Руски воени бази во Сирија: да се остане или да се замине?
11 декември 2024Дали Русија, по победата на исламистичките бунтовници во Сирија и бегството на претседателот Башар ал Асад, ќе ги загуби двете воени упоришта во таа земја? Прашањето останува отворено, а одговорот се уште не е на повидок. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитри Песков, во понеделникот (9 декември) рече дека е „прерано“ да се зборува за тоа. Руските медиуми објавија дека исламистите кои ја презедоа власта во Сирија, предводени од групата Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) и дале на Москва гаранции за безбедноста на воените бази. Нема потврда од други извори. Русија управува со две воени бази во Сирија – поморската база Тартус на Средоземното Море, која е наследство од Советскиот Сојуз, и воената воздухопловна база Хмеијмим, воспоставена во 2015 година.
„Во моментов, можат да се забележат движења на транспортните авиони во Хмејмим, но не во обем што би укажал на целосна евакуација“, вели Густав Гресел, поранешен експерт во тинк-тенкот Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР). Руските бродови, во моментов, се во Средоземното Море „на маневри“, но не далеку од Тартус. „Верувам дека Русија зад сцената преговара за тоа како да ги задржи базите во Сирија“, изјави Гресел за ДВ. „Да ги напуштаа, веќе ќе беше во тек евакуација.“
Поважна е поморската база во Тартус?
Австрискиот воен историчар, полковник Маркус Рајзнер, смета дека поморската база во Тартус е „стратешки поважна“ за Русија, бидејќи овозможува „распоредување на сили во Средоземното Море“. Воздухопловната база Хмејмим и беше потребна на Москва за поддршка на режимот на Асад против бунтовниците. „Но, сега нема потреба од тоа“, објаснува Рајзнер.
Британскиот политиколог Марк Галеоти, автор на книгата „Путинови војни“, смета дека двете бази се „многу важни за руските активности во Медитеранот и Африка“.
„Занимливо е колку брзо се обидоа да постигнат договор со ХТС“, додава Галеоти. Не така одамна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја нарече групата „терористи“, но минатиот викенд Москва почна да ги нарекува „бунтовници“. Галеоти забележува дека тонот на Москва кон исламистите во Сирија станал „многу помек“, дури и пред падот на Асад.
Што може Москва да им понуди на бунтовниците?
„Русија веројатно се надева на договор со ХТС“, вели Галеоти. Но, што може да понуди Москва? Бунтовниците, иако имаат поддршка од Турција, „не сакаат да бидат турски пиони“ и потребни им се сојузници и односи со други земји, смета тој. Русија притоа би можела да игра важна улога . „Русите се прилично цинични и прагматични, што му дава можност на ХТС да ја диверзифицира својата зависност од Анкара“, додава британскиот експерт. Тој потсетува и дека Русија не е присутна во Сирија само воено, туку има и блиски економски врски.
Бурчу Озчелик, експертка за Блискиот Исток во британскиот институт РУСИ, не верува дека сириските бунтовници брзо ќе ги исполнат руските желби. „Под голем знак прашалник е дека ХТС ќе побрза да биде перципиран како сојузник на Владимир Путин или да даде зелено светло за долгорочно руско воено присуство на сирискиот брег на Средоземното Море, особено ако се земе предвид дека Асад доби азил на руска територија“, оценува Озчелик. Таа предвидува долги преговори во кои регионалните актери, Русија и Иран, „ќе се обидат да ја прилагодат својата надворешна политика кон Сирија“.
Каде ќе отиде руската војска од Сирија?
Ако руската војска навистина ја напушти Сирија, дури и постепено, каде би можела да оди? „Тие немаат добри опции“, вели Марк Галеоти. Според него, Сирија за време на Асад била многу зависна од Москва, а слично место во регионот не постои.
Меѓу можните опции најчесто се споменува Либија, каде Русија одржува контакти со генералот Калифа Хафтар. На негова страна се бореа руски платеници од групата Вагнер. Западните медиуми објавија за наводната намера на Русија да формира поморска база во Либија, а таа би можела да биде сместена во Тобрук, шпекулира Маркус Рајзнер.
Марк Галеоти смета дека оваа опција нема брзо да се реализира, бидејќи таму нема инфраструктура. Истото важи и за Судан, со кој Москва со години преговара за поморска база на Црвеното Море. „Каде и да одат - Либија, Мали, Судан - нема да имаат услови како во Сирија“, вели експертот.
Ограничени ефекти врз војната во Украина
Се поставува и следното прашање: ако Русија ги повлече своите трупи од Сирија, што значи тоа за војната во Украина? „Ако сакаме да бидеме искрени, ефектите се занемарливи“, вели Галеоти. Според него, бројот на војници кои Москва може да ги префрли од Сирија на украинскиот фронт е незначителен.
„Добрите вести за Украина (од Сирија) се ограничени“, тврди Густав Гресел. Русија нема ниту способност ниту желба да отвори втор фронт додека води сеопфатна војна против Украина. „Украина нема да почувствува опиплива корист од слабеењето на Иран поради израелските напади“, смета експертот. Единствената конкретна позитивна последица за Киев би можела да биде тоа што „некои луѓе на Запад стануваат похрабри“, но евентуално и дека „слабоста на Путин остава впечаток на Трамп“, заклучува Гресел. Но и тоа за него останува отворено прашање.