Како Кина работи на нов светски поредок
30 септември 2024Време е да се исправат некои историски неправди, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш пред неколку недели на големиот самит Кина-Африка во Пекинг. Гостинот на шефот на кинеската држава и лидер на Комунистичката партија, Ши Џинпинг, со тоа мислеше дека африканскиот континент треба да има посилен глас во рамките на Обединетите нации. Ова е најчувствителната точка во дебатите за иднината на ОН: земјите во подем и земјите во развој се чувствуваат недоволно застапени и недоволно почитувани од Западот во нивната потреба да го унапредат својот развој.
Токму ваквата перцепција на многу земји од Глобалниот југ ја презема кинеското државно и партиско раководство и се нуди како алтернатива на западниот модел. Алтернатива во која правото на развој е на прво место и универзалните човекови права, како што е правото на индивидуална слобода, се ставени во перспектива. Но, како ова функционираше досега?
Билатерализмот како вистински мултилатерализам
Овој замав на алтернативен светски поредок се манифестираше во солидарност - и во „безгранично пријателство“ - со рускиот претседател Владимир Путин во Москва пред две години.
Во заедничката изјава се зборува за неопходна промена на светскиот поредок: западните сили „се мешаат во внатрешните работи на другите држави, ги кршат нивните легитимни права и интереси и на тој начин го попречуваат развојот и напредокот на човештвото и покрај отпорот на меѓународната заедница“. „Вистинскиот мултилатерализам“ во кинески стил изгледа вака: немешање во интересите на другите земји со кои билатералните односи се одржуваат под закрила на разни организации.
Кина гради паралелни структури
Кинеското државно и партиско раководство упорно гради паралелни структури, со цела низа различни институции и иницијативи, чии состаноци имаат за цел да испратат порака дека Кина пропагира подобар модел на светски поредок.
Ши, налик на молитва, ги повторува „Судбинската заедница на човештвото“ и почетокот во „нова ера“, често комбинирано со критики кон Западот. Како, на пример, на неодамнешниот самит на Форумот за кинеско-африканска соработка, за кој околу 50 африкански шефови на држави или на влади отпатуваа во Пекинг. Новите кинески структури ја вклучуваат и иницијативата „Појас и пат“; сојузот БРИКС, кој го форсира Кина и чии основачки членки освен Пекинг се Бразил, Русија, Индија и Јужна Африка. Тука се уште и Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата (АИИБ), Иницијативата за глобална безбедност и, како централен елемент, Иницијативата за глобален развој (ГДИ).
„Нема универзален модел за заштита на човековите права“
Непосредно пред Самитот за иднината на ОН , кој заврши во понеделникот (23 септември, 2024) во Њујорк, кинеското Министерство за надворешни работи уште еднаш потсети на извонредниот успех на оваа развојна иницијатива. Околу 100 земји и институции ja поддржаа ГДИ. Во Њујорк има група пријатели од 80 земји.
Ванг Вен од Универзитетот Ренмин ја објаснува целта на иницијативата: Станува збор за манифестирање на „правото на развој“. Како да не беше тоа она што кон што стремеа ОН. „ГДИ сака да изгради консензус за заедничките вредности на сите земји и да ги интегрира колку што е можно повеќе“, вели Ванг. Во нивниот нацрт за самитот на ОН, кинеското државно и партиско раководство јасно ги истакнаа сопствените вредности, кои немаат многу врска со неопходноста и неотуѓивоста на универзалните човекови права. Тоа вели нешто како: „Не постои универзален модел за промоција и заштита на човековите права“. Наместо тоа, земјите мора да ги „помират принципот на универзалноста на човековите права со нивните национални околности и нивната специфична традиционална култура“.
Цел - да се заменат САД како водечка светска сила
Кинескиот пристап се чини дека е доста успешен во некои аспекти. Михаел Бренинг од фондацијата „Фридрих Еберт“ во Њујорк верува дека Глобалниот југ ја гледа Кина како сојузник во однос на економскиот развој - и без здодевното политичко мешање. Улогата на Кина обично се смета за конструктивна и легитимна, дури и ако Кина силно ги застапува сопствените интереси. Студијата на неговата фондација за посветеноста на Кина кон ОН, во која беа интервјуирани различни експерти и дипломати, доаѓа до заклучок дека Западот мора да ја прифати оваа конкуренција со Кина и да им понуди подобра понуда на земјите со засилен раст и на земјите во развој. Нивната потреба за соработка на рамноправно ниво долго време не беше задоволена.
Кинескиот пристап, чија крајна цел е да ги замени САД како водечка светска сила, го привлекува вниманието на многу шефови на држави или на влади. Таков е случајот со левичарската влада во Бразил. Кина е најважниот трговски партнер на земјата. Речиси една третина од извозот оди во Кина. Визијата на бразилскиот претседател Лула да Силва е да го гледааат како политичар од голема светска сила, вели Маурицио Санторо, експерт за бразилско-кинески односи на Државниот универзитет во Рио де Жанеиро. Лула сака да го изгради својот модел на светски поредок - во кој Западот веќе не е толку важен - заедно со земјите од БРИКС и другите. Експертите на ОН се согласуваат дека кинескиот ангажман и кинескиот глас станаа погласни и понаметливи. Но, Бренинг, на пример, е сигурен дека патот до светски поредок под вистинско кинеско влијание е сè уште многу долг: на крајот од краиштата, шефовите на држави или на влади од целиот свет продолжуваат да се состануваат во Њујорк, а не во Кина.
Мари фон Малинкрод , АРД Пекинг