехословачка и во времето на новата Источна политика на западногерманскиот канцелар Вили Брант, воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји и меѓусебното помирување. Некои дипломати овде тврдат дека таа била основана под покровителство на УНЕСКО. Точно е дека УНЕСКО на некој начин е дел од овој проект, но не централата во Париз, туку покровителство беше на германската и полската комисија на УНЕСКО.

За да се разбере комплексноста и успешноста на работата на оваа комисија за учебници потребно е да се претстави еден мал историски преглед на многу драматичната историја меѓу дете земји и двата народа, полна со многу страдања, која се протега од раниот среден век до катастрофата на Втората светска војна и по неа. За таа историја во односите меѓу Полска и Германија овде малку се знае (нашите историчари генерално се занимаваат само со вмровските револуционерни дела и крвавите меѓумакедонски колежи пред сто до 130 години). Историјата на секој народ си има своја драма. Полската е извонредно голема.

Малку невообичаено, оваа приказна за Заедничката германско-полска комисија за учебници, ќе ја поделиме во два дела. Во овој текст подолу ќе пренесеме некои детали од меѓусебната почесто крвава отколку мирна историја на двата народа, за да може македонската јавност да разбере за што преговараат германските и полските историчари и колкав е научниот влог (а не политичкиот) и зошто треба да се расудува со студени и разумни глави. Во вториот текст идната сабота ќе претставиме како беше создадена оваа заедничка комисија за учебници, како работи таа (научните разговори) и што успеа да постигне. Нејзините успеси се речиси спектакуларни.

Заедничката германско-полска комисија за учебници
Заедничката германско-полска комисија за учебнициФотографија: Jacek Lepiarz/DW

Во 10. век, западнословенските полски племиња под пјастскиот принц Миешко I околу 960 година успеале да основаат суверена држава околу Познањ и Гњезно во областа подоцна наречена Великополска. Во текот на средниот век, Германците се прошириле кон исток од модерната западна и централна Германија во помалку населените региони, источно од реката Елба, кои биле населени со балтички, фински и словенски народи, вклучувајќи ги и Полјаците. Областа на германско населување приближно се протегала од Словенија до Естонија, а на југ во Трансилванија. Феноменот, познат како „Ostsiedlung“ („источна населба“, „населба на исток“) го следеше територијалното ширење на Светото Римско Царство и Тевтонскиот ред.

Митот за Тевтонскиот ред

Во 13. век, Полска страдала од нападите на паганските племиња. Како одговор, Конрад I од Мазовија ангажирал армија од невработени крстоносци - Тевтонскиот ред. По неуспехот да ги преобрати старите Пруси во христијанство, апетитите на Редот пораснаа и тој влезе во низа конфликти со полската држава, која го ангажираше. Тевтонските витези го нападнаа главниот пристанишен град во земјата Гдањск и ја презедоа контролата на речиси целиот југоисточен брег на Балтичкото Море. Тевтонските витези го држеа под окупација овој регион речиси 200 години. Тие останаа моќни до 1410 година, кога здружената полско-литванска војска успеа да извојува решавачка победа над Тевтонскиот ред во Грунвалд. Како резултат на тоа, Полска се појави како голема сила во Централна Европа.

Во 16. век, по Реформацијата на Мартин Лутер и на Контрареформацијата и избувнувањето на Триесетгодишната војна во германските земји, Полска стана римокатоличко упориште. Во 1683 година, полската војска командувана од кралот Јан III Собјески помогна да се скрши османлиската опсада на Виена и заедно со Светото Римско Царство, стави крај на растечкото ширење на Отоманската империја во Европа.

Во тоа време, 16. и 17. век, Полско-литванскиот комонвелт, формално познат како Кралство Полска и Големото Војводство Литванија беше една од најмоќните, најголемите и најнаселените држави во Европа. Таа беше управувана од заеднички монарх во вистинска унија, кој беше и крал на Полска и велики војвода на Литванија. Во својот најголем територијален опсег, на почетокот на 17. век, оваа држава покриваше 1.000.000 км2 и имаше мултиетничко население од речиси 12 милиони. Полскиот и латинскиот беа двата службени јазици, а католицизмот државна религија.

Во 18. век почна слабеењето на овој огромен комонвелт, уништен од граѓанска војна, што доведе до поделба на Полска во три наврати, за на крај да исчезне како држава. Учесниците во овој постепен територијален грабеж беа Прусија, Хабсбуршката монархија и Руската империја. Полска и Литванија останаа без свои држави во наредните 123 години.

Трите поделби на Полска

Првата поделба се случи откако Русија се вклучи во војна против Отоманските Турци (1768) и извојува импресивни победи, особено во Дунавските кнежевства, по што Австрија се вознемири и се закани дека ќе влезе во војна против Русија. Фридрих II (Велики) од Прусија, за да избегне ескалација на Руско-турската војна, реши да ги смири австро-руските односи со префрлање на правецот на руската експанзија кон Полска.

Во 1772 година, Русија, Прусија и Австрија потпишаа договор со кој се подели Полска. Ратификуван од полскиот Сејм (законодавно тело) 1773 година, договорот ја лиши Полска од приближно половина од нејзиното население и речиси една третина (околу 211.000 квадратни километри) од нејзината површина. Трите монархии добија по еден дел од оваа територија.

Речиси 20 години подоцна, Полска направи напори да се зајакне преку внатрешни реформи, усвои нов, либерален устав (1791 година). Но тој потег предизвика реакција на конзервативните сили во Полска, кои побараа Русија да интервенира за да го врати поранешниот полски устав. Русија ја прифати поканата, но и Прусија испрати војници во Полска, а во јануари 1793 година, двете сили се договорија за Втората поделба на Полска. Потврдена во август и септември 1793 година од полскиот Сејм - опкружен со руски трупи - Втората поделба го префрли на Русија главниот остаток од Литванска Белорусија и западна Украина, Прусија ја доби економски вредната провинција Кралска Прусија, со исклучок на градовите Гдањск и Торуњ. Австрија ги доби регионите на Малополска јужно од реката Висла и областа која подоцна стана позната како Галиција. Со Втората поделба Полска остана уште без 300.000 квадратни километри.

Со Третата поделба Полска беше конечно укината како држава во јануари 1797 година. Русија ја доби целата територија на Литванија и остатокот од Волинска Украина; Прусија го доби остатокот од Мазовија, вклучувајќи ја и Варшава, а Австрија го зеде преостанатиот дел од Малополска со Краков.

Тие територијални поделби беа изменети во 1807 година, кога фарнцускиот император Наполеон го создаде Варшавското војводство од централните провинции на пруска Полска, и во 1815 година, кога Конгресот на Виена го создаде Конгресното Кралство Полска.

Во 19. век избувнаа неколку полски востанија, а најголемото беше она од 1848 година. Прускиот водач и основач на модерна Германија, Ото фон Бизмарк, во однос на Полјаците, напиша: „Удри ги Полјаците толку силно што тие да очајуваат од нивниот живот; Имам целосно сочувство со нивната состојба, но ако сакаме да преживееме, треба само да ги истребиме; волкот, исто така, не може да не биде создаден од Бога таков каков што е, но луѓето го стрелаат токму поради тоа, ако можат“. Германија изврши протерување на Полјаците, а од крајот на 19. век, концептот Lebensraum беше пролифериран во Германија, а се однесуваше и на припоените стари полски територии. Бернхард фон Булов, кој беше канцелар на Германија од 1900 до 1909 година, ја нарече полската победа над Тевтонските витези во битката кај Грунвалд, најстрашната национална катастрофа на Германците.

Елиминацијата на суверената држава Полска - беше на сила до крајот на Првата светска војна, кога полската република конечно беше обновена (11 ноември 1918 година).

Настаните во Втората светска војна,  суровата нацистичка окупација,  поместувањето на територијата на Полска на запад за да се задоволат амбициите на Сталин и протерувањето на Германците од новите територии се последните големи трауматични настани.

концентрациони логори
Во Полска германските нацисти изградија повеќе концентрациони логориФотографија: YAY Images/IMAGO

Користејќи како изговор еден провоциран инцидент во Данциг (Гдањск) Хитлер ја нападна Полска на 1 септември 1939 година и со тоа почна Втората светската. Една недела претходно германскиот и советскиот министер за надворешни работи, Рибентроп и Молотов, склучија пакт за ненапаѓање, кој во своите тајни клаузули ја имаше и поделбата на Полска, на сличен начин како што се случи на крајот на 18. век.

Поместувањето на Полска на запад

На 17 септември 1939 година, Црвената армија ја нападна Полска од исток, а на 28 септември Хитлер и Сталин се договорија за конечна поделба, Советите ќе ја заземат источна Галиција и ќе дојдат источно од реката Буг (т.е. повеќе од половина од земјата, каде што Полјаците сочинуваа околу две петтини од населението). По фарсични плебисцити во октомври и ноември, овие територии беа инкорпорирани во советските републики Украина и Белорусија. Помеѓу 1940 и 1941 година околу 1,5 милиони луѓе беа депортирани во СССР. Вилно (Вилнус) ѝ беше предаден на Литванија, која до 1940 година стана една од советските републики. Со западниот дел владееше нацистичка Германија, каде што ги изгради најголемиот дел од страшните концентрациони кампови.

Се проценува дека за време на Втората светска војна околу 5,8 милиони Полјаци ги загубиле животите (една петина од населението). Од нив три милиони биле Евреи, два милиони Полјаци и еден милион полски граѓани кои биле од други етнички групи. По капитулацијата на Германија и според договорот од Потсдам Сталин драматично ја прошири територијата на Советскиот Сојуз на запад, преземајќи територии на предвоена Полска и инкорпорирајќи ги на Украина и Белорусија. За возврат Полска се помести на запад, на териториите кои беа главно населени од Германци. Во оваа територијална зделка со одобрение на Черчил и Труман, Полска загуби 20 отсто од својата предвоена територија.

Германци протерани од Полска 1945 година
Околу осум милиони Германци (од вкупно 11 милиони) биле протерани од новите полски територии од 1945 во наредните 10 годиниФотографија: picture-alliance / akg-images

По војната почна протерувањето на Германците од новите полски територии. Според повеќе историски истражувања околу осум милиони Германци (од вкупно 11 милиони) биле протерани од новите полски територии од 1945 во наредните 10 години. Најголемиот дел од нив заминаа во Западна Германија. Претходно, кога нацистичка Германија ги окупира полските територии од таму беа протерани 2,4 милиони Полјаци. За време на протерувањето и интернирањето во полски кампови загинаа неколку стотици илјади Германци.

Тогаш како двете држави и  двата народи со толку голема недоверба меѓу себе,  па дури и омраза, со предрасуди и нетрпеливост успеаја да се сретнат во комисијата за историски учебници во екот на Студената војна и да направат нешто кое ќе ги издигне над историските митови. Одговорот веројатно е во општествената свест, во дигнитетот на историчарите и во нивното чувство и знаење да придонесат во  меѓусебното разбирање на двата народи,  а во исто време што помалку да ѝ служат на политиката. Или да бидат нејзини историски агенти. За тоа како беше создадена тааа комисија за учебници, како работеше и што сработи, идната сабота.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема