1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе преживее ли Обединетото Кралство по Елизабетанската ера?

16 септември 2022

Чарлс сака да ја избегне судбината неговото наследство на Елизабета да влезе во историјата како ера на „(Не)Обединето Кралство“, каде земјата со четири различни нации дефинитивно би се распаднала. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4Gwxd
По Елизабета Втора доаѓа Чарлс Трети
По Елизабета Втора доаѓа Чарлс ТретиФотографија: Cover-Images/IMAGO

Сега кога „Лондонскиот мост падна“ (шифрата со која британската премиерка, министрите и аристократија беа информирани за смртта за Елизабета), кој ли ќе го замени тој мост кој ги држеше Британија, монархијата и Комонвелтот заедно во последните 70 години?

Дихотомијата помеѓу деталните подготовки за последниот поздрав и погребот на Кралицата, и колективниот немир кој владее кај еден народ, кој и понатаму го отфрла сознанието дека веќе не е нација-водилка, често носталгичен за своето славно минато, е големата приказна која изостанува во овие денови на тага, но и слава за новиот крал. Затоа што притисната помеѓу „Кралицата е мртва“ и „Да живее Кралот“ - фразата која гарантира брза транзиција и континуитет на британската монархија, Британија се открива себеси како земја на која не ѝ е најдобро со самата себе.

Помпата, погребните ритуали, литургиската прослава служат за индивидуалното тагување да се сублимира во колективно сочувство, но и за да се раздвои таа чудна и силна врска помеѓу суверенот и поданиците, помеѓу животот на еден монарх и животот на еден народ. Но, кога трубите ќе стивнат и кочиите повторно ќе бидат паркирани во градините на кралските палати, тогаш ќе започне вистинското колективно преиспитување.

Повеќе од 70 години Елизабета беше сликата и огледалото преку кое се огледуваа нејзините сограѓани. Уште пред да стапи на тронот, Елизабета беше олицетворение на колективната британска меморија. „Втората Елизабетанска ера“ го означи преминот од Британската империја кон Комонвелтот и Елизабета беше речиси рамнодушен сведок на нивното прогресивно распаѓање. Нејзината ера ќе биде запомнета како период на непрекинато национално опаѓање. Животот и политиката на крајот од нејзиното владеење ќе бидат непрепознатливи со големината и невиноста на нејзиниот почеток. Но, тоа не е вина на Елизабета, сметаат историчарите. Едноставно, Британија тонеше заедно со неа! Сепак, Елизабета беше ликот на една земја која знаеше длабоко да се трансформира, прифаќајки го испарувањето на територијалната империја и подемот на глобализмот подеднакво, без да го изгуби идентитетот, задржувајќи го притоа престижот.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Но, тоа можеше да го издржи или изведе еден веќе историски лик, кој беше надвор од времето, кој дури и како човек од некое друго време, знаеше да пренесе чувство на стабилност и со својата прибраност и доследност, да оддаде чувство дека нештата се под контрола во еден свет кој контролата одамна ја има изгубено.

Нервозниот Чарлс

Сега водството преоѓа кај кралот Чарлс Трети, една стара фигура, доста груба и помалку нервозна и неволна во новата задача, придружуван од нова кралица-Консорт, екс-љубовницата Камила, чие издигање не е универзално прифатено во Кралството. Многу веројатно силата на монархиската институција ќе се пренесе на Чарлс, така сличен на својот предок Едвард Седми, особено во очигледната емотивна нестабилност. Според некои, за Чарлс ќе биде доволно ако паметно го менаџира емотивниот капитал акумулиран од Елизабета, со цел да ја одржи монархијата. Според други, монархијата би преживеала, но само во некоја друга форма и сигурно ослабната, што поради недостатоците на Чарлс, што поради фактот дека заминувањето на Елизабета ја испразни институцијата од многу од причините за постоење. Многумина секако веруваат дека Чарлс би можел да ја спаси монархијата само доколку ја трансформира и редимензионира, според стилот на „буржоаските“ скандинавски монархии.

И не случајно, повеќе од церемонијалните задачи, првата вистинска мисија на Чарлс е да го одржи своето кралство обединето. Оттука, новиот крал го искористи „последното патување“ на Кралицата за да ги посети Единбург, Белфаст и Кардиф и да ја обезбеди нивната понатамошна лојалност кон монархијата, но и кон Обединетото Кралство. Како што не е случајно ни што Чарлс беше придружуван од новата премиерка Трас, во посета на регионите каде од поодамна во подем се сецесионистичките и антимонархистички чувства. Чарлс сака да ја избегне судбината неговото наследство на Елизабета да влезе во историјата како ера на „(Не)Обединето Кралство“, каде земјата со четири различни нации дефинитивно би се распаднала.

Соништа за независност

Ситуацијата не е најдобра во ниеден од трите региони, иако со различен степен на волја за сецесија или поддршка за наследникот на тронот. Шкотска сака да организира референдум за независност до крајот на 2023 година, во Северна Ирска се случи историски пресврт на последните избори со победата на Шин Фејн која работи за обединување со Република Ирска, додека во Велс една четвртина од популацијата е за отцепување од Обединетото Кралство и антипатијата кон новиот крал е највисока. Според анкета од мај годинава, само 45% од Шкотите се согласни за одржување на монархијата, наспроти 60% на ниво на целата држава, додека 36% изјавиле дека смртта на Кралицата би бил вистински момент за прогласување на Република. Актуелниот политички естаблишмент на Шкотска, како и актуелната премиерка Никол Стурџон, не се големи ентузијасти за зачувување на врските со монархијата доколку сонот за независност се претвори во стварност.

Во Северна Ирска ентузијазмот за наследникот на Елизабета е мошне слаб и тоа не само кај Републиканците, туку и кај Унионистите. Проблемите на Белфаст се огромни, што економски после Брегзитот, каде провинцијата го чини Лондон 18 милијарди фунти годишно, што демографски, поради подемот на католичката популација, додека онаа на протестантите нагло опаѓа. Оттука, можноста за референдум за сецесија од Обеденитето Кралство сѐ повеќе расте и во Северна Ирска.

Во Велс сѐ уште не се зборува отворено за референдум за независност, но антипатијата кон Чарлс е огромна и покрај фактот што неговата неодамнешна титула беше „Принц од Велс“. Во изминатите денови беше покрената дури и петиција за аболиција на титулата која сега им припаѓа на Вилијам и Кејт, затоа што на неа се гледа како на историска форма на потчинетост кон Англија. Во секој случај, во Велс постои растечко движење за независност, базирано на силниот велшки идентитет. Доколу во иднина успее сецесијата на Шкотска и Северна Ирска, тогаш мошне веројатно е дека Велс ќе падне во искушение да го следи нивниот пример.

Тоа што важи за државата, важи и за монархијата

Оттука, во периодот што следува Обединетото Кралство ќе се соочи со разгорен патриотизам и шовинизам, нешто што веќе го гледаме за време на долгото збогување од Кралицата. Брегзитот придонесе за влошување на економските состојби и социјалната нееднаквост, додека земјата се соочува со бурен и мрачен период од кој не се гледа брз и лесен излез. Галопирачката инфлација, неизбежната рецесија, високите тензии помеѓу социјалните групи и разните етникуми и нации, само ќе растат во периодот што следува. Без симболичната и обединувачка сила на Кралицата, ќе биде многу потешко да се одржи единството на Обединетото Кралство.

Нема сомнежи дека секое општество се гради и надградува, не само преку фактите, зборовите и структурите, туку и благодарение на едно мноштво од симболи, биле тие културни, политички или општествени. Монархијата, како секоја друга институција или преставник на општествена група, има потреба од својата симболична традиција. Тоа што важи за државата, важи и за монархијата и за секоја институционална група. Затоа што тие се невидливи и мора да бидат персонифицирани со цел да добијат на видливост, симболично претставени за да бидат сакани, замислувани за да бидат сфатени. Елизабета одигра маестрална улога во задачата да биде видена, чуена и сфатена.

- повеќе од авторот: Господ ја чуваше кралицата

Лекција за државите

Се разбира, прашањето дали треба да се задржи одредена форма на владеење, макар и модернизирана, но која секако му припаѓа на минатото, е легитимно прашање. Секој народ и секоја нација, имаат или треба да имаат право, преку самоопределување, да одредат, да одлучат дали и како државата ќе се обнови демократски. И токму затоа, вистинските протагонисти во наредната фаза на монархијата, а тоа важи и за Обединетото Кралство, ќе бидат токму граѓаните – тие ќе одлучат што и како понатаму.

Тука има лекција и за државите, зошто треба да ја надградуваат својата симболика. Симболизмот е автоинтерпретативен процес на она што една земја е, на нејзината историја, нејзината формација и нејзините етички принципи кои ја инспирираат. Уште од Аристотел општествената градба се базира на три елементи: образованието, политиката и фундаменталните закони и политиките и практичното администрирање. Симболите не се суштината, но мора да ја изразуваат. Ако суштината е климава, тогаш симболизмот ќе биде безначаен, или пак инструментален за собирање консензус или корисен за покривање на криминалот и корупцијата.

Оттука, долгиот живот на Кралот, ама и на Републиката, ќе се реализираат само доколку симболите имаат суштина и се стабилно вкотвени во реалноста, ако нивното културно поле е плодно, а личностите кои ја персонифицираат, било државата или монархијата, ќе бидат доследни, одговорни и посветени на службата.