1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Како Херсон влијае врз текот на војната во Украина

Џаспер Стеинлајн (АРД)
28 јули 2022

Битката за Херсон е одлучувачка за Украина - до септември регионот треба да се стави повторно под украинска контрола. Но, и Русија си има свои планови.

https://p.dw.com/p/4EiqG
Ukraine Krieg | Evakuierung Cherson
Фотографија: Sergei Bobylev/ITAR-TASS/IMAGO

Украинскиот град Херсон и околината би можеле да бидат ослободени од руската окупација до септември, објави неодамна локалната воена администрација во Украина. Нивниот советник Серхиј Хлан дури гледа „пресвртница на бојното поле“: украинските вооружени сили преминаа од дефанзивна воконтраофанзива.

Британски и американски воени набљудувачи потврдуваат: Во областа околу делтата на Дњепар, на 30 километри од Црното Море, украинските војници сѐ повеќе ги притискаат руските сили. Претседателот Володимир Зеленски објави дека војската напредува „етапно“ во регионот, гранатирањето на важни мостови на Дњепар ја прекинале испораката на тешката воена опрема за руските сили, а на периферијата на Херсон, како што се вели, се опколени повеќе од 1000 руски војници.

Во градот, кој пред војната имаше речиси 300.000 жители, сега сè оди во насока кон една од одлучувачките битки за натамошниот тек на војната: Русија најверојатно ќе стори сѐ што може за да ја задржи освоената копнена врска од Донбас до Крим, за оттаму да ги почнува другите офанзиви во насока на запад.

Од друга страна, ако Украина успее да ја врати својата територија, може да ги врати руските трупи назад, зад Дњепар, и да го запре нивното напредување во внатрешноста, барем некое време. Двете земји сакаат да демонстрираат и своја симболична надмоќ: Украина во Херсон сака да ги реализира ветувањата дека никогаш нема да се откаже од своја територија и да ги награди градовите кои ѝ се верни, како и да докаже дека оружјето кое го добива од Запад ѝ помага повеќе од просто одолговлекување на борбите. Русија, од друга страна, сака да покаже дека е способна да ги спроведе своите закани за анексија - шанса за спроведување на Путиновиот историски ревизионизам, кој претставува идеолошки фундамент на инвазијата.

Рубљи, издавање пасоши, пропаганда

Петте месеци руска окупација веќе го променија градот Херсон: градоначалникот Ихор Количајев е сменет и уапсен, сега главен збор имаат поранешниот КГБ-агент, Александер Кобез и поранешниот производител на храна за риби Кирил Стремусов, кој досега се појавуваше како блогер за легенди за корона-заговори и кој се наоѓа на листата на санкции на ЕУ. Во интервјуа за руските медиуми тој вели дека граѓаните на Херсон веќе се чувствуваат „како субјекти на Руската Федерација“.

Како платежно средство се користи рубљата, а фирмите се конфискувани и принудени да се „пререгистрираат“, процес во текот на кој раководството мора да прифати руско државјанство. Жителите на Херсон исто така се повикуваат да аплицираат за руски пасоши по итна постапка - во некои случаи од тоа зависи дистрибуцијата на храна.

Ukraine-Krieg Cherson | Russische Soldaten verteilen Hilfsgüter
Дистрибуција на храна во Херсон (март, 2022)Фотографија: Russian Defence Ministry/Tass/IMAGO

Се зголемуваат извештаите за произволни апсења, насилство врз цивили и стотици исчезнати луѓе. На прославите по повод Денот на победата на 9 мај, како што се вели, се вееле знамиња на СССР, а групи пензионери донесени во Херсон од Крим, меѓусебно се прашувале: „Каде е камерата?“

Отпорот се покажува со мали гестови, како кога исчезнува руското знаме, а наместо него е поставено украинско, или кога се бојкотира руската храна, како што изјави жителка на градот на почетокот на јуни за АРД-студиото во Москва. Оттогаш, освен пропаганда, од градот не излегува речиси ништо ново.

Храбар граѓански отпор

Притоа, токму жителите на Херсон импресионираа многумина со својата храброст да се спротивстават: на почетокот на март, кога Русија го освои градот за само една недела, големи групи луѓе излегоа на улиците, ги поставија украинските знамиња на руските тенкови и гласно извикуваа: „Херсон ѝ припаѓа на Украина! и „Путин е колбавче!“

„Одете си од нашиот град“

По повеќедневни протести, руски војници пукаа во толпата, при што, како што се вели, загинало едно лице. Зеленски го нарече Херсон „град херој“ - заедно со Мариупол, Харков и три други места. Малку подоцна, во Херсон се сместија руската национална гарда и тајната служба ФСБ. Од пролетта, Русите наголемо земаат жито и семки од сончоглед од регионот и ги носат во сопствената земја. Но, покрај воениот плен и стратешки поволната локација помеѓу Крим и Дњепар, Херсон има уште едно значење за Путин - тука тој сака да направи пример за своите фантазии за голема моќ.

„Диво поле“

Владата инсталирана од Русија неодамна објави дека во првата половина на септември, во Херсон и Запорожје, ќе се одржи „референдум“ за приклучување кон Руската Федерација. Како што се вели, веќе започнало формирањето изборни комисии, кои би требало да подготват „избирачки списоци“. Катерина Губаева, член на, од Русија формираната, колаборационистичка влада за Херсонската област, напиша: „Референдумот е нашата шанса да излеземе од 'дивото поле'“.

Ukraine Krieg Ältere Bürger in Cherson mit russischen Soldaten
Руски војници во Херсон (20.05.2022)Фотографија: ASSOCIATED PRESS/picture alliance

„Диво поле“ во средниот век биле нарекувани степските пејзажи во јужна и источна Украина. Таму живееле коњаници и номади, како што се Запорошките Козаци. Во руската историја тие се прикажани како нецивилизирани „дивјаци“ кои биле припитомени од страна на Русија. Регионот Херсон во тоа време бил населен со кримски Татари. Царицата Катарина Велика ја освоила областа, ги потчинила Козаците и го основала градот Херсон во 1778 година.

Сега, два и пол века подоцна, историјата се повторува, вели Губаева: Русија „воспоставува цивилизација“ на територија, на која во 1991 година - годината на украинската независност - целно ѝ била ограбена нејзината историска меморија, нејзината индустрија и иднина. Референдумот служи за „на народот да му ја врати неговата територија“, вели Губаева.

Кој може прв да создаде факти?

Доколку успее ова извртување на историските факти, Русија би можела да црпи и воена сила. „Доколку се анектираат областите на југ, руските вооружени сили ќе продолжат да напредуваат во насока на Одеса. Способноста на Украина да преживее тогаш би била неизмерно ослабната“, вели Сабине Фишер, од Истражувачката група за Источна Европа и Евроазија во фондацијата Наука и политика, во интервју за tagesschau.de.

Зашто со Одеса, Украина би го загубила последниот пристап до Црното Море - а со тоа и до својата воена и трговска флота. „Треба повторно и повторно да се потсетува дека на крајот на краиштата главна воена цел на Русија е уништување на независната украинска држава“, нагласува Фишер. „И колку повеќе Русија оди кон Одеса, толку оваа опасност станува поголема.“

За Русија и Украина започна жестока битка за тоа кој ќе биде првиот што до есен ќе создаде факти во Херсон.