1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Кемал Киличдароглу - човекот кој сака да го собори Ердоган

Бурак Унверен
8 мај 2023

Кемал Киличдароглу е кандидат за кој турската опозиција смета дека би можел да го победи претседателот Реџеп Таип Ердоган на претстојните избори, кои ќе се одржат на 14 мај. Ова е портретот на Кемал Киличдароглу.

https://p.dw.com/p/4OMLk
Кемал Киличдароглу
Кемал Киличдароглу - човекот кој сака да го собори ЕрдоганФотографија: Ercin Erturk/AA/picture alliance

По долго време турската опозиција конечно најде  соодветен противник за претседателот Реџеп Таип Ердоган на претстојните избори. Станува збор за претседателот на Републиканската народна партија (ЦХП), Кемал Киличдароглу, се кандидира како претставник на опозицијата на претседателските избори закажани за 14 мај годинава.

Но, кој е тој човек што треба да му ја одземе моќта на Ердоган, турскиот лидер кој е на власт повеќе од 20 години?

„Бирократ на годината“

Кемал Киличдароглу е роден во 1948 година како дете на државни службеници во село во источниот анадолски регион Тунџели. Потекнува од алевиско семејство. Алевитите се етничко-верско малцинство во Турција. Тој е четврто од седумте деца и единствено во семејството кое што студирало. Дипломирал економија и финансии во Анкара, а својот работен век го започнал во 1971 година како службеник во турското Министерство за финансии. Чекор по чекор кариерата ја градел во турскиот административен апарат и во 1992 година бил назначен за директор на Управата за социјално осигурување (ССК). Во 1994 година, финансиски магазин го прогласи за „бирократ на годината“ - тој се пензионираше во 1999 година.

Реџеп Таип Ердоган претседател Турција
Ердоган на обиколка на Кахраманмарас, град кој неодамна беше погоден од силен земјотресФотографија: Mustafa Kamaci/AA/picture alliance

Отсекогаш бил познат како чесен и доверлив, што не се многу чести карактерни црти на политичарите, особено не на турските. Како бирократ се бореше против корупцијата. Благодарение на долгогодишната работа во осигурителниот сектор, тој наводно се стекнал со способност да најде игла во сено. „Во просторија полна со државни документи, Киличдароглу може брзо да открие неправилности и корупција“, истакнува еден член на ЦХП во интервју за ДВ и додава: „Во исто време, да се остане чесен не е само доблест, туку и должност."

Нова политичка кариера    

Киличдароглу стекна имиџ во јавноста како бирократ кој се бори против корупцијата. Неговата политичка кариера започна кога подготви извештај за корупција на барање на социјалдемократско-кемалистичката ЦХП. Тој извештај доби позитивен одговор од тогашниот претседател на партијата, Дениз Бајкал, и го охрабри Киличдароглу да почне да се занимава со политика. Неговиот прв мандат во турскиот парламент уследи по изборите во 2002 година, годината во која актуелниот претседател Ердоган дојде на власт.

Во 2007 година, тој беше избран за заменик-претседател на Клубот на претставници на ЦХП. Неговото присуство во медиумите значително се зголеми кога објави неколку докази за корупција во земјата. Неговата популарност дополнително се зголеми поради вербалните конфликти со неколку претставници од редовите на исламско-конзервативната партија АКП на Ердоган. Во 2009 година се кандидираше за градоначалник на Истанбул, но загуби од кандидатот на АКП.

Претседател на партијата благодарение на секс скандал

Кога во 2010 година, поради секс скандал, долгогодишниот претседател на ЦХП Дениз Бајкал мораше да ја напушти функцијата, Киличдароглу се кандидираше за позицијата лидер на партијата. На партискиот конгрес ги добил сите 1.189 важечки гласови. Иако мнозинството поддржувачи на ЦХП ја поддржаа неговата кандидатура, неговата популарност оттогаш опадна. Денеска партиската база е поделена по прашањето за Киличдароглу.

Тој стана познат на меѓународно ниво кога пешачеше од Анкара до Истанбул во 2017 година. Тој и неговите приврзаници тргнаа на приближно 420 километри долгиот пат како дел од протестната акција „Марш на правдата“, со која сакаше да се укаже на се почестите репресии од страна на владата на АКП. Причината за 25-дневниот марш беше затворска казна за политичар и новинар на ЦХП, Енис Бербероглу.

„Никогаш не се лутам“

Киличдароглу, кој би можел да стане 13. претседател на Република Турција, е познат и по својата смиреност. Еден од неговите популарни прекари е „Ганди-Кемал“ поради неговата наводна сличност со Махатма Ганди.

Во една прилика тој во интервју изјави дека никогаш не „се лути". Неговата сопруга го потврди тоа со зборовите: „Тој е пријатен и многу мирен. Малку премногу смирен. Кемал никогаш не го повишува гласот, никогаш не вика. Со тој човек не можеш ни да се искараш. Понекогаш ме полудува што е толку мирен“, изјави Селви Киличдароглу.

Претставникот на ЦХП и заменик-претседател на партијата Булент Кушоглу го познава Киличдароглу со години. Да се работи со него изгледа едноставно, но всушност е тешко. Тој е исклучително трпелив, решителен, детален и упорен“, додава Кушоглу во интервју за ДВ.

Покрај тоа, тој се смета за политичар кој бил предмет на најмногу физички напади или атентати во политичката историја на Турција. Досега, меѓу другото, преживеал вооружен напад на курдската милиција ПКК, напад на парламентот и обид за бомбашки напад од страна на терористичката организација „Исламска држава“ за време на неговиот „Марш на правдата“.

Најдобриот кандидат?

И покрај неговиот позитивен имиџ, Киличдароглу со години е критикуван во јавноста дека не е доволно харизматичен за да биде вистинска алтернатива на Ердоган. Неговата кандидатура доведе до раздор во опозициски сојуз составен од шест партии. ЦХП и пет други опозициски партии работат заедно повеќе од една година за да ги зголемат своите шанси на изборите против Ердоган.

Но, таа шестка за малку ќе се претвореше во петка, бидејќи втората по големина опозициска партија Ији се закани дека ќе го напушти сојузот откако беше јасно дека Киличдароглу ќе се кандидира. Претседателката на таа партија, Мерал Акшенер, сметаше дека треба да се кандидира некој што „може да победи против Ердоган". По многубројните задкулисни преговори, страстите во партијата на шестмина се смирија. Акшенер ја поддржа кандидатурата на Киличдароглу. Компромисот беше дека во случај на победа, градоначалниците на Анкара и Истанбул, Мансур Јавас и Екрем Имамоглу, треба да станат „заменици претседатели“. Акшенер ги сметаше Јавас и Имамоглу за подобар избор, бидејќи тие уживаат голема поддршка во општеството. Планот на опозицијата е тие двајца политичари да ја зајакнат кандидатурата на Киличдароглу.

Останатите пет претседатели на партии исто така треба да бидат назначени за „заменици претседатели". Турскиот устав му дозволува на претседателот на државата да именува безброј заменици. Дали несигурното единство на опозицијата ќе биде доволно за изборна победа ќе се види за неколку дена.