Киев нападнат трета ноќ по ред
13 јули 2023Најмалку едно лице загина, а четири се повредени во ноќниот напад со руски беспилотни летала врз главниот град на Украина, Киев, соопштија денеска локалните украински власти.
Дваесетина беспилотни летала од иранско производство беа соборени над воздушниот простор на градот, соопштија киевските воени претставници.
„Успешно изведовме операција за противвоздушна одбрана“, изјави портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Игнат.
„Уништени се 20 беспилотни летала Шахед, сите кои летаа беа соборени. Уништени се и две крстаречки ракети Калибр“, додаде тој.
Тоа беше трета ноќ по ред на напади врз главниот град, кои следеа само неколку часа по завршувањето на самитот на НАТО во Литванија.
Остатоци од беспилотните летала се забележани во пет градски области, а најмалку четири лица со повреди се пренесени во болница.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека едно тело било пронајдено во станбена зграда во областа Подилски, северно од центарот на Киев.
Претходните два дена на самитот на НАТО во Вилнус, поддршката за Западот за Украина беше на врвот на агендата.
На самитот учествуваше и украинскиот претседател, Володимир Зеленски, кој го искористи своето присуство за да го поттикне членството на Украина во Алијансата, но заклучокот од самитот е дека тоа ќе биде можно само „кога сојузниците ќе се договорат и ќе ги исполнат условите“.